1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одмаздата и казната во ЕУ... и Македонија

5 октомври 2019

Писмото на четворицата врвни европски функционери покажува дека очигледно има некаков проблем ЕУ да го исполни она што самата го вети во јуни. Дали датумот може да се изгуби во игрите на бриселскиот свет?

https://p.dw.com/p/3QlVP
Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Дали датумот за Македонија (и Албанија) може да влезе во тајните, па и јавни, одмазднички игри во Европската Унија? Не кон Македонија, се разбира, туку во заткулисната пресметка за влијание и моќ, колку на главните европски лидери, толку и на најголемите политички групи во Европскиот парламент. Наспроти сиот оптимизам од многу страни дека датумот за почеток на преговори за Македонија е речиси апсолвирана работа (особено по одлуката на германскиот парламент) работите не се онакви како што на прв поглед изгледаат. И тука најмалку има влијание состојбата со владеењето на правото во нашата земја и други нешта што се наведуваат да сме ги исполниле за да изгледаме како полнолетна западна демократија.

Тоа на многу илустративен начин и со забележлива ораторска вештина го кажа поранешниот претседател на Европскиот парламент, Германецот Мартин Шулц, на конференцијата на „Економист“ во Скопје околу европската иднина на Западен Балкан. Шулц смета дека ЕУ за десетина дена треба да испорача датум за почеток на преговорите со Македонија и Албанија, за веднаш да фрли грст сомнежи. „Да, дефинитивно тоа треба да биде така. Мислам дека како личности треба да си ги одржиме нашите ветувања, а особено во политичкиот живот. Меѓутоа, моето искуство по три децении работа во европските институции и европската политика ми кажува дека ништо не може да предвидиме. Така што, не знам што ќе се случи“, по малку резигнирано изјави Шулц.

Nordmazedonien Westbalkangipfel in Skopje Zoran Zaev, Alexis Tsipras und Martin Schulz
Мартин Шулц (д.), на конференцијата на „Економист“ во Скопје околу европската иднина на Западен БалканФотографија: DW/P. Stojanovski

Очигледно дека во играта на европските политички слонови има голема шанса уште еднаш да бидат изгазени Македонија и Албанија (како што се случи во јуни), па интервенцијата на четворицата најважни европски функционери - претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, претседателот на Еввропската комисија, Жан-Клод Јункер, и избраната претседателка на новата Комисија, Урсула фон дер Лајен – до нивните колеги, националните европски лидери, Унијата да ги испорача своите ветувања, покажува дека има некаков проблем. „Северна Македонија и Албанија го направија она што ние го баравме да го направат... Нема гаранција за успех. Ќе има уште многу тешка работа на реформите на патот. Членството нема да се случи преку ноќ... Паралелно, ЕУ-соработката ќе мора да се продлабочи заедно додека се шири... Ние веруваме дека сега е време да се отворат преговорите за пристап со двете земји“ – напишаа четворицата врвни функционери во изјава каква што речиси немало за вакво прашање последниве дваесетина години.

Знак за предупредување? Знак за отрезнување? Или знак за тревога дека Европа со нејзините постапки може да делува длабоко демотивациски во земјите што се целосно европски ориентирани. Веројатно оваа изјава има цел да го намали влијанието што врз датумот за преговори го имаат големите подземни игри што се случуваат во Брисел пред комплетирањето на целосната нова постава на европските институции. Македонија тоа речиси и да не го следи – освен одбивањето на Правниот комитет на Европскиот парламент да даде зелено светло за унгарскиот кандидат за комесар за проширувње, Ласло Трочањи, па јавноста има скудни, дури и ампутирани информации за настаните во Брисел.

Други колумни од авторот:

Изморени од кризата

За што се одговорни новинарите

Одмазда за Макрон?

