Анатомија на (не)одговорноста
10 април 2021На 9 февруари 2015 година почина Тамара Димовска, девојче кое од здравствениот систем во Македонија каде беше осигуреник не дочека дозвола и помош за операција на р’бетот во странство.
Шест години по нејзината смрт, судскиот процес за овој случај не е завршен. Политичка одговорност не понесе никој. Префлањето надлежности и одговорности, сега во судските одаи, сѐ уште трае.
Изминатиот вторник во штипската болница почина Златко Божинов од кратовското село Емирица , откако институциите на системот за чие функционирање плаќал даноци како и сите граѓани, не му помогнаа во критичните моменти за неговиот живот.
Политичка одговорност сѐ уште нема. Префрлањето на надлежности и одговорности допрва почнува.
Заеднички именител на двата случаи е (не)одговорноста.
Постои една алатка во системскиот бизнис коучинг која нуди одличен илустративен приказ на два концепта на однесување. Се вика скала на одговорноста (Ladder of accountability) и се користи како еден вид на дијагностика за тоа каде е позициониран секој член на тимот или системот.
Поделена е на горен и долен дел, секој со по четири скалила, а на половината има замислена линија која одвојува два различни концепта во размислувањето и однесувањето:
- нештата ми се случуваат на мене;
- нештата се случуваат поради мене
Преземање одговорност
Во концептот „нештата ми се случуваат на мене“, личноста ги делегира моќта, контролата и одговорноста на друго место, се однесува како жртва.
Кај концептот „нештата се случуваат поради мене“, поединецот ја презема одговорноста, заедно со контролата и моќта.
Најниското скалило на „Скалата на одговорност“ опишува концепт на размислување и делување каде личноста ги негира и игнорира проблемот и реалноста. На второто скалило, личноста е свесна за реалноста, но ги обвинува другите и отфрла сопствена одговорност.
Повеќе:
-По смртта на овчарот, системот за управување со кризи на ремонт
-Овчарот се бори за живот, институциите си ја префрлаат топката за одговорноста
-Ги слушна ли некој лелеците на мајката од Кратово?
Третата скала го опишува однесувањето на изнаоѓање изговори и оправдувања, а однесувањето опишано за четвртата скала е чекање и надеж дека проблемот сам од себе или некој друг ќе го реши.
На петтата скала, која е прва од „горното“ ниво, на одговорно однесување, реалноста се прифаќа. Потоа е шестата скала, каде личноста покрај реалноста ја прифаќа и одговорноста и зазема став кон предизвикот. На седмата е опишано однесување на активно трагање по решенија или барање на помош за да се дојде до решение. На осмото ниво личноста е посветена на решавање на проблемот и успешно надминување на препреките. Патот на решавање на проблемот е вредно искуство без оглед на исходот.
Токму со концептот на одговорно однесување може да се опише делувањето на лекарот Павле Зафиров, кој по повикот за лекарска помош на лице во недостапното село Емирица, не само што ја прифатил реалноста, ја презел одговорноста, туку и активно барал решение и се посветил да го реши проблемот и да го донесе Божинов во штипската болница за да му се пружи соодветна помош. Каде за жал и почина.
Постапките на Зафиров не е толку корисно да ги гледаме како херојско дело, колку што е важно да станат пример за концепт на размислување и делување кое помага за функционирање на системот. Брзата Помош во Кратово го има како ресурс во своите редови. За жал, мнозинството службеници во институциите за чија функционалност граѓаните плаќаат даноци, делуваат на ниво помеѓу првата скала на игнорирање на проблемот и четвртата, чекање проблемот магично да исчезне и да се тргне „од нивниот врат“. Како што се однесувал службеникот од Службата за заштита и спасување, градоначалникот или владата која ако ја оставила пожарната без соодветна опрема, има погрешни приоритети во инвестирање на парите на граѓаните.
За жал таквиот модус операнди нема да се измени со изрекување дисциплинска мерка кон еден службеник.
