Орбановата Европа - со мајчински додаток и божји благослов
12 февруари 2019Човекот има мисија. Досега таа е ограничена на неговиот сопствен дом Унгарија, која како нација и христијанска земја, според неговото мислење, ја загрозуваат доселениците. Но сега тој се претвора во водач на бунтот на европскиот исток. А непријателот се наоѓа на запад. Не само географски, туку и идеолошки. Виктор Орбан, силниот десничар на унгарскиот народ, е во крстоносен поход против мултикултурниот либерализам на старата ЕУ. Симбол за тоа за него се муслиманските доселеници.
Она што Орбан во неделата (10.2.) го изговори во своето обраќање за состојбата на нацијата е еднакво на отворен напад против бриселскиот клуб на држави. Орбан демократскиот ритуал на избор на новиот Европски парламент го гледа како „завршна битка“. Повоинствено тоа тешко може да се изрази. Не би требало да се мисли дека силникот од Будимпешта го крева гласот и раката врз сопственото семејство.
Малку поинакво поимање на демократијата
Брисел, кој пред падот на Берлинскиот ѕид беше сметан за „ветена земја“ на целиот европски исток, Орбан сега го гледа како „нова тврдина на интернационалата“, а како нејзино средство го гледа доселувањето. Токму на ова се троши овој 55-годишен политичар од летото 2015 година, тоа е неговата тема. Тој веќе победи против политиката на отворени врати на Ангела Меркел и собра околу себе приврзеници. Дали во Полска, Словачка, Хрватска или Република Српска во БиХ - Орбан речиси насекаде воодушевува. Бидејќи, заедничко нешто на сите земји на истокот, 30 години по распадот на социјалистичкиот политички систем, им е длабоката недоверба кон мултикултурноста, па дури и демократијата генерално. Карактеристика на Орбановта „илиберална демократија“ е и правото рустикално да се избори против малцинствата.
Борба против муслиманска инфилтрација со бејби-бум
И Орбан се грижи за „неговото мнозинство“. „Ние сакаме унгарски бебиња“, им се обрати Орбан на своите гости. Тој сака за тоа да потроши пари. Жените под 40 години треба да добијат околу 30.000 евра кредит, кој повеќе не мора да го вратат по третото дете - со тоа тој сака да го одбрани „унгарскиот идентитет и христијанското наследство“.
Феноменот Орбан во Минхен, Брисел или во Париз може да се согледува како симпатичен фолклористички спектакл на прилично здодевната и од луѓето далечна политичка сцена на ЕУ. Но, она што е точно е дека Орбан ќе биде избран насекаде во европскиот исток и југоисток. Тој го отелотворува новиот Хомо Политикус од географскиот источен стечаен имот на Студената војна. На восхитувањето за историскиот час, кој пред 30 години му донесе слобода на „Источниот блок“, одамна му е дојден крајот. Најголемите економски проблеми се под контрола, и тоа меѓу другото благодарение и на големите извори на милијарди од „лонците во Брисел“, Сега Брисел треба да стане поисточен, а не само да биде западно од истокот.
Орбан, шеф на источната филијала на ЕУ
Бидејќи, Орбан веќе не е чисто унгарски феномен. „Тој е наш лидер“, признава шефот на полската владејачка партија ПиС и идеолошкиот близнак на Орбан, Јарослав Качински. Влијанието на четирите вишеградски држави (Полска, Унгарија, Чешка, Словачка) одамна стана мерливо дури и надвор од лабавата конфедерација на државите. Австрија симпатизира, Словенија, исто така - да не ги спомнуваме силните десничарски популистички струи во западна и јужна Европа.
ЕУ одамна е соочена со создавање блок против централата во сопствениот дом. Вишеградскиот квартет, кој на почетокот не беше сфатен сосема сериозно, се стреми кон проширување на влијанието. Западниот Балкан е во визирот, Украина исто така.
„Нелибералното фракционерство“ против старата ЕУ расте - и веќе не само во доселеничката политика. Националната држава на Истокот се смета за највисоко достигнување, а „дрдорењето“ од страна на Комисијата на ЕУ - како на пример во случајот со полските судски реформи - за новите членки на ЕУ, е еднакво на напад врз нивниот суверенитет. Ова се однесува и на старите и на новите („задоцнети") нации.
Покрај тоа, постои таинствена до отворено симпатија за типот на источниот „демократорски“ политичар. Путин ужива повеќе восхит од Балтичкото Море до Јадранското Море отколку меѓу Северното Море и Гибралтар.
„Пуста-Трампизам“ во Будимпешта
Во Берлин, Париз и Брисел не треба да има залажување: Орбан е сериозен. Тој одамна веќе не е само во унгарска мисија, ренационализацијата и антилиберализацијата инфицираат речиси насекаде. Орбан сака да ги укине досегашните табу-граници меѓу граѓанските конзервативци и отворено десничарските популисти. Ова е чиста културна борба на паневропската сцена. Ле Пен, Вилдерс, Салвини и ним сличните веќе не би биле срамни политички отпадници, туку тесно испреплетени со семејството на Европската народна партија ( ЕПП) во Стразбур.
Силникот во Будимпешта за планските игри за преземање на суверенитетот за политички толкувања во ЕУ редовно посега по духовни поттици на Стив Бенон. Поранешниот главен стратег на Доналд Трамп се смета за татко на целосната деконструкција на државата. Со демократијата како засолниште за малцинствата тогаш ќе биде готово. Илибералноста ќе биде догмата. А Бенон во 2018 три пати беше на гости кај Орбан.