1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Алиу: Истрагата за пожарот во Тетово е далеку од завршена

ДТЗ
7 октомври 2021

Се чека вештачењето на германските форензичари - тие треба да кажат дали материјалите од коишто биле изградени модуларните болници се во согласност со препораките на Светската банка.

https://p.dw.com/p/41L77
Nordmazedonien Brand im Krankenhaus in Tetovo
Фотографија: Visar Kryeziu/AP Photo/picture alliance

„Дали покрај кабелот ќе биде виновен и полначот“ - ова е една од многу реакции коишто се појавија во јавноста откако Обвинителството вчера обелодени само еден дел од истражните документи, кој што лоцираше само еден сегмент од истрагата - од каде избувнал пожарот во модуларната ковид болница во Тетово, во која загинаа 14 лица, а 12 беа повредени. Еден месец по трагедијата, премиерот Зоран Заев одлучи да не ги прифати оставките на надлежните, кои што понудија морална одговорност за несреќата. Ваквата одлука ја темели врз основа на извештајот на крим-техника, којшто вчера беше објавен. 

Еден сегмент од истрагата 

Вечерта на 8 септември во тетовската модуларна болница за ковид-пациенти се случи една од најголемите трагедии во историјата на државата. 

Според изјавите на координаторот на ковид-центарот во тетовската болница, Гзим Нуредини „сѐ се случило за 3-5 минути". Но, последиците од неколкуминутнот пожар се далекусежни. По смртта на 14 лица, целиот здравствен систем беше ставен на тест, а довербата во начинот на којшто се градени модуларните болници, беше доведена во прашање. 

Nordmazedonien Brand im Krankenhaus in Tetovo
Вештачењето на МВР причината за ја лоцира како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор.Фотографија: Visar Kryeziu/AP Photo/picture alliance

Вештачењето на МВР причината за пожарот ја лоцира како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат. 

Ваквите сознанија на вештаците се поклопуваат со сведочењата на пациентите и нивни роднини коишто биле присутни во ковид-болницата, а коишто за медиумите раскажаа дека во моментот кога се случил пожарот лекарите се обидувале да реанимираат девојче, кога се случила искра од кабелот на дефибрилаторот, по што пламенот за неколку минути ја проголтал целата модуларна болница. 

„Но, ова е само еден сегмент од истрагата, која што е далеку од завршена“, вели тетовскиот обвинител Бесир Алиу за ДВ. Тој е непријатно изненаден од реакциите во јавноста, коишто алудираат дека веќе е завршена истрагата без да биде лоцирана одговорноста. „Во интерес на јавноста беше објавено вештачењето на МВР, коешто се однесува само на еден дел и дава одговор на прашањето од каде избувнал пожарот. Но, истрагата е многу поширока и пообемна од тоа“, вели Алиу. 

Тој е дел од тимот на петмина обвинители коишто ја водат истрагата за пожарот во ковид-болницата. Веќе една недела тимот е преселен во Скопје, каде сослушува членови на комисии коишто биле надлежни за поставувањето на модуларните болници. Обвинителите го чекаат и вештачењето на германските експерти коишто се вклучија во истрагата. Тие треба да кажат дали материјалите од коишто биле изградени модуларните болници се во согласност со она што биле препорачано од Светската банка. Како може цел објект да изгори за само неколку минути е главното прашање околу коешто се фокусирала истрагата на германските форензирачи коишто по несреќата ја посетија Северна Македонија. 

Техничката спецификација на увид 

Дали материјалите од коишто се изградени ковид-центрите се истите коишто се наведени во техничката спецификација, ќе утврдуваат и домашни вештаци. 

ДВ ја објави проектната листа за модуларната болница во Тетово во која беа наведени надлежностите на централната и локалната власт, како и на првите луѓе на тетовската Клиника.  Министерството за труд и социјална политика заедно со претставници на Светска банка го спроведувале, а локалните власти и директори требало да го контролираат квалитетот и функционалноста на модуларните болници, покажуваат документите до кои дојде Дојче веле. Во план била лесна, брза и монтажна изградба на објекти по принципот клуч на рака. Притоа се користеле ПУР материјали, кои според експертите, не нудат доволна заштита при пожари. 

Umwelt- und Sozialmanagementplan für das Covid Zentrum in Tetovo, Nordmazedonien
Извадок од планот за менаџирање на тетовската болницаФотографија: www.mtsp.gov.mk

Од Општина Тетово тогаш излегоа со тврдење дека тие немале никаква надлежност во фазите од изградбата и контролата на објектот. Документите, како и Светска банка како дел од проектот, потврдуваат дека конкретната одговорност за објектот, по примопредавањето, била на директорот и персоналот во болницата.  

Но, во јавноста се поставија многу дилеми за пожарот во болницата кои се однесуваат на квалитетот на објектот, неговото менаџирање и надлежностите. 

Министерството за здравство, пак, тврдеше дека сите 19 модуларни ковид-болници во државата, вклучително и тетовската, која изгоре во страотен пожар, се типски објекти, градени по највисоки стандарди. Според нив, пропусти во изградбата нема. 

