Одеса-буре барут на Црното Море
7 мај 2014Луѓето во Одеса се без зборови. По „црниот петок“ има се‘уште повеќе прашања од одговори-како на 2 мај можеше да се случи таква катастрофа. Во судирите на тој ден меѓу проруските и проукраинските активисти во јужноукраинскиот град загинаа околу 40 луѓе. Најголем дел од жртвите настрадаа во пожарот во Домот на синдикатите. Истражители од странство терба да помогнат во откривањето на вистината, соопшти вчера (06.05) украинскиот министер за внатрешни работи, Арсен Аваков.
За разлика од источноукраинскиот регион Доњецк и Луганск, каде вооружените проруски активисти и натаму контролираат повеќе градови и административни згради, се чинеше дека во Одеса е мирно. Во секој случај, немаше борби во кои би биле употребени воени хеликоптери и оклопни возила.
Истрели од оружје наместо фрлање јајца
Но, под површината уште одамна вриело. Веќе на 1 мај непознати лица го симнале сино-жолтото украинско државно знаме од зградата на регионалната управа и го замениле со знамето на регионот. Но, властите повторно го вратиле украинското знаме. Малку познатата проруска организација „Млада едниница“ побара референдум за поголема автономија на регионот. Водачот на организацијата, 28-годишниот Антон Давидченко, во средината на март бил уапсен од страна на украинската тајна служба СБУ. Тој се наоѓа во истражен затвор.
На средината на април беше објавено дека проруските сили во Одеса, слично како и на Крим, прогласиле т.н. Народна република. Но, веста еден ден подоцна беше демантирана. Барањето гласело - само поголема автономија на регионот, во рамките на Украина, изјавија активисти. Тоа го потврдија и анкетите: три четвртини од луѓето во регионот Одеса (78 проценти), според меѓународниот Институт за социологија во Киев, одбиваат приклучување кон Русија, а само 7 проценти се „за“. Анкетата беше спроведена по барање на киевскиот неделник „Ѕеркало тушња“ и објавена на средината на април.
Со месеци во Одеса речиси секоја недела има демонстрации како на проруските, така и на проукраинските активисти. Но, на нив секогаш учествуваат само по неколку стотици до неколку илјади луѓе. До неодамна немаше судири. Но, ситуацијата драматично се промени. Наместо како минатите недели, противниците меѓусебно да се гаѓаат со јајца, на 2 мај пукаа од огнено оружје. На интернет во меѓувреме се објавени закани со смрт.
„Бисер на Црното Море“
Многу нешта укажуваат дека по Доњецк и Луганск, сега и Одеса може да се претвори во следно жариште. За тоа постојат историски, економски и воени причини. Слично како и украинскиот полуостров Крим, што Русија го анектираше во март, Одеса игра голема улога во руската историја. Градот, основан во 1794 година од царицата Катарина Велика, брзо се развил во трговска метропола. Одеса со своите плажи во бројни руски песни се опева како „бисер на Црното Море“. Украинците сочинуваат две третини од населението, околу 30 проценти во милионскиот град се етнички Руси.
Одеса е третиот по големина град во Украина и најважното црноморско пристаниште во земјата. Од тука се транспортираат најважаните извозни пратки како пченица, челични производи и јаглен во целиот свет. Овде почнува нафтоводот кој води до источна Украина. Преку него всушност треба да биде транспортиран касписката нафта кон Европа. Но, досега беше користен само во спротивниот правец за руската нафта. Во Одеса треба да се изгради и терминал за течесн гас. Така владата во Киев сака да стане што понезависна од рускиот гас. Крајно, Одеса има и воено значење, По губењето на базата во севастопол на Крим, Одеса треба да биде новата поморска база за украинската морнарица.
Страв од руската „клешта“
Сето тоа е сега доведено во опасност, ако украинската влада ја загуби контролата над Одеса. Експертите во Киев предупредуваат дека загуба на Одеса за земјата ќе има потешки последици отколку заканувачката загуба на источна Украина.
Украинските медиуми јавуваат дека стотици проруски активисти се стигнати во Одеса со автобуси и возови од Крим. Нивната задача е да ја дестабилизираат ситуацијата во црноморската метропола. Многу луѓе во Одеса со загриженост гледаат и во правец на само околу сто километри оддалечената Транснистрија. Во регионот, отцепен од Република Молдавија, се стационирани руски војници. Така, Москва од Транснистрија и од Крим може Одеса, а дури и целата јужна Украина, да ја „вклешти“. Борбата за Одеса во следните денови може да биде уште пожестока.