Бесир Алиу: Темелна истрага за пожарот во Тетово
13 септември 2021Тетовското обвинителство интензивно работи на истрага за утврдувањена причините за пожарот во ковид-центарот, во кој имаше голем број жртви и повредени. „Сите други судења се откажани, сите сме фокусирани на овој случај“, вели за ДВ првиот човек на обвинителството, Бесир Алиу.
Тој заедно со уште двајца колеги од обвинителството, засилени со двајца скопски обвинители, изутринава продолжија со сослушување на сведоците за трагедијата во Тетово, каде огнената стихија одзема 14 животи во ковид-центарот. Се повикуваат лекари и членови на семејствата на загинатите, се разговара со оние коишто успеаја да се спасат од огнот, се издаваат наредби за вештачења, се разгледува документацијата за изградбата и одржувањето на модуларната болница. За неколку дена се очекува во истрагата активно да се вклучат и експерти од Германија. Станува збор за форензичари од Германија, коишто првиот човек на тетовското обвинителство, очекува активно да се вклучат во истрагата.
„Форензичарите од Германија се уште не извршиле увид, најавите се дека ќе дојдат во наредните денови“, вели Алиу.
Неофицијалните најави се дека форензичарите треба да пристигнат во среда, откако викендов беа испратени офицери од Германија, за да ги обезбедат сите неопходни информации пред доаѓањето на форензичарите од Германија. Експертскиот тим е дел од Бундескриминаламт или Сојузната криминалистичка полиција (БКА) чиј делокруг на работа е токму во национална и меѓународна соработка, истраги, истражувања и развој. БКА е со висока експертиза во поддршката при истраги, особено во делот на форензички науки, ДНК анализи, електронски истраги и идентификација.
Вештачења на електричната инсталација
Лиценциран вештак од Тетово, кој е електроинжењер по струка, ќе врши вештачење на електричната инсталација во модуларната болница, по информацијата дека пред пожарот се појавило искрење, а таков проблем, според сведочењата, забележале и пожарникарите при обидот да се изгасне огнот. На листата на обвинителството се најдоа и други бројни вештаци коишто секој од својата област на експертиза ќе треба да дадат одговори зошто се случи трагедијата којашто го зави Тетово во црно.
„Ќе бидеме транспарентни за секој аспект од истрагата. Ќе спроведеме темелна и сеопфатна истрагата, за која што е потребно време“, вели Алиу.
Обезбедени се и видео-снимки од ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и обезбедување на целокупниот видео-материјал објавен, како од индивидуални поединци, така и од социјалните мрежи. Снимките се вештачат по издадени наредби од обвинителството и се очекува извештаите од нивната анализа да помогнат во расчистување на настанот.
Дел од снимките деновиве протекоа и во јавноста. На нив се слушаат страотни лелеци, можеше да се види со каква молскавична брзина се шири огнот, но и како луѓето се обидуваат да избегаат од објектот преку прозорците.
-повеќе на темата: Што знаеме досега за трагедијата во Тетово: Повеќе прашања од одговори
Надлежните добија наредба и да ја одземат целокупната документација од болницата, но и од изведувачот на градбата во врска со поставувањето на модуларната болница. Се прават проверки и за евентуални пропусти од страна на одговорните лица во однос на почитување на прописите за заштита при работа и на прописите од областа на противпожарната заштита.
Во истрагата ќе биде побарана стручна помош од Дирекција за заштита и спасување, полицијата, вешти лица од областа на електротехниката, како и претставници на ЕВН Македонија и нивни вешти лица, за да се утврдат причините за трагичниот настан.
Погледнете го и ова сведоштво за трагедијата во Тетово: