Основачот на „Алибаба“ е најбогатиот Кинез
29 август 2014Онлајн-претприемачот Џек Ма (на насловната фотографија), според новиот извештај за милијардери на економската новинска агенција Блумберг официјално е најбогатиот Кинез. Основачот на онлајн-шопинг концернот „Алибаба“ според овој извештај поседува имот во вредност од околу 16,5 милијарди евра. Она што е забележително е што според Блумберг Џек Ма од почетокот на годинава за петпати го зголемил својот имот.
Со вакво темпо, најверојтно и ќе продолжи интернет претприемачот, кој деновиве треба да наполни 50 години. Имено наредните недели „Алибаба“ треба да излезе на берзата, што ќе биде едно од најголемите излегувања на берзата во светот. За Џек Ма, кој како и досега поседува седум проценти од „Алибаба“ тоа ќе се исплати со нови милијарди.
Четири од шест најбогати Кинези, според листата на Блумберг се интернет-претприемачи. Покрај онлајн-шопингот тие пари заработуваат и со апликации, мобилни платежни системи или машини за пребарување. Тројцата најбогати Кинези од аналитичарите во меѓувреме се натрекуваат „БАТ- трио“, според почетните букви на претпријатијата, кои ги основаа: „Баидо“, „Алибаба“ и „Тенцент“. Само до пред неколку години најбогатите милијардери на Кина ги заработуваа парите во области како недвижнини, трговија или индустрија. „БАТ-триото“ не само што ги надмина овие класични бизнисмени, туку и напредуваше значително.