Ковид-центарот во Тетово е проектиран со три влеза, ходниците се широки 2,4 метри, а парапетите на прозорците се ниски во случај на евакуација. Во објектот не е користено дрво и запазени се сите други потребни елементи за заштита, тврдат надлежните. И од велешката компанија „Брако“, која ги изгради модуларните болници во земјава, ги негираа обвинувањата за технички проблеми при изградбата на тетовската модуларна болница. Забелешките кои се појавиле при техничкиот прием, според нив, во најголем дел биле од естетска природа, и никако не можат да се поврзат со несреќата. Компанијата тврди дека уредно биле отстранети во зададениот рок и пред пуштање на болницата во употреба. 

Сведоштво за хаосот во тетовскиот ковид-центар

Но, на 15 април годинава, веднаш по пуштањето во употреба на објектот во Тетово, економскиот директор Артан Етеми се пожали на „ситни пропусти“ и побара фирмата изведувач во рок од 5 дена да ги отстрани. Тој побарал да се поправи подот во ходникот, да се инсталира туш кабина или да се стави заштитна ограда. Тоа и било сторено. Ваквите информации ги потврдија и од Министерството за здравство. Според нив, забелешките се однесувале на силиконирање лајсни на подот, нивелирање на сифон во тоалет, продолжување на дел од олуците и сл. Овие проблеми биле санирани пред да биде пуштен во употреба објектот за хоспитализација на пациенти. 

Што знаеме досега? 

Сериозен проблем којшто беше обелоденет во јавноста по несреќата, е тоа што роднини на заболените од Ковид-19 тврдеа дека им било дозволено да се грижат за своите најблиски во ковид-центарот, а тоа го потврди и Јавното обвинителство кое соопшти дека две од жртвите не биле пациенти во болницата. Станува збор за прекршување, коешто е недозволиво за болничко лекување на заразените од ковид. 

Дојче веле правеше видео репортажа за состојбата во ковид-центарот во Тетово на 2 септември годинава, помалку од една недела пред несреќата. Камерата на нашата новинарка и тогаш забележа присуство на роднини и пријатели на пациентите во објектот. Дел од нив, во скафандери и со целосна заштита, седеа покрај креветите на пациентите. Други слободно се движеа во и околу болницата.
Еве го тоа видео. 

Борба за живот во тетовската болница

По несреќата, дел од директорите на ковид-центрите за ДВ наведоа дека ја засилиле заштитата и вовеле 24 часовен мониторинг, но и дека стриктно се почитува забраната за влез на лица од надвор во модуларните болници. 

Сведоци на трагедијата, за ДВ, исто така тврдеа дека во модуларната болница немало ни противпожарни апарати, па пожарот првично се гаснел со пластични садови за вода. И противпожарни експерти укажуваа дека објектот немал ниту една противпожарна бариера која што би можела да го спречи брзото ширење на огнот. Според нив, ходникот во модуларната болница, послужил за кратко како бариера да не се шири огнот, и на тој начин дел од присутните во објектот успеале навреме да побегнат преку прозорците и да се спасат.  

Nordmazedonien Brand in einem Krankenhaus in der Stadt Tetovo
Вештаците од МВР утврдиле дека откако се појавил пламенот, медицински персонал презел обид за гаснење, но настанало бурно ширење на пожарот по целиот објект.Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Вештаците од МВР утврдиле дека откако се појавил пламенот, медицински персонал презел обид за гаснење, но настанало бурно ширење на пожарот по целиот објект, простирајќи се по кровните панели кон ниските предели на панелните ѕидови и болничкиот инвентар. Со оглед на тоа што сите хоспитализирани пациенти биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, а со тоа и процентуалното присуство на кислород во целиот болнички простор било зголемено, како и поради настанато оштетување на кислородната инсталација во текот на пожарот, огнот се проширил по целиот објект за многу краток временски период. Вештаците сметаат дека кон ова придонел и фактот што во поткровниот простор на објектот не постојат прегради помеѓу модулите / просториите и кон ходникот кои би го успориле пренесувањето на огнот.  

Дополнителни вештачења 

Надлежните добија наредба да ја одземат целокупната документација од болницата, но и од изведувачот на градбата во врска со поставувањето на модуларната болница. Се прават проверки и за евентуални пропусти од страна на одговорните лица во однос на почитување на прописите за заштита при работа и на прописите од областа на противпожарната заштита.  

-повеќе на темата: Што знаеме досега за трагедијата во Тетово: Повеќе прашања од одговори

Лиценциран вештак од Тетово, кој е електроинжењер по струка, треба да врши вештачење на електричната инсталација во модуларната болница, по информацијата дека пред пожарот се појавило искрење, а таков проблем, според сведочењата, забележале и пожарникарите при обидот да се изгасне огнот. На листата на обвинителството се и други бројни вештаци коишто секој од својата област на експертиза ќе треба да дадат одговори зошто се случи трагедијата којашто го зави Тетово во црно. 

Досега се обезбедени и видео-снимки од ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и обезбедување на целокупниот видео-материјал објавен, како од индивидуални поединци, така и од социјалните мрежи. Дел од снимките протекоа и во јавноста веднаш по несреќата. На нив се слушаа страотни лелеци, можеше да се види со каква молскавична брзина се шири огнот, но и како луѓето се обидуваат да избегаат од објектот преку прозорците.