Орбан ја повика ЕУ да се откаже од „заблудените“ идеи
11 мај 2018Европската Унија треба да се откаже од својата „заблудена“ идеја за Обединети европски држави, изјави вчера унгарскиот премиер Виктор Орбан, најавувајќи повторно дека ќе ги брани христијанските вредности и ќе се бори против квотите на ЕУ за населување на мигранти.
Минатиот месец, Орбан по третпат едноподруго беше избран за премиер на неговата држава. Во осумте години на чело на владата тој успеа да ја подигне унгарската економија, но земјата бележи големо назадување во демократијата и независноста на медиумите.
„Унијата мора да функционира како сојуз на слободни нации и да се откаже од своите заблудени кошмари за Обединети држави на Европа“, изјави Орбан во говор пред пратениците во Будимпешта.
„ЕУ мора да се врати во реалноста. Како прв чекор, мора да го смени своето размислување за миграцијата“.
Мартон Ѓонѓоси, ко-претседател на најголемата опозициска партија Јобик, по говорот на Орбан изјави: „Унгарија денес е земја изградена врз корупција, владеена и менаџирана од олигарси, земја која младите Унгарци масовно ја напуштаат“.
Орбан ја зголеми контролата врз медиумите, а на водечките места во институциите кои некогаш важеа за независни постави свои послушници.
Тој успеа да изгради и мрежа на лојални бизнисмени чија контрола врз клучните индустрии успеа да ја оствари владината цел за нивно задржување во унгарски раце.
Орбан исто така прогласи и крај на ерата на либералната демократија.
„Ја заменивме пропадната либерална демократија со христијанска демократија од 21 век, која на луѓето им гарантира слобода и безбедност“, рече Орбан.
Тој презентираше план за развој за следните 12 години кој предвидува голем економски и социјален напредок со конзервативна идеологија, и рече дека неговата надворешна политика делумно ќе зависи од влијанието на Германија, Русија и Турција.
„Унгарија мора да ги приоритизира геополитичките услови пред идеолошкото размислување. Унгарија е и ќе остане посветен член на системот на западната Алијанса. Но тоа не ги менува географските ограничувања“.
„На запад од нас е земјата на германските челични канцелари, на истоk е светот на словенските луѓе-војници, а на југ се огромен број муслимани. Берлин, Москва, Истанбул- Унгарија постои во овој простор. Мораме да ги правиме анализите врз база на тоа“, рече Орбан.