1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасни игри на патот до правдата

27 септември 2016

Објавувањето на наводни разговори на домашни функционери преку социјалните мрежи, е вовед во опасни игри кои го компромитираат институционалниот пат до правдата, предупредуваат аналитичари.

https://p.dw.com/p/2QcjU
Bundespolizeiinspektion (Symbolbild)
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

Кој стои зад Пронто.мк? Оваа страница на Фејсбук, на која во минатите денови беа објавувани наводни разговори на лидерот на ДУИ Али Ахмети и на неговите сопартијци Муса Џафери и Ермира Мехмети, во изминатите денови ја крена политичката температура, но изостанаа какви било јавни реакции. По неколкудневен молк, табу-темата се отвори вчера, откако во собраниска расправа беше посочено дека дел од приватни разговори неконтролирано се вртат на социјалните мрежи. Засега се шират непотврдени информации дека разговорите се пласираат од Косово, бидејќи најпрвин на Фејсбук-страница „Кос 2016“, а потоа и на „Пронто“ биле објавени разговори меѓу косовски функционери. Сега под слично име, на „Пронто.мк“ се објавуваат и наводни разговори меѓу албански функционери од Македонија. 

„Со ова како смислено да се дава насока за сомневање дека лицата кои стојат позади овие снимки се од Косово или поврзани со Косово. Тоа е детал кој ниту може да се отфрли однапред, ниту да се прифати како доказ со кој одговорноста се префрла врз лица од Косово, наместо на овдешните заинтересирани страни“, вели аналитичарот Арсим Зеколи.

Präsidentschaftswahlen in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Партиски обвинувања

Според она што е објавено во неколку наврати, се добива впечаток дека фокусот е ставен врз ДУИ, односно врз Али Ахмети и Муса Џафери. ДУИ очекува МВР, СЈО и Јавното обвинителство да го расветлат случајот, а од полицијата уверуваат дека се дадени насоки да се истражи кој ги постирал разговорите и со каква цел. Дел од провладините медиуми, пак, прстот веќе го вперија во СДСМ. 

„Нарачаните текстови по курирски медиуми и пуштањето прислушувани разговори по косовски медиуми, се очигледно масло на ВМРО-ДПМНЕ, на нарачателите на прислушувањето во Македонија - обвинетиот Груевски и осомничените Мијалков и Јанкулоска“, одговори на ваквите обвинувања пратеникот и портпарол на СДСМ, Петре Шилегов.

Тој потенцира дека сите разговори од „Вистината за Македонија“ што ги поседувал СДСМ се предадени во Специјалното јавно обвинителство.

„Предупредивме дека нарачателите на прислушувањето - Груевски, Мијалков и соработниците, ќе се обидат да користат материјали што ги поседуваат за уцени за разни цели и тоа сега се покажува со пораките што очигледно му ги праќаат на коалицискиот партнер Ахмети. Ако фамилијата мисли дека со овој потег влева несигурност кај граѓаните - им порачуваме дека пукаат во празно. Стравот е сега преселен кај обвинетиот Груевски и осомничените Мијалков и Јанкулоска, зашто правдата доаѓа. Казната за тој што прислушувал е најголема гаранција дека тоа зло нема да се повтори.А медиумите кои под задача на Груевски лажат дека прислушуваните разговори биле наводно објавувани од СДСМ, ќе одговараат на суд за клеветите што ги шират“, рече Шилегов.

Mazedonien Zoran Zaev Abhörskandal
Фотографија: Petr Stojanovski

Експресен одговор стигна од ВМРО-ДПМНЕ.

„Полицијата кај Захир Бекири - Чауш пронајде 70.000 незаконски снимени телефонски разговори, сокриени во душек. Чауш кој во моментов одлежува затворска казна, е член на СДСМ, близок на аболицираниот криминалец Зоран Заев кому во секое време му се отворени вратите од неговиот кабинет. Медиумите ги открија линковите на Захир Бекири - Чауш со криминалци надвор од границите на Република Македонија. СДСМ на претстојните избори во декември ќе ја плати цената за лагите и манипулациите со кои Петре Шилегов се обидува да ја измами јавноста“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.