Кога во јуни на инсистирање на Франција и Холандија беше решено одлуката за датумот за преговори да се донесе „не подоцна од октомври 2019“, многумина велеа дека тоа може да биде многу лош тајминг. Во јуни европските лидери се престројуваа по изборите кои донесоа раздробен парламент, францускиот претседател Емануел Макрон беше во поход да го урне принципот на spitzenkandidat при изборот на претседателот на Европската комисија и најпосле тоа му успеа. Сега сослушувањето на номинираните кандидати за еврокомесари донесе дополнителна драма во која за некои од политичките групи дојде моментот за одмазда.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Случајот на Трочањи  е дел од тој циркус (иако неговото досие како министер за правда во владата на Виктор Орбан е само по себе работа за голем сомнеж), но она што се случуваше со Силвие Гулар, жената што Макрон ја предложи како француски кандидат за портфолиото со огромни овластувања - од внатрешниот пазар, преку одбраната до дигитализацијата, ја покажува комплицираноста на европскиот свет во Брисел. Гулар три часа одговараше на прашања на пратениците од четири комитети и тоа на прашања кои беа главно поврзани со интегритетот отколку за супстанцата на нејзината работа. Гулар одговараше течно на четири јазици, но тоа не беше доволно да го убеди мнозинството пратеници дека го поминала тестот. Таа треба да даде и пишани одговори на дополнителни прашања, а можеби ќе треба и ново сослушување.

Дијапазонот на нападите врз Гулар, како што јавија добро информираните во европските работи „Политико“ и „Еурактив“, беше политички мотивиран. Двете најголеми политички групи, Европската народна партија (ЕПП) и социјалдемократите, бараат некаква одмазда кон Макрон по уривањето на принципот spitzenkandidat, кој беше нивна измислица и по отфрлањето на нивните двајца кандидати, Унгарецот Трочањи и Романката Рована Плумб. Сецирањето на Гулар одеше преку прашањата за нејзината соработка со познатиот американски тинк-тенк Бергруен институт кога била европратеник и како правен советник и за тоа добивала 10.000 евра месечно. Потоа, преку истрагата за исплатата на 45.000 евра за нејзините лични асистенти во истото време додека била европратеник. Поради оваа истрага таа беше принудена да поднесе оставка на функцијата министер за одбрана во 2017 година. Потоа таа ги врати тие пари во паралемнтот, но истрагата во Франција и на ОЛАФ, европскиот антикорупциски чувар, не е завршена. Кога беше запрашана зошто за такво сомневање таа поднела оставка, таа одговори дека во Франција тоа било обичај, но дека тоа не важи за институциите во ЕУ.

Кога германскиот европратеник Кристијан Ехлер, член на ЦДУ, ја праша Гулар дали таа не е „женски Херкул“ бидејќи ќе менаџира три генерални директорати на Комисијата, таа му одговори на германски: „Wir schaffen das“ (Ние можеме да го направиме тоа) повторувајќи ги прочуените зборови на Ангела Меркел при отворањето на германските граници за мигрантите на врвот на бегалската криза. Ваквите асоцијации не им се допаднаа на членовите на ЕПП, па беше одложена и конфирмaцијата на нејзината функција.

Brüssel EU-Parlament | Sylvie Goulard, Binnenmarktkommissarin
Силви Гулар три часа одговараше на прашања на европратениците од четири комитети и тоа на прашања кои беа главно поврзани со интегритетот отколку за супстанцата на нејзината работаФотографија: Reuters/F. Walschaerts

Либерална оска

Сосема е јасно дека доколку Силвие Гулар биде отфрлена, тоа ќе биде сериозно посрамотување за Емануел Макрон, кој ја вложи сета енергија и притисок за таа да го добие ова огромно портфолио чија основна задача ќе биде да го надгледува внатрешниот пазар. Ова портфолио е дел од агендата на Макрон и на неговата европска политичка група Обнова на Европа за реинвентирање на ЕУ и нејзините институции.

