Објавени резултатите од парламентарните избори во Авганистан
13 ноември 2005Меѓу 249-мината пратеници ќе има многу познати имиња на воени команданти од времето на борбата против советските трупи, како и претставници на соборените Талибанци. Сепак, изборот на Парламент од 18-ти септември може да се смета за голем чекор во развојот на демократијата во Авганистан – се согласуваат меѓународните набљудувачи.
На Изборната комисија во Кабул и‘ беа потребни речиси два месеца за да ги објави конечните и официјални резултати од парламентарните избори. Целиот процес траеше подолго од предвиденото, меѓу другото и поради испитувањето на жалбите за манипулација во повеќе изборни единици.
По проверката на сите жалби во списокот парламентарци може да се најдат бројни воени команданти и шефови на вооружени милиции, кои ќе ја сочинуваат отприлика половината од сите пратеници. Меѓу нив е и Абдул Расул Сајаф, кому му се префрлаше за кршење на човековите права:
„Кога го спасувавме светот од заканата на Црвената армија, каде беа тогаш задршките? Во тоа време бевме големи јунаци, а сега одеднаш треба да бидеме злосторници!?„ – се прашува Сајаф.
И претседателот Хамид Карзаи ги отфрли критиките на сметка на крвавото минато на одделни кандидати:
„Ако ги избрал авганистанскиот народ по пат на фер и слободни избори, тогаш се народни пратеници и мораат да го добијат стекнатото место во Парламентот.„
Меѓу избраните има меѓутоа и многумина потполно непознати имиња за јавноста, самостојни кандидати, претставници на граѓанското општество во Авганистан. Освен тоа повеќе од една четвртина од пратениците се жени:
„Не‘ очекува сјајна иднина, бидејќи авганистанските жени покажаа сила, како и желба да се вклучат во обновата и реформите во земјата„ – изјави Шукрија Бракзаи, борец за човекови права и новинарка од Кабул.
Спецификум на првите слободни парламентарни избори во Авганистан беше отсуството на политички партии. Затоа е сега нејасно какви мнозински соодноси ќе се создадат по одделни прашања. Тие во секој случај нема да изменат многу во односот на силите на политичката сцена, бидејќи претседателот игра голема и важна улога. А тој беше избран пред една година и формира влада, чија работа ќе ја контролира идниот парламент. Карзаи при тоа нагласува дека се радува да има силен парламент, како сојузник во реформите и обновата на земјата.
Со парлемантарните избори е завршен планот за Авганистан што беше донесе на меѓународната конференција во Петерсберг кај Бон кон крајот на 2001-та година. Но, ангажманот на меѓународната заедница останува и понатаму неопходен и тоа на долг рок – тоа го знаат и ОН и авганистанската влада!