1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обвинителството бара најтешка казна за Радован Караџиќ

Џевад Сабљаковиќ / Александар Методијев29 септември 2014

Обвинителот на Хашкиот трибунал, во завршниот поднесок пред денешните завршни зборови, побара долгогодишна затворска казна за поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, поради геноцид во БиХ.

https://p.dw.com/p/1DMVn
Фотографија: AP

Застапниците на тужбата во својот поднесок истакнуваат дека доказите кои ги извеле потврдуваат дека обвинетиот бил најмоќна личност во воена Република Српска, дека творбата е основана на негова иницијатива, како и нејзините органи на власт и вооружените сили, со цел да се направи етничко чистење во Босна и Херцеговина. Според обвинителите, насислството над бошњачкото и хрватското население во седум општини во БиХ достигнало размери на геноцид, кој кулминирал во осмата општина - Сребреница, во чиј регион се убиени 8.000 заробени Бошњаци. Артилериската и снајперска опсада на Сараево во сите четири години од војната може само да го поткрепи барањето за најтешка казна, е ставот на обвинителството.

Во завршните зборови, кои почнуваат денеска, обвинителите предводени од Алан Тигер ќе му го образложат на судскиот совет своето барање. По обвинителите завршни зборови ќе изнесе и обвинетиот, кој како што се очекува ќе побара ослободителна пресуда.

Флоранс Артман: На Караџиќ и Младиќ требаше заедно да им се суди

„Доживотниот затвор, кој го побара обвинителството, е единствената соодветна казна за Караџиќ, но ни најтешка казна според статутот на Хашкиот трибунал, ниту она што ќе го изречат обвинителите во завршните зборови нема во целост да го задоволи долгогодишното очекување на целокупната јавност“, оценува Флоранс Артман, поранешна портпаролка на главниот обвинител на Хашкиот трибунал.

Frankreich Niederlande Florence Hartmann Geldbuße für Ex-Sprecherin des Jugoslawien-Tribunals
Флоранс Артман: Дали геноцидната намера постоела уште од почетокот на судирот во 1992 година?Фотографија: picture alliance / dpa

„И во земјите на поранешна Југославија и во Европа се очекуваше целосно расветлување на улогата на Радован Караџиќ во остварувањето на злосторничката политика, која тој ја формулираше заедно со другите учесници во злосторничкиот потфат. Ненадоместлив недостаток е што Караџиќ не беше изведен на обвинителната клупа заедно со Ратко Младиќ. Единствено така би била целосно расветлена нивната заедничка улога. Одвоеното судење му овозможи на Младиќ да одбие да сведочи на судењето на Караџиќ. Уште помалку на судењето се расветли односот на Караџиќ со Слободан Милошевиќ, а најмалку со режимот на Пале и Државната безбедност на Србија, на чие чело беше Јовица Станишиќ. На пример, на судењето не е предочено за што разговараа Караџиќ и Станишиќ на состанокот на Пале на деветти јули 1995 година, во очи на самиот напад на Сребреница и геноцидот кој следуваше“, вели Артман.

Дали геноцидната намера постоела од 1992 година?

Ratko Mladic und Radovan Karadzic Fahndungsplakat 2002
Aртман смета дека на Караџиќ и Младиќ не требаше да им се суди одвоеноФотографија: picture alliance/dpa

Според нејзиното мислење, уште едно прашање се наметна на судењето на Караџиќ, а тоа е дали геноцидната намера постоела уште од почетокот на судирот во 1992 година и дали таа политика е доведена до реализација во Сребреница во јули 1995 година.

„Политичките лидери ретко кога така јасно ги изразуваат геноцидните намери, како што Караџиќ тоа јавно го направи во очи на војната во БиХ, во есента 1991 година. Прашањето е како судиите таквите негови изјави ги поврзуваа со доказите предочени на судењето. Престанува да се види како советот ќе ги оцени таквите политички изјави - како геноцидна намера или празна фраза. Многу е значајно дали судскиот совет ќе има храброст да го препознае геноцидот како процес кој почна со помал интензитет, за да се засили кога ќе се укаже прилика. На судиите е да оценат дали геноцидот кој се случи во Сребреница е само врв на таа политика или тој бил повеќегодишен процес, кој Кaраџиќ го најави пред да почнат судирите“, вели Артман.

Во обвинението се наведени седум општини во кои злосторствата имаа облик на геноцид. „Меѓутоа, судскиот совет не прифати изведување докази за масовната гробница Томашица. Позната е воздржаноста на хашките судии, не само за овој предмет, туку воопшто“, вели Артман и додава дека затоа уште во 1992 година не препознале почеток на извршување на геноцидни намери со злосторствата во Подриње, општина Приједор.

Караџиќ бараше имунитет

Да потсетиме, Караџиќ е уапсен во Белград во јули 2008 година, по 13 години сокривања и бегство од меѓународната правда тој беше спроведен во притвор во Хашкиот трибунал. Обвинет е за геноцид и злосторства против човештвото. Судењето му почна на 26 октомври 2009 година. Обвинителите го завршија изведувањето на доказите во мај 2012 година, бидејќи се изведени 195 сведоци. Караџиќ ја застапуваше сопствената одбрана. Меѓу октомври 2012 и февруари 2014 година, тој изведе 238 сведоци во своја одбрана.

Srebrenica - ein Tag danach
На судењето не е предочено за што разговарале Караџиќ и Станишиќ на состанокот во Пале пред нападот на Сребреница и геноцидот кој следувашеФотографија: DW/E.Musli

Обвинителството го обвинува Караџиќ за четири здружени злосторнички потфати. Прв е геноцидот во Сребреница во 1995 година. Второто, најтешко воено злосторство е направено во 1992 година, кои во седум босанскохерцеговски општини се оквалификувани како геноцид. Третото е артилерискиот и снајперски терор над граѓаните на Сараево во текот на целата војна. И четвртото - земањето на припадниците на силите на ОН за заложници и жив штит во пролетта 1995 година.

Од почетокот на судската постапка Караџиќ бараше запирање на судењето, наведувајќи дека тој со поранешниот државен секретар на САД Ричард Холбрук во јули 1996 година склучил договор за имунитет. Според тој наводен договор, Караџиќ се повлекол од функцијата претседател на Република Српска и од политичкиот живот, а Холбрук му гарантирал дека ќе биде поштеден од судење во Хашкиот трибунал. Судскиот совет го одби барањето за имунитет, но на крајот на доказната постапка на одбраната заклучи дека наводите за можниот договор со Холбрук можат да имаат извесна релевантност за одмерување на казната.

По денешните завршни зборови, се очекува пресудата да биде донесена во „разумен рок“. Според Хашкиот трибунал, тој разумен рок би требало да биде крајот на летото или почетокот на есента следната година.