Италија повторно си дозволува владина криза. Тоа би можело да се нарече летен театар, но овојпат во игра има многу поголем влог. Ако шефот на пропаднатата партија Пет ѕвезди навистина го принуди премиерот Марио Драги на оставка, во прашање е нешто многу покрупно од стабилноста на земјата.
Сериозна криза во Италија би ја загрозила Европската унија, која моментно е под притисок на војната во Украина, енергетската криза и инфлацијата. Последно што во моментов би ѝ требало на Европа е нестабилност во Рим, со познатите последици по еврото и крај на заедничка украинска политика.
Спас во последна минута?
Човек може да е љубител на италијански опери со нивниот патос и драма, но не мора. Истото важи и забескрајните епизоди на италијански владини кризи, првенствено во летниот период. Каков ќе биде исходот на сегашниот политички театар во Рим, е неизвесно.
Постои уште една шанса за спас во последна минута. Но, во принцип, италијанскиот премиер Марио Драги е спремен да продолжи да ја води неговата влада на национално единство само доколку останат сите досегашни коалициски партнери. А со тоа ситуацијата станува опасна за сите нас.
Поранешниот шеф на Европската централна банка, кој тогаш беше наречен „Супер Марио“, во Европа важеше за спасител на италијанската стабилност, ја извлече земјата од кризата со коронавирусот и поднесе реформски план за италијанската економија, којшто во државните каси би требало да донесе преку 100 милијарди евра од фондовите на ЕУ за обнова. Во Брисел владееше уверување дека Драги ќе остане на функцијата до следните редовни избори, следната пролет, кога ЕУ би го пребродила најтешкото.
Но, Европа правеше сметка без Џузепе Конте. Предизвикувач на кризата е поранешниот премиер и шеф на партијата Пет ѕвезди, која во меѓувреме со 11 проценти, се стопи на една третина од својата некогашна јачина. Партискиот лидер Конте очигледно се надева преку популистичките барања до Драги за уште пообемна антиинфлаторска програма, да добие уште некој процент кај избирачите.
Притоа, мнозинството Италијанци во меѓувреме му свртија грб на неумерениот популизам на партијата. И дел од фрустрираните пратеници од Пет ѕвезди, неодамна се оддели од партијата, но остатокот е доволен за загрозување на владата на национално единство.
Подарок за Путин
Падот на владата на Марио Драги би бил подарок за Владимир Путин. Партијата Пет ѕвезди од почеток важи за наклонета кон Русија, слично како и колегите од деснопопулистичката Лега. Тие со недели бараат стопирање на испораките на оружје за Украина, постигнување некој вид принуден мир на сметка на Киев и воспоставување „нормални односи“ со Москва. Марио Драги во Брисел е гарантот за заедничка позиција со САД на курсот на поддршка на Украина и санкции против Русија.
Доколку во Италија дојде до нови избори, според досегашните анкети, се заканува формирање коалиција на десните популисти. Таков сојуз сигурно би значел крај на украинската политика на ЕУ. Европа уште може да се справи со застранувачите во малата Унгарија, но смена на власта во Рим би била пресврт, може да го разгори популистичкиот оган и во другите земји членки, што ќе донесе крај на заедништвото и ќе ја доведе во прашање воопшто иднината на Украина.
Ново издание на еврокризата
Згора на тоа, се заканува повторна еврокриза. По оставката на Драги, веднаш скокнаа трошоците за италијанските обврзници. Државните долгови во меѓувреме достигнаа 150 проценти од економските постигнувања, а инвесторите и политичарите стравуваат од регресија, враќање во годините на трајна криза, кога само постојаното купување на италијански државни обврзници од страна на Европската централна банка го спречи падот на земјата.
Самиот Марио Драги, како шеф на Европската централна банка, пред години на прашањето што ќе преземе за спас на еврото, го даде историскиот одговор: „Сѐ што е потребно за тоа“. Само што сега Франција и Германија само делумно можат да прискокнат како стабилизирачки сидра, зашто и самите се наоѓаат во тешка економска ситуација.
Сега веќе нема неограничени суми пари, како тогаш, за поддршка на Италија. Изборните тактички игрички на неколкумина егоисти во Рим овојпат ја туркаат ЕУ уште поблиску до бездна. Човекот, на кого му оди тоа во прилог, се наоѓа во Кремљ. Политичката класа во Италија треба да преземе сѐ, за да спречи вакво сценарио.