1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Можеше ли да се избегне крвопролевањето?

Матијас фон Хајн
6 септември 2017

Десет дена Олимписките игри во Минхен беа „весели игри". Тогаш се случи тероризам. Несоодветна реакција на властите и лошо изведена акција за ослободување на заложниците водеа кон фијаско. Какви поуки извлече Германија?

https://p.dw.com/p/2jQfy
Bildergalerie Olympia 1972 in München Bildergalerie
Фотографија: AP/AP/dapd

„Весели" требаше да бидат XX Олимписки игри. Своевиден „Фестивал на мирот" требаше да се слави во Минхен таа 1972 година. И новите градежни зафати на минхенскиот Олимпија парк требаше да придонесат кон менување на сликата од минатото. Четврт век по катастрофата од ВторатасСветска војна предизвикана од нацистите, ништо не требаше да потсетува на пропагандната машинерија на Берлинските игри од 1936 година. Целта беше на светот да му се претстави една демократска, модерна Германија.

Десет дена овие игри навистина беа шарени, радосни и весели. Се до утрото на 5 септември кога во 4.35, осуммина членови на палестинската терористичка група „Црн септември" упаднаа во делот каде што беше сместена израелската олимписка репрезентација. Нивното барање гласеше: „Ослободување на 232 палестински затвореници во Израел, на двајцата германски терористи Андреас Бадер и Улрике Мајнхоф како и на јапонскиот терорист Козо Окамото".


Германските преговорачи има намера да попуштат, но Израел тоа категорично го одби. Премиерот Голда Меир појасни: „Ако попуштиме, тогаш ниту еден Израелец било каде во светот нема да се чуствува безбеден." На крајот на денот, по една катастрофално лошо испланирана спасувачка акција загинаа единаесет израелски спортисти, петмина терористи и еден полицаец. Овој настан беше екранизиран во 2005 година во Холивуд, во филмот на Стивен Спилберг, политичкиот трилер „Минхен“.

По ова фијаско, тогашниот прв човек на полицијата во Минхен, Манфред Шрајбер призна: „Ниту од технички ниту од човечки аспект не бевме подготвени за вакво нешто, особено поради фактот што тоа требаше да бидат мировни игри во една слободна и мирна Германија."

Игнорирани предупредувања
 

Но, требаше да бидат подготвени. Историчарот Матијас Далке од Берлин во разговор за Дојче Веле посочува дека тогашното време било засенето со многу терористички напади: „Грабнување на авиони беше речиси секојдневие," вели Далке. Терористички активности спроведуваше северноирската организација ИРА; ЕТА во Франција и Шпанија, во Италија десничарски и левичарски терористи, а конфликтниот Блиски Исток беше терен за палестински тероризам.


Поради сето ова, минхенскиот полициски психолог Георг Зајберт пред почетокот на Олимписките игри, со неговиот тим разви 26 сценарија за можни терористички напади. Сценариото со број 21 беше најблиску до она што навистина се случи – во него се работеше за терористички напад врз израелски спортист во рани утрински часови. Во разговор за ДВ, Зајберт се присетува дека не бил единствениот кој предупредил од вакво нешто: „Разни разузнавачки агенции од Америка до Кина предупредија: ‘Слушнавме дека нешто вакво се подготвува и ќе биде изведено на тој и тој начин."

Овој, денес 82-годишен сведок на настаните има тешки обвинувања, пред се против тогашниот прв човек на полицијата Шрајбер. Тој, како комесар на Националниот олимписки комитет беше одговорен за безбедноста на Олимписките игри. Шрајбер постојано ги игнорирал предупредувањата со истата реплика: „ Ќе ви го цитирам буквално. Секој ден добиваме разно разни предупредувања. Ако треба сите да ги обработуваме, ќе мора да ги одложиме олимписките игри за 20 години."
 

Olympia Attentat von München 1972
Фотографија: dapd

Георг Зајберт предложил, поради безбедносни причини спортистите во Олимписките села да бидат сместени според спортски дисциплини, а не по националост, но планот не успеал поради отпор од спортските функционери.

