„Отпишаниот“ Асад седи цврсто на претседателското столче
19 април 2014Тесни куќи со потпираат на стрмни карпи со боја на песок, а меѓу нив - цркви. Во мирните времиња Малула беше туристичка атракција. Ова место е една од најстарите христијански населби во светот. Но, туристите веќе одамна не доаѓаат во Малула. Од почетокот на граѓанската војна други се интересиират за ова место одалечено околу 50 километри северно од Дамаск. Тука често се менуваа „владетели“. Малула така со месеци беше во рацете на сириските бунтовници, сѐ до пред неколку дена, кога беа протерани од трупите на претседателот Башар ал-Асад.
Повторното освојување на ова место е дел од голема офанзива. Од ноември минатата година сириската влада под своја контрола повторно стави голем дел од областа Каламум, меѓу Дамаск и Хомс. „Оваа област е особено важна за безбедностa на Дамаск“, објаснува Хишам Џабер, поранешен генерал на либанската војска. Бидејќи низ оваа област водат важни патишта за снабдување на бунтовниците. Преку овие патишта пристигнува оружје во главниот град. Низ оваа област води и важна патна врска меѓу Дамаск, Хомс и сириското средоземно пристаниште Латакиа.
Асадовата офанзива
Оваа област е само еден пример за Асадовиот воен напредок. „Изминатите месеци трупите на Асад извојуваа цела серија воени победи“, вели Себастијан Сонс, стручњак за Сирија од германскиот „Ориент-иститут“. На многу важни места бунтовниците мораа да се повлечат.
Во околината на големиот град на северот на Сирија, Алепо, војската на Асад освои еден коридор, со кој значително ќе се олесни снабдувањето на сопствените трупи. Во некои области, пред сѐ во Дамаск и околината, се склучени локални примирја. Предходно трупите на Асад тие области, населби и предградија ги бомбардираа со месеци. Истовремено се блокирани испораките на храна и лекови. Режимот на Асад тие „мали примирја“ ги претставува како дел од „национално помирување“. Со оваа стратегија владата успеја да ја зацврсти својата моќ во Дамаск. Со тоа се ослободија воени капацитети, кои можат да се распоредат на други места во земјата.
Силата на Асад
До новата сила на Асад дојде од повеќе причини, објаснува Андре Банк, стручњак за Сирија од „ГИГА институтот за блискоисточни студии“. Од една страна на Асад му појде од рака да го запре дезертирањето од војската, вели Банк, меѓу останатото, и благодарејќи на финансиската помош од Иран со која се платени војниците. А, истовремено дезертерите се соочени со драконски казни, објаснува Банк.
Освен тоа, воените редови се засилени со паравоени единици. Ним им припаѓаат борците на алавитското малцинство, на кое му припаѓа и претседателот, како и либанските припадници на шиитските паравеони организации на Хезболах, шиитските борци од Ирак и припадниците на иранската Револуционерна гарда.
Моменталната сила на Асад меѓутоа произлегува и од слабостите на сириската опозиција. „Нема обединета опозиција, нема веќе обединети фронтови против Асад“, вели Себастијан Сонс. Бунтовниците во меѓувреме се борат дури и меѓусебно, едни против други. Наспроти умерените групи, како Слободната сириска армија, стојат радикално исламистичкките џихадисти. А, дури и тие се меѓусебно раскарани. Често доаѓа до вооружени конфликти меѓу фронтот Ал-Нусра, една гранка на Ал-Каеда, и групите на Исламската држава во Иран и Левант (ИСИС).
Во вторникот (15.04.) на еден од лидерите на Ал-Нусра-фронтот, борците на ИСИС му ги убија жената и ќерката. Освен тоа, на бунтовниците и така им недостасува оружје, иако сега, според наводите на „Вашингтон пост“, кај бунтовниците за првпат се појавиле ТОВ противтенковски ракети произведени во САД.
И на меѓународно ниво Асад сега го „ценат“ поради договорот за уништување на сириското хемиско оружје. На меѓународната заедница со тоа Асад повторно и’ стана „соодветен партнер за преговори“, вели стручњакот за Сирија Сонс. „Поради неговото ветување може да продолжи со своето конвенционално водење на војната во Сирија“. И во случај во Сирија повторно да дојде до напад со хемиско оружје, како што тоа се случи минатиот викенд, меѓународната заедница реагира многу воздржано.