Овластувањата на најмоќниот државник во светот
Шефот на Белата куќа има најголема моќ во светската политика – барем така се верува. Но, дали е навистина така? Овластувањата на претседателот на САД се ограничени. И други актери играат важна улога.
Така вели Уставот...
Претседателскиот мандат во САД трае четири години, а претседателот може да биде реизбран само еднаш. Тој е шеф на државата и шеф на владата, односно управува со извршната власт. Задача на претседателот е да ги спроведува законите изгласани од Конгресот. Претседателот како највисок дипломат може да прима странски амбасадори и на тој начин да признава држави.
Кој кого контролира?
Трите власти - законодавната, извршната и судската - се поделени и се контролираат меѓусебно. Претседателот има право да помилува осуденици и да ги назначува федералните судии, министрите во кабинетите и амбасадорите на САД - но само со согласност на Сенатот. Ова е еден од механизмите со кои законодавната власт ги контролира активностите на извршната власт.
„State of the Union“
Американскиот претседател е должен редовно да го информира Конгресот за состојбата на државата. Тоа го прави ова во годишниот „говор за состојбата на нацијата“ („State of the Union“). Претседателот нема право да предлага закони на Конгресот, но за време на говорот може да наведе своите теми и приоритети. Со тоа тој може јавно да врши притисок врз Конгресот. Но, ништо повеќе од тоа.
Претседателско вето
Претседателот може да одбие да потпише закон донесен од Конгресот и тоа всушност неговото право на вето. Конгресот може да го отфрли претседателското вето само доколку обезбеди двотретинско мнозинство во двата дома на парламентот. Во историјата на САД се познати 1.500 случаи на претседателски вета. Од нив, само 111 (7%), биле успешно надгласани.
Сива зона
Уставот на САД и одлуките на Врховниот суд не даваат јасна слика за тоа колкава моќ има претседателот. Всушност, претседателот има право на уште еден вид вето, познато како "џебно вето". Под одредени услови, претседателот може одреден закон да со „стави во торба“ и со тоа тој станува неважечки. Овој тип на вето не може да биде надгласано во Конгресот. Овој трик бил користен скоро 1.000 пати.
Наредби со сила на закон
Претседателот на САД на членовите на владата може да им наметне одреден начин на однесување. Тој издава препораки, т.н „извршни наредби“ (Executive Orders), имаат сила на закон. Сепак, тоа не значи дека на претседателот сè му е дозволено: судовите можат да ги поништат наредбите, Конгресот - да ги сопре со соодветни контра закони, а следниот претседател може да ги укине.
Конгрес...
Претседателот има право да склучува договори со странски влади, кои потоа треба да бидат одобрени со мнозинство во Сенатот. Ова може да се избегне, ако наместо договор претседателот склучи еден вид меѓувладин договор т.е. „извршен договор“ (Executive Agreement). Ваквите договори се валидни се додека Конгресот не ги оспори или не ги укине со закон.
Кој може да објави војна?
Претседателот е врховен командант на вооружените сили на САД, но војна може да објавува само Конгресот. Сепак не е многу јасно колку војска смее да испраќа претседателот во вооружените конфликти без одобрение на Конгресот. По војната во Виетнам, Конгресот го усвои следново правило: претседателот може да ги користи надлежностите се додека Конгресот не ги оспори.
Ултимативна контрола
Ако претседателот ги надмине или злоупотреби овластувањата или изврши кривично дело, Претставничкиот дом, против него може да отпочне процедура за отстранување од должноста. Досега имало два такви обиди, но и двата завршиле несупешно. Сепак, постои многу ефикасен инструмент за да се сопре претседателското самоволие: тоа намалувањето на буџетот – што е во надлежност на Конгресот.