Насочена дискредитација 

Со оглед дека објавените разговори се на албански јазик, најголемиот дел од граѓаните не ја разбираат нивната содржина и немаат претстава каква би била нивната „употребна вредност“ во предизборната политичка арена.

„Покрај неколкуте пикантерии, објавените разговори не нудат премногу политички информации и повеќе се фокусирани врз моралните карактеристики на наведените лица“, вели Зеколи. Објавувањето на снимките го смета за скандалозно, но не и за изненадување. Фактот што снимките кружеле низ социjалните мрежи со недели, а никој од локалните медиуми не информирал за тоа, според него, е факт подеднакво интересен како и снимките.

„Интересно е и што среде разгорената битка помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и малите албански опозициски партии, ниту една од нив и нивните партиски контролирани медиуми не наоѓа мотив да се позанимава со нив. Објаснувањето за тоа делумно лежи во службената забрана за нивна објава и дистрибуција, но повеќе е мотивирано од споделената желба на наведените партии за расчеречување на ДУИ и преземање на нејзини групации и гласачи под своја контрола. Впечатливо е што ДУИ веќе со месеци е во своевидна хибернација, голем дел од нивните функционери се држат понастрана од јавноста, што уште повеќе им дава за право на сомнежите дека станува збор за страв од дискредитација и можни законски санкции за нивните недела“, оценува Зеколи.

Mazedonien Sasho Mijalkov Geheimdienstchef
Фотографија: DW/P. Stojanov

Аналитичари предупредуваат ваквите случаи може да го компромитираат институционалниот процес за постапување по делата кои се поврзани и произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, односно да се заменат со неформален, опасен процес, кој ќе ја оддалечи земјата од можноста за излез од кризата.  На тој аспект укажува и Зеколи.  

„Она што е важно со овие снимки, е дека тие треба да се сметаат како неформален политички процес и атак против ДУИ, паралелно со оној на службените правни истраги на СЈО против ВМРО-ДПМНЕ. Со таa разлика што во случајот на ДУИ се цели кон нејзина целосна елиминација и расформирање како партија, додека пак во случајот со ВМРО-ДПМНЕ фокусот е врз елиминација на сегашното водство, но зачувување на партијата. Но колку и да е важен тој процес, стравувам дека замислената цел е помала од сосема реалните опасности од ваквото неконтролирано и сомнително лиферување на прислушкувани разговори“, оценува тој.

На Пронто.мк. се објавени принт - скрин фотографии, кои навестуваат дека постојот голем број разговори кои допрва треба да бидат објавени. Тоа го отвора прaшањето -  каде е „излеан“ институционалниот процес и кој го контролира? 

„Нема никаков сомнеж - а тоа и самите лидери на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го имаат кажано - дека огромен дел на прислушкуваните разговори имаат стасано во сопственост на голем број разузнавачки служби од регионот и пошироко. Но уште позагрижувачки е што тие паднале во раце и на криминалното подземје во регионот. Што, сѐ на сѐ, е доволна гаранција дека објавувањето на снимките ќе продолжи, посебно во предизборните периоди. Засега очигледно е дека фокусот е наменски усмерен кон албанските политичари и јавни личности, но прашање на време е кога на ред ќе стигнат и македонските. Во спротивно, ваквиот селективен приод ќе вроди со заклучок дека станува збор за координиран и националистички мотивиран напад на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кон албанските колеги, кој уште повеќе ќе го рашири јазот на недоверба и нестабилност“, предупредува Зеколи.

За наводните разговори меѓу домашни новинари, политичари и бизнисмени кои пред неколку месеци беа објавени на Јутјуб, се уште нема информации дали истрагата утврдила кој ги објавил.