Орбановата „либерална демократија“
10 јуни 2017„Сорос, Сорос, Сорос“, беше насловот на текстот во независниот унгарски интернет портал 444.hu, во кој неодамна се критикуваше опседнатоста на власта со американскиот милијардер: „Владата комуницира со граѓаните на ниво на едно петгодишно дете“. Повод беше реакцијата на унгарската влада на резолуцијата на Европскиот парламент од минатата недела, во која се критикуваат назадувањата на демократијата и правната држава во Унгарија. Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Шијарто резолуцијата ја нарече „Соросово масло“, а резултатот од изјаснувањето во ЕП - „најнов напад на Соросовата мрежа против Унгарија“.
За гневната реакција има објаснување: слично како и Полска, сега и на Унгарија, следствено на т.н. член 7, ѝ се заканува поведување постапка против неа. На земјата членка на ЕУ, може да ѝ биде одземен гласот, доколку станува збор за прекршување на важечкото право од повисок степен. Тоа е многу неверијатно, но ЕП и правните експерти ќе извршат проверка на тежината на евентуалните правни застранувања.
Веќе и самото тоа на владата на премиерот Орбан ѝ е исклучително непријатно. Слична проверка беше извршена последен пат пред четири години - тогаш во т.н. Тавареш-извештај беа констатирани бројни колизии со основните принципи на демократијата и правната држава во Унгарија. Во јули 2013 година мнозинството во Европскиот парламент го усвои извештајот, но не изрече санкции.
Еродирање на правната држава
Оттогаш, ситуацијата на владеењето на правната држава и демократијата во Унгарија доживеа значително влошување. Повод за сегашната резолуција на ЕП се тн. „Лекс ЦЕУ“, планираниот закон против невладините организации и заострувањето на правото на азил, за кое експертите критикуваат дека е спротивно на меѓународното право.
„Лекс ЦЕУ“, на почетокот на април усвоениот предлог на законот за високо образование, ќе има за последица затворање на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта, основан во 1991 година од Џорџ Сорос, трн во окото на унгарската влада. Друг закон во иднина би ги обврзувал невладините организации, од одредена висина на сумата на донации, на секој документ видливо да се декларираат како „финансирани од странство“.
На почетокот на март беше драстично заострен законот за азил. Бегалците, вклучувајќи ги и малолетните, почнувајќи од 14-годишна возраст, во текот на постапката се интернирани во транзитни зони на границите. Прилично општ и погоден за слободно толкување параграф, дава можност за итно завршување на постапката за азил при непостоење доволна кооперативност од страна на бегалците. Организацијата на ОН за бегалци, УНЦХР, смета дека законот е спротивен на меѓународното право.
Суров однос кон бегалците
Во септември 2015 година Унгарија воведе и специјални судови против илегалните бегалци, па тие можат да бидат осудени по експресна постапка, што според експертите е во директна спротивност со елементарните судски правила, правото на ЕУ и меѓународното право на азил, поради што од декември 2015 против Унгарија е во тек постапка за повреда на Европските договори. Покрај тоа, поради бегалската криза, на целата територија на Унгарија од март 2016 година е во важност т.н. кризна ситуација, при што полицијата, граничарите, армијата и тајната полиција имаат огромни проширувања на правата на контрола и истражни надлежности. Секои шест месеци парламентот изгласува нејзино продолжување, во меѓувреме тоа премина во чиста рутина.
Откако Виктор Орбан и неговата партија Фидес дојдоа на власт во Унгарија во 2010 година со дветретинско мнозинство, во земјата генерално е уназадена демократијата и правната држава. Во многу случаи законите се формулирани на начин кој не претставува недвосмислена спротивност на ЕУ-правото, но содржински се наоѓаат во сива зона. Тоа на пример важи за законот за медиуми, усвоен во декември 2010 година. Тој формално не ја ограничува слободата на медиумите во земјата, официјално не постои цензура. Меѓутоа, преку т.н. растегливи параграфи, законот ја детерминира работата посебно на новинарите во јавните медиуми, каде на челни водечки и надзорни позиции се исклучиво луѓе верни на Орбан.
Флуидна граница кон автократизам
Слично важи и за судството. Формално, тоа е независно, но контролирано од личности од опкружувањето на Орбан, на пример шефицата на еден вид врховна судска служба. Таа има надлежности да делегира постапки на судови по нејзин избор. Во рамките на опсежна уставна измена во 2013 година, се ограничени надлежностите на Уставниот суд.
Бројни унгарски и странски експерти се на мислење дека Унгарија се наоѓа во сива зона меѓу демократија и автократија. Виктор Орбан зборува за „либерална демократија“. Систем во кој, како што формулираше тој во неговиот говор во летото 2014 година, постојат слободи, но државните и националните интереси имаат приоритет пред индивидуалните права.