Отворена кавга меѓу Германија и Турција
4 март 2017Вода до врат. Така најдобро може да се опише моменталната состојба во германско-турските односи. Тешко е веќе и да се следи што сѐ меѓусебно си префрлуваат Берлин и Анкара. На двајца турски министри им е забрането во Германија на јавни настапи да врбуваат за претстојниот референдум во Турција, кој на претседателот Реџеп Таип Ердоган би требало да му овозможи апсолутна власт.
Еден од нив министерот за правда Бекир Боздаг се жали на недостаток на слобода на говор во Германија. „Каква е таа демократија?“, се прашува никој друг туку министерот за правда на земјата во која во последниве месеци илјадници критичари на власта завршија во затворите.
Одбивање на дијалог и јавни обвиненија
Германскиот министер за правда, Хајко Маас се обиде да стапи во контакт со разлутениот турски колега но безуспешно. Истовремено во германските медиуми се појавува едно негово писмо во кое тој предупредува од разградување на правната држава во Турција. А претставниците на владата во Берлин предупредуваат дека не треба да се мешаат случаите на откажувањето на настапите на турските министри во Германија со случајот на германскиот новинар со турско потекло Дениз Јуџел кој неодамна беше уапсен во Турција.
Но токму тоа се случува. Турската страна го злоупотребува Јуџел како своевиден заложник. Медиумите во Турција, новинарот на весникот Велт во петокот (3. март) повторно го опишаа како шпион па дури и како терорист. „Германија полуде“, заклучи турскиот весник „Јени Шафрак“. Од друга страна германскиот претседател во заминување Јоахим Гаук говори за верски обоен систем на политичко раководење , кој Ердоган очигледно сака да го воспостави во Турција.
И сето ова се вести во само 24 часа од германско-турската ескалација. Инаку сето она што во Турција се случуваше во последните месеци (апсење на критичари на режимот, барањето до Германците и во Германија да се пресметаат со противниците на Ердоган, итн., итн.) во Берлин беше коментирано многу благо. Сето според логиката: само мирно, не смееме да го прекинеме контактот, бидејќи Турција ни е потребна како НАТО партнер, како партнер на ЕУ во бегалската криза и како земја од која доаѓа најбројната доселеничка група во Германија.
Германија повеќе не може да седи со скрстени раце
Но сега одеднаш тонот се промени. Изгледа дека Ердоган, за да го направи својот референдум успешен, посебно внимание посветува на оние околу 1,5 турски избирачи кои живеат во Германија. Анкетите во Турција предвидуваат тесен исход на референдумот па поради тоа секој глас во Германија е важен. Во Германија во истовреме расте решителноста за ставање крај на ваквото однесување. Тоа посебно се однесува на плановите на самиот Ердоган на крајот на март или на почетокот на април да настапи на собир во Германија. Локалните политичари како и претставниците на важните политички партии отворено се спротиставуваат Германија да се користи како сцена за натамошниот чекор во процесот на лизгање на Турција во автократски систем.
Меѓутоа од правна гледна точка, борбата против ваквата тенденција е многу комплицирана. Слободата на јавни собири во Германија е високо добро. Откажувањето на собирите со настапи на турски политичари во градовите Гагенау и Келн беа образложени со безбедносни грижи. Сега е ред на канцеларката Ангела Меркел да испрати недвосмислен сигнал и јасно да стави до знаење дека не е пожелно Ердоган да настапи во Германија на еден таков предреферендумски собир. Јасни и недвосмислени пораки се единственото нешто што Анкара го разбира во моментов- ако воопшто нешто сака да разбере.