Остри пораки од Хан и ЕУ парламентарците во Македонија
21 март 2017Сите политички лидери во земјата, вклучително и претседателот мора да го почитуваат исходот од изборите, порачуваат во изјавата по повеќечасовните средби во Скопје со македонските политички лидери, комесарот на ЕУ и тројцата парламентарци.
„Во демократија, секој мора да го прифати парламентарното мнозинство“, велат тие.
Овојпат, тие „бараат од претседателот Иванов итно да ја преиспита својата позиција“.
„Нема време за губење. Очекуваме од сите политички лидери и институции да му дозволат на демократскиот процес да тече, во интерес на граѓаните. Одложувањата од последните месеци веќе и штетат на економијата“.
„Бараме формирање на нова влада посветена на имплементација на неопходните реформи. Од партиите и од новата влада се очекува да продолжат да ги имплементираат сите делови од Договорот од Пржино“.
Европските посредници остро ги критикуваат разгорувањето на меѓуетничките тензии и говорот на омраза во Македонија.
„Особено ги повикуваме сите да се воздржат од било какви акции и изјави кои би можеле да ги распламтат меѓуетничките тензии или да ги нарушат добрососедските односи. Никој не треба да биде во искушение да си игра со оган. Длабоко сме загрижени поради тензиите и говорот на омраза.
Негативната реторика насочена кон меѓународната заедница и граѓанските организации е целосно контрапродуктивна. Тоа го поткопува меѓународниот имиџ на државата и кредибилитетот на тие кои ја користат“.
Еврокомесарот и тројцата парламентарци кои го придружуваа во Скопје очекуваат „во следните денови“ да видат „сериозно и одговорно државништво од релевантните институции што ќе овозможи брзо формирање на нова и солидна коалиција“.