Ќе се измени со промена на патернот на размислување и делување. Од „нештата ми се случуваат на мене“, кон „нештата се случуваат поради мене“.
За почеток, преземање на политичка одговорност ќе беше акт кон менување на сегашниот начин на делување и размислување.
Лекарот Зафиров можел лесно да најде илјадници оправдувања (непристапен терен, нереспонзивни институции, неповолно време). Но тој ги употребил сите свои ресурси кон изнаоѓање на решение. Ако се ограничиме на неговото знаење на лекар, Зафиров можел само да изрече дијагноза и да заврши неговата надлежност. Но тој ги употребил сите вештини, таленти, знаење и искуство за да направи носилка, сошие ќебе и да го пренесе со физичка сила пациентот до место каде ќе му се пружи соодветна нега.
Фокус кон решенија
За функционалноста на системот, покрај прифаќање на одговорноста, битен елемент е и фокусот кон решенија наместо кон проблемот.
Кога на еден состанок од половина час во институција или компанија би се трошело 5 минути на објаснување на проблемот и 25 минути за размислување кон решенија, ќе се поттикне промена на свеста кон превземање на одговорност и соочување со предизвиците.
Оттука, наместо да остане на дисциплински мерки, трагичниот случај со Божинов е можеби добар повод за една колективна саморефлексија, како ја користиме моќта, кои ни се приоритетите, дали имаме контролата врз нашите постапки и одлуки и конечно, дали ја преземаме одговорноста за нив?
За луѓе како Зафиров да станат мнозинство, а не исклучок, не се доволни поединечни подвизи и делување. Услов е учество на сите алки во системот кои креираат политики.
Ако политичките лидери комуницираат и делуваат на ниво на меѓусебни обвинувања, изговори и непреземање на одговорност, промени тешко ќе се случат.
Ако избраните функционери делат дисциплински казни наместо суштински промени, далеку сме од висина на задачата.
Ако медиумите го „поддржуваат“ таквиот начин на делување преку пасивно пренесување на она што е кажано на прес- конференции без да го вклучат граѓанскиот интерес во сториите и не трагаат и инсистираат на решенија, промени нема да има.
Луѓе како Зафиров Македонија има многу. Но не се мнозинство.
Ако не се случат промени во свеста кон одговорно делување и размислување со фокус на решенија наместо кон проблеми, поединците кои се вреден ресурс кон такви промени ќе колабираат од умор и донкихотска битка со нефункционалноста на институциите предводени од мнозинството неодговорни службеници.
Засега, во корист на позитивни промени зборува бројката од 1.700 споделувања на постот на Зафиров, 6.400 лајкови и 650 коментари. Тоа покажува дека бројот на самосвесни граѓани кои се однесуваат одговорно и го полнат буџетот, станува сѐ поголема оние што тој буџет го трошат спротивно на интересите на заедницата.
Тоа охрабрува дека концептот на клиентелизам и неодговорно политичко однесување ќе биде дебело предизвикан од сѐ поголем број на луѓе кои нема да се согласат да ја делегираат одговорноста на управување и право на располагање со заедничките пари, на група на луѓе кои тоа го злоупотребуваат.
Во годината кога за Македонија не е приоритет да се опремат службите кои директно спасуваат граѓани со соодветна опрема и луѓе, во повеќе градови во Германија, Холандија и Британија се отстранија семафорите и сообраќајните знаци од улиците.
Во тие земји децата од мали нозе преку образовниот систем се учат дека се одговорни поединци од чие делување зависи функционирањето на заедницата. Во градовите без семафори властите веруваат во одговорно однесување на своите граѓани. Таквиот експеримент веќе дава позитивни ефекти и по безбедноста во сообраќајот и поголема ефикасност во транспоротот.
Кога кај нас оние што се самопрогласуваат за „ненадлежни“ или „недостапни“ би се нашле на тие улици, само можеме да го замислиме текот на сообраќајот и безбедноста по сите нас.
Авторот е системски тренер за организациски развој, тренер за личен развој, психолог и поранешен новинар