Османи и порачува на ЕУ да ги запре „уцените“
15 декември 2020„Европскиот процес не треба да вклучува уцени врз било која земја во Европа или на Западниот Балкан“, порачува шефот на дипломатијата Бујар Османи по состанокот со чешкиот колега Томас Петричек, пренесува Франс Прес.
„Нашите напори за добри односи со соседите не беа наградени“, рече Османи, дополнувајќи дека судирот со Бугарија ќе има негативно влијание на целиот балкански регион.
-повеќе на темата: Бугарско вето во ЕУ: Има ли надеж за пробив?
По разговорите со Османи, Петричек изјави дека се надева на компромис до крајот на годинава.
„Во тек се многу интензивни разговори во рамките на ЕУ за изнаоѓање решение... ние сакаме да се најде компромис оваа година“, рече чешкиот министер.
-повеќе на темата: Захариева го споредува Тито со Хитлер
„ЕУ мора да го задржи статусот на веродостоен партнер за земјите кои имплементираат реформи и ја завршуваат својата домашна задача“, додаде Петричек.
Османи ја поздрави поддршката која доаѓа од „26 земји“ во 27-члената ЕУ.
„Поддршката од европските држави е најдобриот начин да се обноват ентузијазмот и довербата во процесот. А поддршката и забрзувањето на интегративниот процес е најдобриот начин да се подобрат односите меѓу соседите“, додава Османи.