Има ли тоа врска со одложувањето на одлуката на советот на амбасадорите во ЕУ наречен Корепер во средата околу датумот за Македонија? Само наивните би помислиле дека нема. Францускиот амбасадор наводно изјавил дека одлуката за датумот ќе ја донесел лично Макрон кога тој ќе оценел – дали на министерскиот состанок на 15 или на самитот на 17 октомври уште не било јасно. Ваквото префрлање на одговорноста за европската перспектива на регионот и потребата на „Унијата да гледа во иднината“ (како што напишаа во изјавата четврицата врвни функционери) кај само еден човек изгледа претерано за една голема европска демократија. Повеќе изгледа дека Макрон чека како ќе помине номинацијата на Гулар во парламентот и да се пазари, меѓу другото, и за датумот за преговори за Македонија.

Не изгледа случајно ни тоа дека главниот поддржувач за неговата позиција е холандскиот премиер Марк Руте (неговата амбивалентна изјава на пресот со Меркел пред некој ден е со слична интонација), кој е член на истата либерална политичка група во Европскиот параламент. Сега се спомнува дека и Белгија покажувала колебање – и тамошниот премир Шарл Мишел (кој е веќе избран за нов претседател на Европскиот совет) е дел од таа либерална оска Париз-Брисел-Хаг. Холандскиот парламент во вторник пак треба да расправа за датумот за Македонија и Албанија, а во среда амбасадорите во ЕУ можеби повторно ќе ја отворат темата. 

Се разбира, ништо големо не може да се договори во ЕУ без заемно разбирање меѓу Берлин и Париз, па одлуката на Бундестагот да го поддржи датумот за Македонија и Албанија може да се толкува како подготвка за она за што треба да се согласи Макрон. А во меѓувреме да се спуштат тензиите околу Силвие Гулар. Сослушувањата на номинираните кандидати треба да завршат на 17 октомври, а на 23 октомври новата Европска комисија треба да оди во целина на гласање во Европскиот парламент.

UN-Klimagipfel New York | Emmanuel Macron, Frankreich
Oдлуката за датумот ќе ја донесел лично Макрон кога тој ќе оценел?Фотографија: Reuters/C. Allegri

Наредните денови Урсула фон дер Лајен треба да се изјасни дали го прифаќа новиот кандидат за комесар за проширување што го предложи унгарската влада, Оливер Вархелји. И неговата номинација е влезена во политичките игри. Ако на Ласло Трочањи му се забележуваше дека како министер за правда бил верен извршител на Орбан во подјармувањето на судството, прогонот на Централноевропскиот универзитет и ограничувањето на слободата на медиумите, во бриселскиот свет сега се пишува дека на Вархелји (дипломат од кариера и сегашен амбасадор на Унгарија во ЕУ) му недостига стил за менаџмент. Сите му признаваат дека бил врвен интелект и прилично способен дипломат, но забележуваат дека имал груб начин на раководење – дека им викал и ги пцуел подредените, дека бил непримерно борбен на амбасадорските средби и удирал со рака по масата. Дека тоа негово однесување било целосно во спротивност со она што Лајен го напиша во писмото до номинираните кандидати – дека од нив бара отворен, инклузивен и кооперативен начин на работа; да се однесуваат како еден тим. И можеби уште поважното – дека тој е екстремно лојален кон Виктор Орбан и дека така се однесувал и кога беше на важни функции во Европската комисија: помалку го интересирале приоритетите на ЕУ како нејзин функционер, а повеќе желбите на владата во Будимпешта. И ова е дел од бриселските одмазди за она што Орбан го правеше против ЕУ, и околу мигрантите и околу владеењето на правото.

Изгледа дека Македонија веќе нема што да направи до 15 октомври (веројатно беше пропуштена шансата да се задоволи француската гордост и претседателот Стево Пендаровски да замине на погребот на Жак Ширак – најголемиот пријател на Македонија од сите француски претседатели). Сега одлуката за датумот во најголема мерка зависи од исходот на бриселските политички игри.

Можеби затоа проширувањето не е наведено во официјалниот дневен ред за самитот на 17 и 18 октомври. Тоа само посредно се споменува во реченицата – „Во зависност од настаните лидерите на ЕУ може да разговараат и за надворешнополитички прашања“.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар