Омикрон: Зошто не смееме да се опуштиме?
6 јануари 2022Темата „масовно инфицирање" сѐ почесто се појавува во дебатите за Ковид-19, особено откако откако се појави сојот Омикрон на Сарс-Ков-2 вирусот. Но, на што точно се мисли?
Најважното на почеток. „Масовно инфицирање е страшен поим”, вели Тобијас Курт, директор на Институтот за јавно здравје во берлинската клиника Шарите и професор за јавно здравје и епидемиологија. „Всушност, се работи за темелна имуност", додава тој.
Клучното прашање, просто кажано, е ако сега се заразат сѐ повеќе луѓе со коронавирус, дали не може едноставно да се надеваме на тоа дека во еден момент секој ќе ја има прележано короната и населението ќе стане имуно? Дали да седиме со скрстени раци и само да гледаме што ќе се случи?
Министерот за здравствои епидемиолог Карл Лаутербах вели дека тоа не е исправно. „Да се дозволи масовно инфицирање не е опција”, вели тој во интервју за НТВ. „Омикрон веројатно нема толку тежок тек како Делта варијантата, но сепак ќе има и луѓе со трајни штети и последици од него”, вели Лаутербах. Темелниот имунитет кој според Курт треба да ни биде во фокусот, кај едно население настанува кога имуниот систем на најголемиот дел луѓе е отпорен на вирусот, но не само со прележување, туку и со вакцинирање.
Цел: да се избегнат нови тешки бранови на болеста
„Клучно е да се активира имуниот систем или преку контакт со вирусот или со вакцина", објаснува Курт. „Се надеваме дека во некој момент ќе има доволен број луѓе кои имале таков контакт и дека многу ретко ќе доаѓа до тешка форма на болеста и преголем број луѓе истовремено заразени од Ковид-19”.
Кога ќе отпаднат таквите бранови, кои во пандемијата постојано ги ставаа здравствените системи во светот во тесно, тогаш и вирусот веќе ќе биде ендемски, како на пример грипот.
Тешко е да се процени кога може да очекуваме тоа да се случи, бидејќи реакцијата на имуниот систем на вирусот е нестабилна. И веќе прележани може повторно да се заразат. Се случува и пробивање на заштитата од вирусот, особено кога се појавуваат нови соеви. За среќа, имуниот систем и тогаш „се потсетува” до одреден степен на претходниот контакт со вирусот и реагира на начин што болеста најчесто поминува во полесна форма.
Контакт на имуниот систем со нов сој „може да си го замислите како кога среќавате некој кој зборува на дијалект”, објаснува пластично Курт. „Кога зборувам литературно германски може да се разберам и на баварски, иако не го разбирам 100 процентно”, вели Курт.
Масовното инфицирање е опасно за невакцинирани, но и за вакцинираните
Но, за да реагира имуниот систем така на еден „дијалект”, мора претходно да бил во контакт со вирусот или вакцината. Во Германија, според Роберт Кох институтот, околу 15,5% од возрасната популација уште немаат примено ни прва доза. Во некои сојузни покраини цифрата е дури 25%.
Тие лица во такво сценарио би биле изложени на висок ризик. „Ако едноставно допуштиме да се заразат луѓето со Омикрон, поради големиот број инфицирани висока ќе биде и цифрата на болните”, предупредува Курт.
Такво сценарио е ризично и за деца и млади - од 12 до 17 годишните во Германија околу 40% воопшто не се вакцинирани. Кај нив и кај уште помалите деца болеста најчесто поминува без потешки симптоми. Но, експертите предупредуваат дека уште не се согледливи долгорочните последици. Затоа и младите треба најдобро што можат да се штитат од вирусот. Курт нагласува дека дури и вакцинираните не треба многу да се опуштаат. „Дури и прележан и вакциниран може, иако ретко се случува, да заболи повторно и потешко. Со вирусот е како да играш руски рулет", вели епидемиологот.
Затоа тој ја отфрла опцијата да се допушти масовното инфицирање и додава дека „ризикот е преголем”.