Опозицијата не попушта: На избори со договор или со протести
30 јули 2019Дури и ако работните групи на власта и опозицијата ги усогласат ставовите за предлог законот за Јавното обвинителство, без датум за предвремени избори опозицијата во парламентот нема да гласа ни за тој, ни за други законски предлози, најави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски (на насловната фотографија).
Првата средба на претставници на власта и опозициската ВМРО-ДПМНЕ околу законот за ЈО вчера заврши со почетен оптимизам дека средбата била конструктивна и дека се приближиле ставовите по прашањата за две теми: финансирање на Обвинителството и за поголема одговорност на обвинителите. Доколку во иста атмосфера и конструктивност продолжи усогласувањето и за другите прашања, можно е да тој да биде донесен и кон крајот на август, како што прогнозираше претседателот на Собранието, Талат Џафери. Крајниот рок, од аспект на интеграциските процеси, е 15-ти септември. Дали тој последен чекор пред очекуваниот датум за преговори со ЕУ, ќе падне пред условот на опозицијата: нема закон за ЈО без датум за предвремени избори?
Според Николоски, ВМРО-ДПМНЕ нема да отстапи од тој услов.
„Заев има два начина да се усогласи со нас за предвремени изботи: со добро, да седнеме и да ги договориме, или граѓаните да му кажат кога ќе бидат изборите преку масовни протести“, изјави Николоски за ТВ Канал 5.
Заев: Законот да не се условува со избори
Премиерот Заев вчера порача дека донесувањето на законот за Јавното обвинителство не треба да се условува со предвремени избори.
„Треба да најдеме решение (за законот за ЈО - н.з.), ако сме одговорни пред државата. И мислам дека таков закон не треба да го условуваме со предвремени избори. Јас реков, ние не сме за предвремени избори. Штета за државата ако има предвремени избори“, изјави премиерот, објаснувајќи дека тој процес би можел да ги уништи актуелните растечки економски бројки.
Но, опозициската партија со сомнеж гледа на тие бројки, ги критикува како недоволни. Извори од ВМРО-ДПМНЕ велат дека „во заднина интензивно се работи да се создаде располжение за нужност од нова изборна проверка на довербата меѓу граѓаните, за што и власта со многу постапки самата им помага“.
За таа цел во моментов се работело на три нивоа - подобрување на односите со претставници на меѓународната заедница, обновување на нарушениот коалицискиот потенцијал на партијата и компромитација на политиките на актуелната влада.
„Има значајно подобрување на односите со претставниците на меѓународната заедница, а се покажува кооперативност и разбирање на пораките што доаѓаат до опозицијата од важните политички центри“, велат овие извори.
Според нив, во однос на втората цел, во заднина се градат цврсти односи на соработка со една албанска опозициска партија, со која за актуелни теми и постапки имало координација речиси на дневно ниво. Тие одбиваат јавно да ја посочат, со образложение дека „во оваа фаза обелоденувањето на таа заднинска соработка може да предизвика рекции во гласачкото тело на двете партии, пред сѐ, заради настан од блиското минато“.
Повеќе:
ВМРО-ДПМНЕ бара со СЈО да „ја снема“ и Русковска
Владата предлага интегрирање на СЈО во ЈО
Пробив на опозициската вистина
Според овие извори, најинтензивни се активностите насочени кон демаскирање на потезите на власта. Наводно, партнери во тој процес им биле незадоволни граѓани, „свиркачи“ од редот на партиски вработени во мандатот на ВМРО-ДПМНЕ кои имале пристап до податоци и документи, но и членови на СДСМ кои не ги добиле позициите што го очекувале. Не ги коментираат шпекулациите дека опозицијата има „бомби“ за власта, со кус одговор, „сѐ во свое време“, но тврдат дека за „дел од скандалите за кои партијата има сознанија, се споделени и ‘надвор'".
Николоски вчера изјави дека од страна на власта дипломатите не биле правилно информирани за состојбите во државата, односно дека власта манипулирала сѐ со цел да се сокријат вистинските состојби во Македонија.
„Јас мислам дека не се работи за прашањето за конструктивност, се работи за прашањето на односот на Владата. Владата ја има таа предност секогаш со дипломатите прва да комуницира и најчесто кога ги даваат пораките дипломатите мислат дека тие се вистинити и точни. За жал, овде не беа правилно информирани дипломатите во однос на состојбите во државата. Кога дојдоа тука ги увидоа со разговорите кои што ги имавме и сега работата е јасна", изјави Николоски.