Опозициски маки
14 април 2018Легендарниот американски новинар и публицист, Волтер Липман, беше генијалец на политичкото известување. Неговите забелешки, иако почина одамна, во 1974 година, и денес се своевидна водилка и за новинарите и за политичарите. Тој вака ја окарактеризира улогата на политичката опозиција во едно општество: „Опозицијата е неопходна. Еден добар државник, како и секое друго разумно човечко суштество, секогаш учи повеќе од својата опозиција отколку од неговите страсни поддржувачи". Можеше ли премиерот Зоран Заев, ако верува дека е добар државник, да научи нешто од опозицијата за време на млаката дебата за доверба на владата? Можеби е задоволен дека оваа изнасилена дебата за довербата помина без да се испоти и да се замисли премногу за политиките што ги води владата за овие десет месеци. Но тој, во основа, не треба да биде задоволен од немоќта на опозицијата со ораторска инвентивност да ја стави под сомневање успешноста на досегашните владини политики.
Не само поради тоа што во опозициските клупи кога почна расправата имаше само триесетина од оние 42 што се потпишаа под барањето за интерпелација и не само поради тоа што донеодамнешната прва вмровска перјаница во Собранието, Илија Димовски, седеше осамен во првиот ред на опозициските клупи. И не само поради тоа што вмровските пратеници одбегнуваа да ги споменат по име оние семоќни луѓе до пред една година, кои дента се потеа на еден од процесите на СЈО. Заев не треба да биде задоволен ниту од конфузното обраќање на новиот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, кој ја образлагаше платформата за интерпелација.
Искинати конци
Како што СДСМ се обидува да научи да владее по толку години во опозициски егзил, така ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги фати искинатите конци на едно раскарано друштво кое само до пред една година беше сложно братство каде царуваа парите и моќта. Новиот лидер на опозицијата, Христијан Мицкоски, се труди својата вмровска кохорта да ја стави во командната структура на опозициската легија и со тоа да му ги направи помачни деновите на танкото владино мнозинство. Но, ако враќањето на опозицијата во Собранието треба да биде новиот вмровски почеток, кој треба да има катарза во најавениот голем митинг во мај, Мицкоски треба да биде загрижен, затоа што оваа пратеничка структура со различни интереси, која треба да ги бие јавните битки, нема да му донесе додадена вредност. Големо прашање е дали таа нема да знае како да води вистинска политичка битка кога е во опозиција (а не со бесмислено блокирање) или нема да сака да го прави тоа со целосна посветеност. Шефот на пратеничката група на една партија вообичаено е оној кој ја одредува динамиката и длабочината на собранискиот настап. За жал на Мицкоски, неговиот избор за прв човек на вмровската група во Собранието, барем сега го нема тој материјал – ниту според искуството, ниту според ораторството, ниту според минуциозноста во политичкото поентирање. Така, говорот на Данев, кој требаше да биде своевиден класен час за вмровското враќање во парламентот, се претвори во конфузно скокање од тема на тема без концепт, без платформа, без политичка идеја, само обични напади кои се слушаат секој ден од прес-конференциите во партиското седиште.
Повеќе на темата:
-Реформи со мало „р“, на рати и со ризик од брзање
-Политика го окупира и денот на Воскресението
-ВМРО-ДПМНЕ: Да за реформи, стоп за антидржавни политики
Дека нема концепт во опозициската тактика најдобро покажаа говорите на Илија Димовски и Никола Груевски, кој од судницата дојде во собраниската сала. Димовски им елаборираше на сдсмовскте пратеници дека премногу зборуваат за работата на претходната вмровска влада, како за неа да има интерпелација. И беше во право. Но малку потоа, Груевски, враќајќи се и на својата омилена тема за странски заговор во неговиот пад, речиси целото време го потроши величејќи ги успесите на неговите влади и омаловажувајќи ги сегашните министри. Клучното прашање е дали Груевски е осамен стрелец во вмровските структури и верува дека е можно негово политичко воскресение, или веќе никој не ги координира вмровските редови. Кој знае, можеби има некакво задоволство во некоја друга кохорта од вмровската легија од ваквата конфузија, но тоа не му е никому од корист – ниту партијата ниту на власта.
Но, таквите се опозициските маки во незрели демократии. Кога една партија губи на изборите како да се случува некаков армагедон за неа и наеднаш мали групи се обидуваат да го најдат сопствениот спас. Тоа не е само во Македонија, тоа се случува речиси во секоја земја на трансверзалата север-југ, од Балтикот до Гевгелија. Гледајте што се случува со опозицијата во Полска по големата победа на популистичката партија Право и правда и нејзиното окупирање на сите сегменти на општеството – од судството до медиумите. Или пак случајот со неделните избори во Унгарија. Третата последователна победа на Виктор Орбан ( и најголема досега) е еклатантен случај за тоа како маките на опозицијата се трансформираат во нескротливи лични желби на лидерите на фрагментираните опозициски партии, кои повеќе мислат на својата наводна месијанска улога на херои во борбата против еден режим отколку на артикулирање на ставовите на половина од населението кое мисли поинаку од владата.
Опозицијата во Унгарија мислеше дека со зголемениот одѕив ќе се зголеми и нејзината шанса да го запре Орбан барем да не освои двотретинското уставно мнозинство. На нејзино запрепастување поголемиот одѕив и донесе поголема победа на партијата на Орбан, Фидес. Затоа вечерта по објавувањето на резултатите лидерите на опозицијата еден по еден поднесуваа оставки. Од политичка гледна точка нелибералниот режим на Орбан доби фасада на легитимитет за своето владеење, манипулирајќи со демократската реторика и процедура. Втората по моќ партија, екстремистичката Јобик, која се обиде да се позиционира кон центарот, откако полето на нејзиното политичко дејствување го окупира Фидес, сега се прашува како да продолжи понатаму, каде да тргне. Исто се прашуваат и социјалистите, кои заедно со малата партија Дијалог освоија едвај 20 пратенички места. Партијата со големи надежи, Политиката може да биде и поинаква, тврдоглаво одбиваше да ги координира со другите делови од левичарската опозицијат канидатитете кои можат да бидат вистински ривали на претставниците на Фидес при мнозинскиот дел од гласањето. Нејзините претставници сега велат дека направиле катастрофална грешка. Но за тоа е веќе доцна. Поради таквата тврдоглавост наместо опозицијата да ги освои сите 18 пратеници во либералниот бастион Будимпешта, стигна само до 12 места. Тоа е унгарската специфика, но е поука како разединетата опозиција може да биде само параван за еден авторитарен систем и се да изгледа како привидна демократија.
Пат кон пропаст
Како што беа и неодамнешните локални избори во Белград, Србија. Поради несфатливиот егоизам на опозициските лидери партијата на Александар Вучиќ триумфираше во Белград. Маките на српската опозиција траат повеќе години и таа никако да научи дека со празните флоскули за недемократското владеење на Вучиќ не може да постигне нешто повеќе, туку само да плаче над сопствената судбина. Се разбира, и над судбината на демократијата во Србија. Како што тогаш по изборите напиша писателот Дејан Илиќ: „Да се објаснува овој тежок пораз на опозицијата или убедливата победа на режимот со изборни кражби, нефер услови, недостиг на демократија – не делува уверливо. Секој граѓанин на Белград имаше можност и лично да се увери во тоа. И на изборите граѓаните во големо мнозинство рекоа – тоа не ни пречи“.
Други колумни од авторот:
Некои од опозциските лидери по траумата од белградските избори поднесоа оставки, другите се обидуваат да се реинвентираат и на следниот мегдан да освојат некој процент повеќе. Заблуда до заблуда. Во слична заблуда иако од сосема друг тип, е влезена и овдешнава опозиција бидејќи уште не може да сфати дека од 27 април помина речиси една година и дека оваа влада на Зоран Заев не е само некое привремено, преодно решение. Лани со недели го блокираа разрешувањето на тогашниот јавен обвинител, па потоа го влечеа и именувањето на неговиот наследник, па се обидува да изигруваат херои-маченици околу контроверзниот закон за јазици, па бараа политиката директно да интервенира во ослободувањето на притворените пратеници (како што тоа грубо го правеа додека владееја – прочитајте ја во извештаите само една од необјавените бомби на судењето за „мерцедесот“ која се преслушуваше во судот и кога Гордана Јанкулоска му јавува на тогашниот премиер дека е договорена „13-ка“ за Велија, а за другите пресуди допрва ќе се договарале) за најпосле да се вратат во Собранието а да не знаат зошто се вратиле.
На ВМРО-ДПМНЕ му треба големо прочистување и соочување со улогата што сега ја има, а не потхранување на илузиите, за да може да застане а потоа да се обиде да тргне напред ако сака да остане релевантен политички играч. Опозициските маки овде се Танталови маки – да живеат во глад, жед и во страв, а притоа да веруваат дека тоа е само фатаморгана, некаков привид. Опозицијата ја пропушти првата можност да добие поголема улога при враќањето на сцената. Тоа е непријатен удар за професорот Мицкоски, кој постојано тврди дека бил непогрешлив во се, речиси совршен. Така е со заблудите – тоа е отворениот пат за пропаст.