„Олуја“- Треба да се дозволат различни наративи
5 август 2019ДВ: Особено сега кога се одбележува годишнината од „Олуја“ се има впечаток дека актуелната култура на сеќавање во Хрватска повеќе служи за да се зацементираат постоечките разлики отколу во насока на нивно надминување?
Весна Тершелиќ: „Олуја“ служи за зацврстување на наративот кој во Хрватска е запишан во Декларацијата за татковинската војна – постои една доминантна и единствено исправна интерпретација за војната од 1991 до 1995 година која се наметнува во општеството и медумите. Се очекува истата да се користи и во уметноста, а особено во медиумите. Од 2000та кога Декларацијата е усвоена во хрватскиот Сабор, тоа прераснува во единствената интерпретација која се комуницира. Во јавноста пак се продлабочуваат поделбите. Како што поминува времето, не површина излегуваат се повеќе факти поради што се јавуваат и други интерпретации на настаните. Тоа е апсолутно добредојдено и нема потреба некои утврдени факти да се интерпретираат само на еден начин. Особено карактеристична е милитаризацијата на тој наратив. Главната улога ја имаат војниците, а настраданите, особено цивилните жртви се оставени на страна. Организациите за човекови права се повеќе нагласуваат дека во моментите на одбележување на годинишницата треба да се вклучат и приказните на оние кои настрадале, но поголемиот дел од медиумите го игнорираат тоа. Во Хрватска често се говори за достоинството на Татковинската војна, а не за човековото достоинство. Мене ми е непоимливо да размислувам за достоинство на една војна. Жртвите се занемарени, а се глорифицира насилството, поради што не е едноставно да се создаде простор за почитување на човековите права и за животот на цивилите. Сето ова постојано се турка настрана за да се ослободи простор за милитаризираниот наратив.
Дали тоа значи дека е проблем што во одбележувањето на „Олуја“ акцентот е ставен на аспектот победа?
За што точно се работи се гледа и во името на државниот празник – „Ден на татковинска благодарност – ден на хрватските бранители." Акцентот би можел да се стави на благодарноста бидејќи со тоа е ставен крај на вооружениот дел од војната. Во овој дел би се опфатиле сите, и оние од едната и оние од другата страна. Во прослава на победа не може да се идентификуваат сите. Разбирливо ова понатаму служи како мотив за продолжение на поларизацијата. Како што одминува времето се појасно е дека нема никаква заедничка интерпретација – тоа се гледа и во физички одвоените манифестации за одбележување на „Олуја“. Едните слават победа, другите одбележуваат страдање. Потребен е некаков облик на заедничко одбележување во кое би имало простор за паметење и на победата, но и на жртвите. Но воопшто не се работеше на тоа. Така сега имаме два дена – во Хрватска и Србија и тоа е конечно фиксирано. Деновите за паметење станаа денови за ретрауматизација што се гледа и во одбележувањето на “Олуја“ како и во одбележувањето на падот на Вуковар. Кога би имало похуман однос кон мртвите и би се признале страдањата на луѓе од различни националности во различо време и тоа би било знак дека работите ќе се менуваат на подобро. Но се уште сме далеку од тоа.
Во Хрватска се зaбележуваат тенденци на историски ревизионизам и редефинирање на историјата. Со која цел?
Од 1990 година во средиштето на наративот за Втората светска војна во Хрватска се појавува нов термин: Хрватска војска. Во тоа спаѓаат и домобрани и усташи, две во основа различни воени формации. Обете соработувале со нацистите и фашистите, но домобраните во поголемиот дел биле мобилизирани без идеолошка жестокост, за разлика од усташите. Домобраните може да се споредат со Вермахтот и Третиот рајх, додека усташите биле поблиски со ССовците и Гестапо.
