Од Азија кон Европа: Походот на заштитните маски против коронавирус
Прво важеа за неефикасни и збунувачки, но се‘ повеќе земји во меѓувреме воведуваат правило за носење заштитни маски против ширењето на коронавирусот. За победоносниот поход на маските, започнат во Азија.
Ракавици, мобилен телефон, заштитна маска
Дали и во Германија ќе се воведе обврска за носење заштитна маска? По консеквентната употреба во Азија, институтот Роберт Кох препорача нејзино носење и во Германија. Јена е првиот град кој ја водведе оваа мерка, од 6 април во супермаркетите и јавниот сообраќај таму таа е задолжителна. Како заштита се прифаќа и шал или марамче на устата.
Подарок за пожарникарите
Со оглед на големиот недостиг на заштитни маски, луѓето и институциите се снаоѓаат и сами. На Јутјуб и на Твитер под хаштагот „maskeauf“ многумина демонстрираат колку е едноставно да се изработи маска. Меѓу нив е и професионалната шивачка од Државниот театар Котбус, Керстин Бохов. Маските кои ги изработува оваа костимографка се наменети за пожарникарската служба и за Црвениот крст во Германија.
Плетени маски
Уметничката Манша Фридрих плете маски за заштита од коронавирус. Нејзините маски се украсени со мотиви на насмеани лица, животни, сонце. Внатрешната страна на маските може да се менува. Уметничката од Хановер не дозволува корона-кризата да ѝ го расипе расположението.
Во тон
Чешка и Словачка се отидени чекор понапред, таму уште на средината на март е воведена обврска за носење заштитни маски. Оној кој влегува во супермаркет или градски превоз, мора да носи маска. Словачката претседателка Зузана Чапутова и премиерот Игор Матович предничат со добар пример. И Австрија во меѓувреме воведе обврска за носење маски во супермаркет.
Будење на пролетта во Кина
Во Кина заштитните маски одамна се задолжителни за граѓаните. Оваа двојка, без оглед на кризата со коронавирус и ригидните контроли, не сака да се откаже од романтика. Двајцата занесено танцуваат на пролетното сонце и сигурно забораваат на сите останати околу себе.
Израел не дозволува исклучоци
И во Израел во сила се драстични ограничувања на движењето, кои ги воведе премиерот Бенјамин Нетанјаху, а се контролирани од полицијата и од војската. Кон нив мора да се придржуваат и ортодоксните Евреи. Во квартот Меа Шерим во Ерусалим, еден вооружен полицаец му наложува на својот ултраортодоксен сограѓанин да се прибере дома.
Уметност во Појасот Газа
Во густо населениот Појас Газа, уметниците се обидуваат да ги мотивираат граѓаните. Во квартот Шујаија, тие украсуваат заштитни маски со различни мотиви. Владата во Појасот Газа воведе ограничување за движењето на населението и забрана за одржување на сите манифестации. И т.н. „Марш на враќањето“, кој секоја година преку масовни протести се одржува на границата кон Израел, годинава е откажан.
Колумбиски „силници“
Во Колумбија на маските доминираат драстични и впечатливи мотиви. Вилиците на маските на двајцата полицајци се чини се инспирирани од колосот Хулк. Хулк е главната фигура во стрипот на Стен Ли и Џек Кирби, објавен во 1962 година. Приказната за неверојатниот Хулк е адаптирана во бројни филмови и серии.
Макрон ќе се справува со недостигот од маски
Францускиот претседател посети фабрика за производство на заштитна облека и маски во Сент-Бартоломи д‘Анжу. Стотици лекари ја критикуваат владата што не набави доволни количини заштитна облека во време на епидемијата на коронавирус, но многумина од нив сепак работат, дури и без заштита. Емануел Макрон планира потребата од заштитна опрема да ја покрие со домашно производство до крајот на годинава.