1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оставка на Харадинај поради обвинение во Ден Хаг

8 март 2005

Шефот на косовската влада Рамуш Харадинај поднесе оставка, откако е обелоденето дека против него е подигнато обвинение пред Судот на ОН за воени злосторства на просторот на некогашна Југославија. Харадинај најави дека утре ќе патува за Ден Хаг и ќе му се предаде на Судот. Меѓународните сили на Косово ставени во повисок степен на готовност. Бајрам Косуми иден премиер?

https://p.dw.com/p/AcGq

„Го добив текстот на обвинителниот акт од хашкиот Трибунал. Обвинет сум и денеска обвинението ми беше официјално врачено. Сакам да кажам дека воопшто не сум виновен. Како резултат на ова обвинение понудив неотповиклива оставка на функцијата премиер“ – објави 36-годишниот Харадинај на прес-конференција напладне во Приштина. Обвинението од Трибуналот во Ден Хаг го товари за извршени воени злосторства на Косово во 1998-ма и ’99-та година. Харадинај рече дека обвинителен акт добиле и други лица на Косово, но не наведе кои и за какви дела. Тој најави дека утре заминува за да му се предаде на Судот. Според агенцијата ДПА и приштински медиуми, нов шеф на владата треба да стане Бајрам Косуми, досегашен заменик на Харадинај.

Во Приштина претставниците на меѓународната цивилна управа за Косово, како и заштитните трупи на НАТО, се ставени во состојба на готовност. Ноќеска во подрачјето на Приштина се стационирани дополнителни 500 британски војници, во изминатите денови на Косово пристигнаа уште 600 припадници на германскиот Бундесвер, неодамна и американскиот контингент беше засилен со стотина специјалисти за разбивање на демонстрации донесени од Авганистан и Ирак. По повеќе од две години и францускиот контингент, стациониран на северот на Косово, е засилен со припадници на Легијата на странците. Така, севкупно во моментов на Косово има околу 19 илјади војници во меѓународните сили. Прераспоредувањето дополнителни сили беше образложувано со изведување воена вежба за редовна проверка на подготвеноста на единиците на НАТО да реагираат во вонредни околности, што треба да трае до 13-ти април.

УНМИК го подигна на повисоко ниво степенот на готовност во западниот дел на Косово во подрачјето на Пеќ - според портпарол на УНМИК „поради тековна полициска акција“, но без прецизирање за каква акција станува збор. На дел од персоналот на ОН му било препорачано да не се движи по тој дел на Косово, каде се наоѓа и Глоѓане, родно место на Рамуш Харадинај.