1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орбановата „патриотска одбранбена“ настава

Кено Верзек
2 септември 2017

Унгарскиот премиер наложи настава по одбрана и заштита за учениците, со што би требало да се подобри нивната одбранбена способност. Тоа буди сеќавања на едно темно поглавје на тоталитарно-воена култура на воспитување.

https://p.dw.com/p/2iCFp
Ungarn Viktor Orban Premierminister
Виктор Орбан е решен да ја промени воспитната култура во УнгаријаФотографија: Getty Images/S. Gallup

Марширање, гаѓање, фрлање бомби, плус пропагандни филмови, воени церемонии и сеќавања на воени херои - сето тоа беше секојдневие во училиштата во времето на комунистичката диктатура и беше носечки столб на тоталитарно-воената култура на воспитување. Познатата настава по одбрана и заштита сите поранешни држави на централна и источна Европа ја укинаа веднаш и без многу врева по пресвртот во 1989 година. За ретко која од другите мерки при спроведувањето на образовните реформи владееше толку голем консензус во државите од овие делови на Европа. 

Ungarn Kinder nehmen teil an einem Sommercamp mit militärischen Training bei Mogyorod
Наскоро настава како во летните кампови за воена обука? На фотографијата дел од посетителите на летниот камп во Моѓиород, јуни 2012 годинаФотографија: Getty Images/AFP/F. Isza

Сега во Унгарија повторно ќе се воведува задолжителна настава по одбрана и заштита за деца и младинци. Така гласи одлуката која на крајот на јули ја донесе владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан. „Министерството за човечки ресурси“ (еден вид супер министерство за социјала, образование, млади, семејство, здравство, култура и спорт) и Министерството за одбрана од Орбан добија укажување до крајот на годината да разработат „Патриотска воспитна програма за одбрана на татковината“ со која кај учениците би требало да се поттикнува патриотски став и висока одбранбена подготовка.

„Зборуваме за животно чувство“

Минатата недела вице-државниот секретар во „Министерството за човечки ресурси“ Золтан Маруса, кој е задолжен за воспитни прашања, наведе некои детали од новата настава по одбрана. Според неговите зборови, не се работи за посебен наставен предмет, туку за воспитен концепт кој би требало да се преточи во „Националниот план и програма“ (НАТ) за училиштата. „Зборуваме за животно чувство кое денес е веќе присутно во наставата по историја и географија и кое може да биде присутно и во музиката и спортот“, изјави Маруса за весникот „Маѓар Идок“ кој е близок до владата. Она што е можно е воведување на спортско стрелање или боречки дисциплини. Важно е образовниот систем на населението да му посредува одговорност и обврска за одбрана на татковината и за љубов кон татковината, вели Маруса.

Ungarn Peter Kreko Politikwissenschaftler aus Budapest
Петер КрекоФотографија: Political Capital Institute/Ivan Karpati

Претставници на педагошките синдикати, образовни експерти и политиколози за унгарските медиуми изразија вџашеност од намерата на владата и зборуваат за „милитаризација на училиштата“. Образовниот експерт Јанош Суди од „Синдикатот на педагози“ (ПСЗ) во разговор за ДВ ја обвинува унгарската влада дека посега по најлошите традиции од комунистичката образовна политика. „Порано во училиштата се учеше гаѓање и фрлање бомби, тоа беше и е грешка“, вели Суди. „Исто како тогаш, државата и сега сѐ повеќе е таа која ги утврдува воспитните цели. Први беа програмите за морално воспитание, сега патриотско-воено воспитание и воопшто - владата најрадо би сакала да ја воспитува земјата според свои претстави.“

Ремилитаризација на Унгарија

Политикологот и директор на либералниот Институт за политички истражувања од Будимпешта „Политикал Капитал“, Петер Креко, во разговор за ДВ објаснува дека воспитната програма им служи на две цели: „Од една страна, станува збор за експлицитна ремилитаризација на Унгарија по укинувањето на воената обврска во 2004 година. Од друга страна, владата повеќепати стави јасно до знаење дека патриотските аспекти во образованието ги смета за исто толку важни како и посредувањето знаења. Оттука, унгарскиот образовен систем веќе сега на опасен начин е претворен во арена на идеолошка индоктринација.“

Политикологот и директор на институтот Незопонт, кој е близок на владата, Агостон Мраз, смета дека ваквите обвинувања се неосновани. Владата на Орбан, според него, нема „ниту милитантни ниту тоталитарни намери“. „Факт е дека патриотската воспитна програма на владата е тешко компатибилна со либерално-индивидуалистичкиот концепт на држава“, признава Мраз. Но, како што додава, мора да се има предвид дека некои соседи на Унгарија, како Украина и Австрија, и натаму имаат воена обврска, а освен тоа САД од Европа бараат повисоки издатоци за одбраната.

Стрелишта во училишните дворови?

Ungarn Bildung Schulklasse in Budapest
Одушевеноста на младите од новиот воен и патриотски култ во Унгарија е умеренаФотографија: Imago/EST&OST

Орбан од поодамна врши притисок за зголемување на армијата во Унгарија и генерално зајакнување на одбранбената готовност преку „патриотско телесно воспитание“ во училиштата. Досега одбива повторно воведување на воената обврска, но минатата есен предложи формирање единици на доброволци во сите 197 унгарски окрузи, еден вид Национална гарда со вкупно 20.000 војници, што би значело двојно зголемување на актуелната армиска сила на Унгарија. Министерството за одбрана во моментов работи на спроведување на програмата.

Уште пред неколку месеци унгарската влада дискутираше за воведување на наставата по гаѓање и градење стрелишта во училишните дворови. Министерството за одбрана за учениците уште од 2005 година нуди факултативни курсеви по одбрана под името „Војничко училиште“.  Таквата програма беше значително проширена по победата на Орбан и неговата партија Фидес пролетта 2010 година. Полицијата, пак, за младите од повисоките класови нуди обука во единицата за заштита на границата, создадена минатата година со задача да ја брани јужната граница од бегалци кои нелегално сакаат да влезат во државата.

Но, одушевувањето на младите од новиот воен и патриотски култ во Унгарија е умерено. И покрај големата реклама, во моментов ниту полицијата ниту Министерството за одбрана не можат да најдат доволно регрути за граничната полиција или за единиците на Националната гарда.