Усташите од самиот почеток најавија насилство како облик на нивното делување и во моментот кога дојдоа на власт почнаа со масовни убиства, пред се на Србите во Хрватска. Тоа во 90те почна да се турка во заборав, а во средиштето на наративот одеднаш се појави хрватската војска. Партизаните пред се се прикажуваат како оние кои на Блајбург од освета ги масакрираат припадниците на таа војска. Ликвидациите се секако аполутно неприфатливи и според денешните податоци тогаш биле убиени околу 80.000 луѓе, иако со новите истражувања тој број може многу да се зголеми.
Во времето на социјалистичка Југославија процесот се нормализира и пред се е насочен на окупаторите – Германија и Италија. Она што не беше решено во времето на Титова Југославија го реши граѓанската војна. За оваа димензија речиси ништо не е направено, не се утврдени ни фактите за масакрите, ниту од страна на усташите или четниците и другите колаборанти, а уште помалку од страна на партизаните. За тоа воопшто не смееше ни да се зборува. Особено голем проблем е тоа што семејствата на убиените немаа никаква информација. Правото на гроб е нешто за коешто се уште се водат спорови и тоа е една од причините на сегашните тензии.
За изградба на довербата клучно е да им се одадде важност на сите убиени и оние кои страдале под различни околности, исто како што е важно да се утврдат сторителите на злосторствата. Технички тоа денес е возможно, но поради острата политичка поларизација невозможно е да се афирмира тој вид на говор.
Дали е слична ситуацијата погледната од аспект на „Олуја“?
Се е контаминирано, со огромни поделби кои датираат уште од Втората светска војна. Во Хрватска често колоквијално се вели дека мора да се престане да се зборува за усташите и партизаните, но тоа е невозможно во ситуација во која се одбива критичко согледување на историјата. Втората светска војна симблично се уште не завршена и се бара решение како да се зборува за тоа, особено како да се зборува за деведесеттите години. Метафорите многу слободно се интепретираат. Во Хрватска не постои ниту консензус кој веќе го има во поголемиот дел земји од Европска унија за важноста на победата на антифашистичката коалиција во Втората светска војна, што е втемелено во ЕУ како суштински мировен потфат со што се надминуваат разликите во име на новата соработка.
Критичко размислување за минатото, особено во однос на најстрашните злосторства е гаранција за развој и демократизација. Во Хрватска, а ни во постјугословенските општества, ние не ни успеваме да и ставиме крај на традицијата на војување, ни преминот од војна во мир.
Дали Хрватска може сама да излезе на крај со ова прашање или и е потреба помош однадвор?
Ниту една земја не може сама да се справи со последиците од геноцидот. Во последно време се повеќе историчари од Германија и други земји докторираат на теми од историјата од овие простори од времето на Втората светска војна. Тие имаат напишано многу интересни дела и верувам дека тоа на долг рок ќе биде од голема помош. Исто така и во Хрватска има се повеќе истражувања и анализи кои внесуваат нови сознанија и гледишта кои нема да може така лесно да бидат заобиколени без оглед на ревизионистичките тенденции. Но, особено е важно дека младите историчари од другите земји сега го учат и овој јазик, без разлика како го викаат. Тоа е важно и поради геноцидот во Сребреница, бидејќи последиците од геноцидот не може да се совладаат и да се надминат само во рамките на една земја. А тоа е клучно за траумата да не се пренесува постојано од генерација на генерација.
Дали тоа значи дека без помош од надвор нема можност да се воспостави заеднички наратив?
Според мене заедничката рамка треба да се ограничи на големи теми, како што е историјата на Втората светска војна. Но внатре во тие рамки има и спротивставени толкувања. Тоа е дел од демократската култура. Јас се залагам за мултиперспективност. Треба да се прифати дека постојат различни наративи се додека тие се темелат на факти. Но, во Хрватска има обид да се задуши критичкиот пристап.
Весна Тершелиќ е мировен активист, основач и координатор на Антивоената кампања во Хрватска, а во 1998 годи заедно со Катарина Крухоња од Осјек ја добива Алтернативната Нобелова награда за мир. Таа е основач и директор на здружението „Документа – Центар за соочување со минатото“ од Загреб.