1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Општини под лупа - БИРН со нова база на податоци

21 септември 2017

Базата ќе им овозможи на граѓаните да разликуваат празни зборови од дела и да им покаже на политичарите дека нивните ветувања се следат, вели Ана Петрушева, директорка на БИРН - Македонија.

https://p.dw.com/p/2kPuF
Stip Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

По објавувањето на најобемната база на податоци за проектот „Скопје 2014“, но и за странските инвестиции во Македонија, во пресрет на локалните избори тимот на Балканската истражувачка репортерска мрежа - Македонија на македонската јавност ѝ понуди ново капитално истражување: базата со податоци Општините под лупа . Таа на граѓаните им нуди темелен приказ на ветеното наспроти оствареното од страна на градоначалниците на 80 општини и на Град Скопје за последните четири мандатни години.

Ана Петрушева, директорка на БИРН - Македонија, вели дека нивниот тим почнал да работи на оваа база на податоци од март годинава, кога побарале од сите општини да им ги достават општинските буџети и завршни сметки од 2013 до 2016 година, за да можат да видат колку планирале, а колку всушност потрошиле на капитални проекти во тој период. Освен тоа, ги документирале и приоритетите кои ги ветиле градоначалниците, за да утврдат што навистина е остварено од капиталните проекти: од изградби на училишта, спортски сали, базени, до проекти за гасификација, реконструкција и изградба на улици и патишта, индустриски зони...

Mazedonien Fluss Pena in Tetovo
Базата со податоци „Општини под лупа“ на граѓаните им нуди темелен приказ на ветеното наспроти оствареното од страна на градоначалниците на 80 општини и на Град Скопје за последните четири мандатни годиниФотографија: DW/S.Toevski

„Кај нас, по правило политичарите ветуваат сѐ и сешто и кога ќе дојде време за нови избори нѐ засипуваат со нови ветувања и блескаво спакувани отчети, додека луѓето забораваат што сѐ слушнале пред четири години. Во таа смисла оваа база на податоци е обид да се подигне свеста на граѓаните, да им се понуди една алатка која ќе им овозможи да разликуваат празни зборови од дела, да знаат со кого си имаат работа кога ги бираат општинските татковци. Истовремено, оваа база треба да им покаже на политичарите и дека нивните ветувања кон граѓаните се следат и нема да исчезнат кога тие ќе решат одредени проекти да ги одложат или откажат“, укажува Петрушева.

Увид во ветеното-оствареното

Истражувањето на БИРН на сите буџети и завршни сметки од 2013 до 2016 година, покажува дека градоначалниците не оствариле ниту половина од планираните капитални проекти. Имено, од планираните 762,6 милиони евра за капитални инвестиции, според завршните сметки, инвестирани се вкупно 356,4 милиони евра, што е 46,7% од планираното. Ако се анализира оствареното од завршните сметки, произлегува дека најмногу пари во инфраструктурата инвестирале Град Скопје со 73,5 милиони евра, Центар 22,6 милиони евра, Битола 14,2 милиони евра, Карпош 12,8 милиони евра и Струмица со 12,1 милиони евра.

Straße im Zentrum von Bitola Mazedonien
Во инфраструктурата во Битола биле инвестирани 14,2 милиони евраФотографија: DW/A. Dimitrievska

Но, како што укажуваат истражувачите, со оглед дека поголемите општини имаат поголеми буџети и повеќе пари инвестирани во изградба на капитални објекти, како најрелевантен показател за продуктивноста на потрошените пари е сумата на капитални инвестиции по жител. Според тој индикатор, најмногу капитални инвестиции по жител имале општините Новаци и тоа 1.170 евра по жител, Македонска Каменица со 673,4 евра, Петровец 564 евра, Центар 498,1 и Илинден 389,3. Тие (плус Пласница) се и во врвот според продуктивноста со која ги трошеле парите на граѓаните.

Лазар Котевски, кој го завршува третиот градоначалнички мандат во општина Новаци и ќе се натпреварува за четврти по ред, вели дека е многу значајно да постои ваква база на податоци.

„Тоа е објективна и реална слика за сработеното, одраз на резултатот за ангажманот на општините“, смета Котевски.

Во општината, мала според бројот на жители (3.600 во 41 населено место), но голема според територија (760 квадратни километри), покрај инфраструктурните, тој е задоволен и од реализацијата на проектите за прекугранична соработката (со општината Алмопија од Грција), деминирањето кај Кајмакчалан, партерното уредување покрај реката Коњарка...

„Граѓаните гледаат кој колку работи, без оглед што на крајот од мандатот градоначалниците даваат свој отчет. Но, преку ваква база на податоци граѓаните ќе имаат подобар и објективен увид во разликата ветено - остварено. И тоа е многу значајно и за отчетноста и за транспарентноста“, смета Котевски. 

Двонасочна транспарентност

Градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, кој нема да се натпреварува за нов мандат, се согласува дека отчетноста на општинските раководствата треба да оди и на екстерна проверка. Базата на БИРН, „Општините под лупа“ ја смета за одличен чекор во таа насока.

„Заостануваме во реална отчетност. Не е отчетност ако поделиме материјали, бидејќи транспарентноста не е еднонасочна. Треба да се слушне оценката на јавноста. Критиката и ставањето на нашата работа по лупа, се тие што насочуваат по која патека треба да се оди, односно колку е реализирано од тоа што е ветено. Ваква база на податоци е повеќе од потребна и корисна“, вели Жерновски.

Смета дека пред локалните избори постепено се создава поинаков тренд од досегашниот, односно дека расте процентот на граѓани за кои програмата и личноста се поважни од партиската припадност, што е сигнал за созревање на гласачите.

Mazedonien Bauarbeiten Riesenrad in Skopje
Истражувањето на БИРН покажува дека градоначалниците не оствариле ниту половина од планираните капитални проектиФотографија: DW/P. Stojanovski

„Во тој контекст, ваквата база на подотоци ја сметам за најобјективен начин на контрола - низ призмата на ефикасноста и сработеното“, вели Жерновски. 

Ова индицира и на добро научена лекција, со оглед дека тој во јавноста претпре критики поради цената за печатење (над 32.000 евра) на отчетот на 240 страници преку фотографии „пред“ и „потоа“ на реализирани проекти. 

Но, таа лекција и натаму ќе се учи. Веб-страниците на помалите општини и натаму се далеку посиромашни со информации, отколку оние на поголемите, а голем дел од градоначалниците кои отпечатиле отчети и одржале прес-конференции за да се пофалат со сработеното, не одговориле на прашањата што тимот на БИРН дополнително им го испратил. Отпорот кон екстерна оценка и натаму е голем, што индицира дека дел од општинските татковци не се приврзаници на вистинска транспарентност. БИРН ги објави податоците за сработеното на сите градоначалници, поединечно. И тие, и јавноста ќе имаат објективна слика за сработеното во изминатите четири години.

БИРН-Македонија досега освои повеќе врвни новинарски награди заради темелноста во истражувањата, објективноста во изработката на претходните бази на податоци и нивната корисност како важна алатка за истражувачки цели и за зајакнување на транспарентноста во општеството.