Отсега како досега: ЕУ и по изборите смета на Меркел
21 септември 2017За Бруно Ле Мер, министерот за финансии на Франција, уште отсега е јасно: откако ќе се избере новиот состав на Бундестагот и ќе завршат коалициските преговори, нов канцелар ќе биде повторно Ангела Меркел. Франција го избра Емануел Макрон како непотрошен претседател. Германија, пак, ја задржува Меркел. Германско-француската локомотива конечно повторно може да ја влече Европската Унија. „На почетокот на октомври двете најважни држави во еврозоната ќе имаат нови мнозинства. Тоа отвора можност да се поттикне интеграцијата во зоната“, оцени францускиот министер неодамна на средбата на европските министри за финансии во Талин.
Франција очекува помош од Меркел
„Прозорец на приликата“ за нов полет во ЕУ по изборите во Германија гледа и претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер. Францускиот претседател само два дена по изборите сака во Германија да го претстави неговиот предлог за реформи во ЕУ. Емануел Макрон го диктира темпото. Двајцата врвни кандидати во Берлин ставија до знаење дека се позитивно настроени кон неговите планови. Обајцата во најмала рака можат да си замислат европски министер за финансии и нешто повеќе економско-политичка флексибилност во француски стил. Европскиот курс на Меркел изгледа како во некој дел и да се поклопува со курсот на нејзиниот предизвикувач Мартин Шулц, поранешниот претседател на Европскиот Парламент.
„Ќе имаме различни размислувања од францускиот претседател Макрон, од германската канцеларка Меркел и од претседателот на Европската Комисија Јункер. Во Европа дебатата за идеи и убедувања е најважното нешто. На крај мислам дека ќе излезе компромис кој Европа ќе ја направи посилна“, вели францускиот министер за финансии Ле Мер - без и да го спомене името на Мартин Шулц.
„Меркел е заменлива, Германија е важна“
По парламентарните избори, Германија и Франција и натаму ќе ги диктираат принципите на политиката на ЕУ - со, или без Меркел, тоа и не е толку одлучувачки момент, смета експертот за ЕУ, Јанис Еманулидис. Во Брисел тој е на чело на тинк-тенкот „Центар за европски политики“. „Ќе се продолжи на ублажен начин. Мора да се прават компромиси, кои ќе содржат дополнителни реформи, а не да се игра веднаш на големо. За тоа сѐ уште не постои подготвеност.“
„Кралицата на Европа“, како што ја нарекуваат Ангела Меркел во некои европски медиуми, е заменлива, смета Еманулидис. Политичар со меѓународно искуство каков што е Мартин Шулц би можел во Брисел да ги застапува германските интереси. Меркел ја имаа таа предност што по 12 години на власт го знае секој детал од проблемите и секој политичар на преговарачката маса. „Оттаму, таа има бонус од досегашното владеење, но тоа не значи дека друг можен канцелар не би можел да ја преземе истата улога и соодветно да плива во меѓународните води.“
„Посакувана е европска Германија“
За многу јужњаци конзервативната Меркел е синоним за штедење и за финансиската криза. Грчкиот пратеник во Европскиот Парламент, Димитрис Пападимулис од левичарската Сириза си посакува канцелар од левицата, кој ќе ги среди суфицитите на германскиот извоз и ќе дозволи поголемо задолжување. „Повеќе би сакал да видам европска Германија, отколку германска Европа. Нерамнотежата го загрозува процесот на европското обединување“, вели тој за ДВ. И за Германците би било подобро повеќе да се инвестира на домашен терен и да се зголемат платите. Досега политиката на ЕУ оди според шемата „28 земји дебатираат и на крајот Германија одлучува“, критикува тој. „Тоа би требало да се смени.“
И полскиот пратеник Косма Злотковски од националконзервативците речиси и да нема надеж дека ќе дојде до промена на власта. Тој пред сѐ е незадоволен од политиката за доселеници која Германија ѝ ја наметна и на Полска. Но во принцип е сеедно кој ќе владее во Берлин, смета тој, додавајќи дека и онака човек не може да ги разликува демохристијанските ЦДУ/ЦСУ и социјалдемократската СПД. „Меркел од ЦДУ направи социјалдемократска партија. Им ги зема сите теми на социјалдемократите. Сега веќе сѐ е едно, та исто.“
Интересно е само прашањето за коалицијата
Во Брисел повеќето тргнуваат од тоа дека Меркел ќе остане канцелар на најголемата земја членка. Но, со кого би коалициралa не можат да предвидат ниту експертите. Повторно со СПД? Или со Зелените и Либералите? Или само со една од двете партии? „Би било интересно тогаш да се види како канцеларката ќе делува во ова ново политички опкружување. Би било различно од она што го гледаме во изминатите години“, вели ЕУ-експертот Еманулидис. „Сѐ зависи од тоа која коалиција ќе владее во Берлин. И од странство со големо нетрпение се чека тој исход.“