Комуникациски хаос со пренос во живо

Неподготвениот олимписки Михен се удави во една терористичка катастрофа од меѓународни размери. Денес, 45 години подоцна, во ова комуникациско време, сето ова изгледа апсурдно. Но, за историчарот Далке е јасно: конфузната ситуација со размена на информации била главен проблем. „Различни штабови толку лошо комуницираа меѓу себе, така што дел од снајперистите кои на крајот беа вклучени во акцијата не знаеја колку терористи им се цел – иако на други места бројот точно се знаеше," објаснува Далке.

Имаше и многу штабови – со нејасни одговорности: „Имаше еден политички штаб, еден полициски, повеќе ад-хок групи, кои се состануваа и советуваа. Секако, од тоа не произлезе никаков план, " раскажува историчарот. Ситуацијата беше отежната и поради тоа што во сојузна Германија, покраините се одговорни за безбедноста во сопствената покраина, во тоа време многу повеќе споредено со денес. Конфликтот со надлежности меѓу Сојузот и покраините беше уште една причина за несоодветната реакција и неуспехот на властите.

Лошата комуникација беше една од главните причини за неуспешната полициска акција. Дополнително, медиумските куќи одиграа важна улога: како извор на информации за терористите. Не само што не им беше исклучена струјата на терористите, туку ни медиумите и новинарите не беа отстранети од Олимпиското село. Така можеше во живо да се гледа пренос како се носат снајперисти во израелскиот дел од селото, поради што планираната ослободителна акција мораше да се прекине.

Несмасен обид за ослободување
 

Deutschland München - Attentat Olympia '72: Der Ort der Geisel-Festsetzung
Фотографија: dpa/picture alliance

Целосно фијаско се случува вечерта за време на планираната акција за ослободување на заложниците на воениот аеродром Фирстенфелдбрук. Се чини дека властите ги прифатиле барањата на терористите, заедно со заложниците да ги пренесат во Каиро. Со два хеликоптера се пренесуваат до авионот кој ги чека. Само пет снајперисти се на позиции, бидејќи – како што изјави Далке – не знаат дека се соочуваат со осум терористи. Исто така, тие се лошо опремени и немаат радио станици за контакт за да можат да се координираат меѓу себе.

Кога на знак на баварскиот министер за внатрешни работи отвораат оган, започнува двочасовна престрелка. Оклопните возила наменети за заштита на полицајците, стасуваат подоцна. Во тој момент еден од терористите фрла рачна граната во еден од хеликоптерите при што страдаат заложнците кои се наоѓаат во него. Израелските спортисти во другиот хеликоптер се погодени од куршуми. Преживеаја само тројца атентатори. Но, неколку недели подоцна тие се ослободени по грабнување на авион на Луфтханза, што разбирливо предизвика вознемиреност и критики од Израел.

Да биде катастрофата поголема, владиниот портпарол Конрад Алерс, вечерта објави погрешна информација дека акцијата за ослободување е успешна. Дури неколку часа подоцна беше објавена вистината за несреќниот исход и жртвите.
По еднодневен прекин на игрите и комеморација, тогашниот претседател на Олимпискиот комитет, Авери Брундаж го објави продолжението на игрите со реченицата „Игрите мора да продолжат."

Последица: ГСГ 9

Bildergalerie Olympia 1972 in München Bildergalerie
Фотографија: AP/AP/dapd

Најважната внатрешно-политичка „последица“ од атентатите беше основање на таканареченото Безбедносно тело за заштита на границите 9 или скратено, ГСГ 9, на 26 септември 1972 година, само три недели по атентатите. Оваа специјална група на германската полиција има за цел да се бори против тероризмот и форми на насилен криминал. Оваа група имаше огнено крштевање, пет години подоцна за време на ослободување на заложнци од грабнат авион на Луфханза.

Но, никој од властите не понесе лична одговорност за неуспешната акција. Како што пишуваше магазинот „Шпигел“ во 2012 година насоките веќе биле дадени од Министерството за надворешни работи уште на 7 сепмеври таа година: „Мора да се избегнат меѓусебни обвинувања и самокритика." Манфред Шрајбер останува прв човек на полицијата во Минхен до 1983 година, а потоа напредува во кариерата во Министерството за внатрешни работи. Полицискиот психолог, Георг Зајберт си даде оставка уште на 5 септември и престана да работи за полиција.