Османи: Златна можност за откочување на спорот за името
16 август 2017ДВ: Господине Османи, пред посетата на Берлин најавивте дека таа е во знак на забрзување на евроинтегративниот процес на Македонија. Што во тој процес очекувате од Германија и дали Вашите денешни средби ги оправдаа Вашите очекувања?
Бујар Османи: Германија е еден од најголемите поддржувачи и пријатели на Македонија. Мојата посета овде е да пратам порака од Владата таа соработка да ја подигнеме на ниво на стратешко партнерство. Мора да направиме вистинско придвижување во делот на евроинтеграциите. Германија е важен партнер во тоа и во делот на билатералната соработка, но и како регионална поддршка која што ја дава преку Берлинскиот процес. Тоа се покажува како одлична платформа за соработка на земјите од регионот во делот на интеграциите. Но, стратешкото партнерство со Германија ни е важно и во делот на решавање на отворените прашања кои што ги имаме.
Македонија сака да се врати во фокусот на ЕУ. Вие вчера рековте дека за таа цел ќе биде сторено сѐ и дека земјата ќе испорача. Што притоа конкретно имате во вид? Проблемот со името?
Планот на Владата содржи две траектории - едната траекторија се реформите во делот на враќање на правната држава, односно реформите во делот на Планот 3-6-9 и втората траекторија се сензитивните политички прашања, меѓуетничките односи и меѓусоседските односи. Тоа е прашањето на јазикот, прашањето на добрососедскиот однос со Бугарија и прашањето на името. Две од тие три прашања ги затворивме. Останува прашањето на името кое што е посензитивно, покомплексно и за тоа сме во посета на овие градови, за да бараме пријатели за да го решиме и тоа прашање, со цел да го деблокираме влезот на Македонија во НАТО и во ЕУ. Сметаме дека ова е златна можност за да ги затвориме овие прашања и да станеме членка на НАТО, да ја гарантираме безбедноста на државата и да ги почнеме преговорите за ЕУ.
Најавивте посета на Атина. Од грчка страна пред неколку дена имаше најави за посета на грчкиот министер за надворешни работи на Македонија на крајот на август. Како треба да се толкува интензивирањето на контактите – како добра волја на двете страни да се дојде до решение, како офанзива од македонска страна за затворање на проблемот или како зголемен притисок однадвор во врска со спорот?
Независно како ќе се сфати, битно е да има придвижување. Посетата на Димитров, првата билатерална посета во Атина, возвратната посета на Коѕијас сега на 31 август во Македонија, посетата на Нимиц во Скопје, мојата посета во Атина наскоро - сето тоа се знаци дека од двете страни се покажува добра волја за адресирање на ова прашање. Важно е во овој период да се работи на мерките на градење на доверба меѓу државите. Ова е емоционално прашање во кое што е неопходно емоциите да се тргнат настрана за да можеме рационално да донесеме одлука и да го откочиме овој процес кој што нѐ чини и во делот на општиот прогрес на државата и во делот на формалниот интегративен процес.
За цело време на постоење на спорот се зборуваше за црвени линии. Дали црвените линии се сѐ уште на маса и кои се македонските?
Мислам дека не треба да зборуваме за црвени линии од ниедна страна. Треба да зборуваме за волја за решавање на прашањето. Да имаме сериозна волја без емоции, рационално да ги гледаме интересите, се разбира притоа да не се нанесе штета на интересите на двете држави, туку да најдеме една ситуација која што ќе биде компромисна. Обично при компромиси двете страни излегуваат незадоволни, меѓутоа да влеземе во тој процес без предрасуди, со волја да го затвориме тоа прашање. Мислам дека историјата познава многу прашања и спорови кои што изгледале дека се нерешливи, но кога се имало добра волја, се нашло решение за тоа. Сметам дека ние треба да влеземе без предрасуди во тој дел и да се обидеме да најдеме решение, се разбира не на штета на државата и на граѓаните.
Министерот за надворешни работи Димитров во Грција беше на средината од јуни. Дали во меѓувреме, во изминатите недели, во врска со проблемот се случија работи кои Ви даваат надеж дека ќе се мрдне од мртва точка?
Потпишувањето на договорот со Бугарија покажа дека земјите и во регионот се способни да решаваат сензитивни спорови, дури и без посредници. Со тоа покажавме храброст дека политичарите се избрани да размислуваат не за следните избори, туку за следните генерации. Мислам дека оваа политичка елита која што во моментот е на власт сериозно ја има сфатено иднината на новите генерации, а не иднината на новите избори, и токму тука ја гледам храброста како што постоеше политичка волја и од бугарската и од наша страна да се затвори тоа прашање исто да се најде таква политичка волја и од грчка страна и од наша страна за да најдеме едно компромисно решение и да го затвориме тоа прашање.