Одземање пасоши на германските ИД-борци
4 март 2019Министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер и министерката за правда Катарина Барли постигнале согласност за одземање на државјанството на борците на Исламска држава (ИД) кои имаат две државјанста, кои се полнолетни и кои во моментов не се затворени, јавија весникот „Зиддојче цајтунг“ и радио-телевизиите НДР и ВДР. Правилото не би требало да важи за борците на екстремистичката милиција кои се веќе во затвор.
Веќе сега во Германија може да им се одземе државјанството на лица кои доброволно и без согласност на Министерството за одбрана им се приклучуваат на странски воени сили. Сега ваквиот закон би требало да биде дополнет, се вели во извештајот на трите медиуми.
Во моментов околу 70 исламисти од Германија кои ѝ се имаат приклучено на терористичката милиција Исламска држава во текот на изминатите години, се наоѓаат во затвори во северна Сирија, Ирак, Турција и Грција. Меѓу нив има повеќе од десетина мажи и жени кои покрај германското, имаат и друго државјанство. Американскиот претседател Доналд Трамп од Европејците побара да си ги земат назад 800-те заробени борци на ИД и да ги изведат пред суд.
Дискусиите за државјанставата траат од 2014 година. Во коалицискиот договор од минатата пролет партиите на Унијата и СПД веќе постигнаа согласност за донесување вакво правило.
Министерството за правда, сепак, информира дека во предлог законот има уште работи кои треба да се расчистат, како на пример прашањето - дали да им се одземе државјанството и на децата под петгодишна возраст чии родители противправно стекнале германско државјанство, на пример преку измама. Досега во овој дел важи правилото на правна проценка. Министерката Барли изрази увереност дека со Зехофер ќе најде заеднички јазик околу овој проблем.