Остри критики за пресудата за Навални
3 февруари 2021„Пресудата против Алексеј Навални е далеку од секое право. Навални мора веднаш да биде пуштен на слобода“, ја пренесе изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел гласноговорникот на владата, Стефен Зајберг.
Реакцијата на цела низа други западни политичари поради демонстрацијата на полициска сила против демонстрантите во Русија и за осудата за Навални на затворска казна од околу две години и 8 месеци, се практично идентични и се разликуваат само по жестината на изразот.
Со посебен интерес се очекуваше и реакцијата на новата влада во Вашингтон, особено бидејќи во руските кругови токму „странските сили“ и Америка се обвинуваат за поддршка на демонстрантите.
Повеќе:
-Навални и Русите: комплицирана врска
-Навални - сам против надмоќта
Новиот американски министер за надворешни работи, Ентони Блинкен, остро го осуди апсењето на Навални и случувањата во Русија. „Владата на Русија прави голема грешка ако верува оти тука се работи за нас. Се работи за нивната влада: за фрустрацијата на луѓето во Русија поради корупцијата и автократијата и сметам дека треба да гледаат кон себе, а не кон надвор“, додаде Блинкен.
Илјадници уапсени
Британскиот министер за надворешни работи, Доминик Раб, ја напаѓа на оваа „перверзна пресуда“ која ги казнува жртвите со обид на труење, а не сторителите. Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, ја предупреди Москва дека тоа е очигледно кршење на преземените обврски на Русија во областа на начелото за правна држава и основните слободи. Во порака на социјална мрежа тој потсети и на пресудата на Европскиот суд за човекови права кој постапката против Навални ја оцени како самоволна и непримерна, а веќе утре Борел планира да ја посети Москва.
Многу коментатори како главна причина за оваа осуда на Навални го гледаат гневот на Владимир Путин, бидејќи опозицискиот политичар објави детален опис на големата палата која рускиот претседател ја изградил на Крим. А тоа, пред изборите за рускиот парламент на владетелот на Кремљ воопшто не му се допадна - против демонстрантите во руските градови се испратени бројни припадници на Националната гарда, а конфликтите по веста за осудата на Навални повеќе ескалираа. Како што јавува агенцијата Интерфакс, во последните 24 часа се приведени најмалку 1.400 лица, од кои поголемиот број се уапсени на демонстрациите во Москва. Порталот овд-Инфо пренесе дека во цела Русија се уапсени дури 5.500 лица.