1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од запалениот ферибот се спасени половина од патниците

Тилман Клајнјунг / Е.М. Фиданоска29 декември 2014

Фериботот „Норман Атлантик“ се‘ уште гори. Цела ноќ морнарицата и крајбрежната стража спасуваа луѓе од пожарот, за кој причините се‘ уште не се јасни.

https://p.dw.com/p/1EB3h
Фотографија: Reuters/Marina Militare

Хеликоптерите на италијанската и грчката крајбрежна стража и морнарица летаа цела ноќ, и покрај темницата, и покрај бурата. Извлекуваа патник по патник од палубата на „Норман Атлантик“ и ги пренесуваа на брод во близината. Капетанот Рикардо Рицото од италијанската морнарица изјави: „Извлекувањето на луѓето е можно само со хеликоптери. Хеликоптерите на морнарицата се опремени со апарати за ноќно гледање, па можевме да продолжиме со операцијата на спасување и во текот на ноќта.“

Акцијата е тешка и компликувана. До раните утрински часови денеска (29.12) спасувачите на сигурно извлекоа повеќе од 220 патници. Товарен брод со 49 лица е на пат за Бари. Во меѓувреме, на горната палуба на „Норман Атлантик“ се спуштија екипи за спасување и медицински персонал, за да им помогнат на луѓето кои се‘ уште чекаат да бидат извлечени од фериботот. На спас се‘ уште чекаат околу 250 луѓе.

Во 4 часот и триесет минути вчераутро капетанот на фериботот Аргиљо Џакомаци алармираше дека избил пожар. Фериботот, на кој се наоѓаа вкупно 422 патници и 56 членови на екипажот, а требаше од Патрас да стигне во Анкона, пловеше неспособен за маневрирање некаде во Средоземјето меѓу Грција, Албанија и Италија. Еден од патниците раскажува:

Brand auf Fähre in der Adria Norman Atlantic 28.12.2014
Фотографија: Reuters/Marina Militare

„Гореше долу, во просторот за складирање. Во 3 часот и 30 минути моравме сите да излеземе, без предупредување, беше ужасно студено. На почетокот немавме помош. Првите хеликоптери дојдоа околу 13 часот и земаа неколкумина од патниците. И на бродовите за спасување можеа да се качат само малкумина, зашто сите беа блокирани.“

Во текот на денот координацијата на акцијата за спасување ја презеде Командната централа на крајбрежната стража во Рим. Главен проблем - лошото време. Затоа патниците не можеа да се качат на бродовите за спасување, затоа другите бродови не можеа да се прицврстат за „Норман Атлантик“. Раководителот со акцијата, Џовани Петорино, објасни: „Временските услови го отежнуваат спасувањето. Брановите се високи 5-6 метри, јачината на ветрот е над 50 јазли. Многу е неповолно.“

Еден човек почина обидувајќи се да се спаси скокајќи в море. Неговотот тело е пренесно во Бриндизи вчеравечер (28.12). Дел од патниците се премрзнати и имаат проблеми со дишењето поради труење од чадот. Првите патници кои беа спасени со хеликоптери и однесени на безбедно, односно префрлени во болница на италијанско копно, се една бремена жена и две полуголи, искиснати деца. Лекарот Антонио Палумбо сепак охрабрува: „Клиничките наоди се недвосмислено добри. Посебно кај децата немаше никаков критичен момент. Гинеколозите известуваат дека и мајката наскоро ќе биде отпуштена.“

Brand auf Fähre in der Adria Norman Atlantic 29.12.2014 Rettung
Акцијата за спасување траеше цела ноќФотографија: Reuters/Marina Militare

На фериботот „Норман Атлантик“ се наоѓаа пред се‘ туристи и возачи на камиони. Меѓу патниците има и 18 Германци. Пожарот, како што се вели, избил во делот каде што биле сместени возилата. Патниците тврдат дека на фериботот имало невообичаено многу транспортери на маслиново масло.

„Имаше премногу камиони полни со масло. Сигурно имаше повеќе од 100 камиони со масло. Тие беа зафатени од пожар и околу два часот попладнето можеше да се види како од топлината се топи дури и подот“, изјави еден од патниците.

На „Норман Атлантик“ непосредно пред несреќата биле утврдени недостатоци. На технички преглед направен на 19 декември, меѓу другото, утврдено било дека вратите за заштита од пожар не се сосема во ред. Меѓутоа, италијанскиот бродосопственик Карло Висентини соопшти дека фербитот бил во сосема добра состојба за пловење и дека вратите за заштита од пожар биле поправени веднаш по констатираните проблеми.