Откажан Октоберфест – на Баварците им крвари срцето
21 април 2020Премиерот на германската сојузна покраина Баварија, Маркус Зедер и градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтер утрово ја соопштија одлуката за откажување на годинешниот Октоберфест. „Одлуката ни предизвикува болка, навистина е неверојатна штета“, изјави Зедер. Но, фестивал од толкава големина со присуство на гости од цел свет, претставува преголема опасност. Октоберфест требаше да се одржи од 19 септември до 4 октомври годинава, се очекуваа околу шест милиони посетители од цел свет. Во време на пандемија на коронавирус, опасноста од зараза во најчесто до последно место пополнетите шатори на пивскиот фестивали густата мешаница по улиците е преголема.
„Сѐ додека не постои вакцина или лек против коронавирус, мораме да бидеме посебно внимателни“, изјави градоначалникот Рајтер, потенцирајќи – за него ова е исклучително емоционален момент, горчлива таблета. И без тоа, Минхен доживува негативни последици од економски актуелните тешки времиња во корона кризата. Октоберфест има огромно значење не само за пиварниците и гостилничарите, туку и за хотелите, кафеаните, такси возачите и трговијата во градот. Минатогодишниот Октоберфест според податоците на градот, имал економска вредност од близу 1,23 милијарди евра, што значи Минхен оваа година ќе биде покус за крупна сума приходи.
Инаку, Октоберфест не е откажан за првпат. Уште во 19 век е донесена одлука за отпаѓање на познатиот народен фестивал и тоа поради епидемија на колера, во 1854 и 1873 година. Во првиот бран тогаш во Минхен починале 7400 граѓани, меѓу нив и принцезата Тереза, во чија чест бил и основан фестивалот по повод нејзината свадба со престонаследниот принц Лудвиг од Баварија. И во време на двете светски војни не се одржувал фестивалот на пивото, исто како и во 1923 година, во фазата на хиперинфлација. Но, од 1949 година наваму, Октоберфест е одржуван без прекин.