1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Остри поделби во ЕУ поради кандидатурата на Украина

БГ /РТР
16 јуни 2022

Европската комисија во петок ќе предложи Украина и формално да стане кандидат за членство во ЕУ, но повеќе земји-членки не се согласуваат со предлогот. Франција предлага Европска политичка заедница

https://p.dw.com/p/4Cl09
Frankreich Russland-Ukraine-Krieg EU-Gipfel Schloss Versailles
Фотографија: Michel Euler/AP/picture alliance

За лидерите на 27 земји членки на ЕУ самитот на 23 и 24 јуни може да се претвори во непосакуван миг на признание за неуспехот на политиката на проширување. Веќе се насетуваат длабоки поделби меѓу земјите околу кандидатурата на Украина, но и неуспехот да се интегрираат досегашните земји-кандидати.

Украина бара кандидатски статус уште од 2014 година кога беше урнат прорускиот претседател Јанукович, а сега, во екот на војната со Русија, тој би бил силен сигнал на охрабрување за граѓаните. Но многу земји не се сигурни дека тоа е вистинскиот потег. 

Кандидатскиот статус е „вистинско решение од морална, економска и безбедносна перспектива“, изјави романскиот претседател Клаус Јоханис за време на посетата на воена база во неговата земја заедно со францускиот претседател Емануел Макрон. 

„Пред војната, имаше неколку источно-европски држави кои размислуваа за можноста за европски пат за Украина, Молдавија и Грузија, но големите земји секогаш велеа не“, вели висок дипломат на ЕУ за Ројтерс. 
„Таа филозофија сега е сменета“, дополнува тој. 

Доколку и Молдавија и Грузија добијат кандидатски статус по исполнувањето на дополнителни критериуми, јунскиот самит на ЕУ ќе биде уште еден потсетник дека државите членки се уште не можат да се договорат што да прават со постојните кандидати: Албанија, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Турција. 

Бројни критериуми 

Според ставовите на пет дипломати и функционери, давањето кандидатски статус на Украина претставува ризик за подигнување на нереални очекувања за членство во земја која е во војна и погодена од ендемска корупција. Предлогот предизвикува дополнителни поделби во ЕУ и поради обидот да се постигне единство за економските санкции врз Русија. Земјите од источна Европа даваат цврста поддршка за Киев, но Франција, Холандија, Данска, Белгија и Португалија имаа задршки. 

Rumänien | Emmanuel Macron und Klaus Iohannis | NATO-Stützpunkt
Романскиот и францускиот претседател Клаус Јоханис и Емануел Макрон во посета на воена база во Констанца, РоманијаФотографија: Yoan Valat/REUTERS

Две дипломатски белешки видени од Ројтерс ги потврдуваат несогласувањата.

Еден дански документи образлага дека „Украина се уште доволно не ги исполнува критериумите“, во однос на демократијата, човековите права, почитувањето на малцинствата и владеењето на правото. Документот од Литванија, пак, наведува дека „со одбраната на својата земја, Украинците ги бранат европските вредности, слободата и демократијата“. 

Како функционира пристапниот процес кон Европската унија?

Висок украински претставник за Ројтерс вели дека Данска и другите земји поставиле 25 услови кои земјата треба да ги исполни, иако не се обврзувачки согласно стандардите на ЕУ. Тој смета дека позитивната одлука „ќе биде голем морален поттик за украинскиот народ“. 

Франција, Холандија и Данска сметаат дека доколку ЕУ не се реформира, ќе престане да функционира со уште повеќе земји. 

Франција нуди поинаков пристап кон проширувањето, и го нуди планот за Европска политичка заедница, замислена како прстен од пријатели во кој би се зајакнувала соработката со земјите кои на крајот, можат да станат и членки. Предлогот им е испратен на другите ЕУ членки. Француски претставници инсистираат дека тоа не е алтернатива за полноправно членство, и Париз се обидува да ги убеди источните и балтичките членки во исправноста на идејата.