1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оф-шор или зона на сигурен капитал?

Костадин Делимитов2 октомври 2014

Финансиска пералница на нечист капитал, или бизнис модел што ќе значи дополнителен извор за поддршка и промоција на македонската економија? Што ќе и донесат финансиските зони на Македонија?

https://p.dw.com/p/1DOio
Фотографија: DW-TV

Одлуката на Владата за формирање на слободна финансиска зона како дел од предложениот пакет уставни измени отвори дилеми околу оправданоста на мотивите но и последиците од ваквите политики.

Експертите и бизнисмените се согласни дека моделот на финансиските зони генерално носи економски бенефити, но се поделени околу оправданоста на ваквиот концепт кој кој може да биде проблематичен од повеќе аспекти. Берзанските аналитичари не гледаат простор за позначајни пореметувања на домашниот пазар, ниту пак опасност од нелојална конкуренција:

„Во однос на домашниот финансиски пазар на краток рок не очекувам значајни промени бидејќи оваа финансиска зона ќе биде првенствено наменета за странски компании пред се од редот на финансиските институции кои ги нудат своите услуги на странски клиенти. Нивната основна предност ќе биде што ќе можат да ги искористат предностите на едуцираната и релативно поефтина работна сила во однос на пазарите на кои што се веќе присутни. Домашните финансиски институции нема да почувствуваат конкуренција во однос на домашниот финансиски пазар, единствено на пазарот на работна сила е можно да дојде до зголемување на побарувачката на едуцирана и професионална работна сила што перспективно би значело и раст на нејзината цена. Исто така финансиската зона ќе значи и трансфер на современи процеси во работењето првенствено кај финансиските институции што би значело прифаќање на поефикасни методи на работењето што перспективно би се пренеле и во домашната економија“, коментира за Дојче веле Горан Марковски берзански аналитичар и директор на “КБ Публикум инвест“.

Опасност од нечист капитал

Дел од економистите пак предупредуваат дека финансиската зона е даночен рај и можност за влез на нечист капитал. Го повредува принципот на конкурентност и со повластените услови создава нееднаквост за учесниците на пазарот:

Mazedonien Land und Leute
Петар ГошевФотографија: DW/Stojanovski

„Таквите зони овозможуваат влез на нечист капитал стекнат со кршење на меѓународното право. Нема образложение како ќе се формира, што ќе биде таа зона, кои ќе бидат ефектите. Ова е отстапување на територија на странци од што нема да има полза. Се формира некоја квази држава која ако не граничи со други земји од сите страни ќе се граничи со Македонија. Кон каков концепт се приклучува Македонија со овие слободни зони?И се става на располагање на меѓународната олигархија. Тој свет, или поточно пробисвет, според некои проценки, крие по даночните раеви актива од 10% од БДП на светот, што претставува околу 100 трилиони долари“, реагираше поранешниот гувернер Петар Гошев на дебата околу предложениот пакет уставни измени.

Транспарентноста е клучна

Дел од познавачите предупредуваат дека е клучно процесот да се турка на транспарентен начин и согласно позитивната законска регулатива во ЕУ.

„Околу финансиските зони е клучно тоа што тие треба да бидат транспарентни и да бидат во рамки на позитивната законска регулативна во ЕУ која познава такви зони. Не треба да биде уникатна. Од првичните ефекти ќе се види дали и каква е перцепијата на странските инвеститори кон економската и политичката стабилност на земјата генерално. А добредојдени се средствата во државава кои понатаму можат да предизвикаат два позитивни ефекта, подигање на нивото на 'ноу хау' кај домашните вработени во зоните за тој тип на финансии, и второ, отвора малку простор за стопирање на одливот на луѓе кои би сакале да се занимаваат со таа работа, а сега тоа го немаат каде бидејки во Македонија освен банките нема алтернативни извори на финансирање. Не го гледам негативниот аспект ако биде направено транспарентно и во духот на позитивната законска регулатива во Европа. Ризик не може да има освен можеби кон банките кои пак поради високото ниво на профитабилност мислам дека ќе се справат со тоа. Мислам дека е вистинско време да се прави финансиска зона додека Македонија има висок кредитен рејтинг. Ако се прави во поинакви услови кога би имале рејтинг понизок од „ББ+“ тогаш би било дискутабилно. Еве, што не направи Грција на пример сега финансиска зона?“, коментира бизнисменот Антони Пешев.

Дел од експертите веќе предупредија дека формирањето на ваквиот тип зони е непознат кај сериозните европски држави и може да биде голема пречка за Македонија на патот кон членство во ЕУ. Официјален став околу ова прашање од Брисел барем засега нема, а и тешко може да се очекува со оглед на различните политики на земјите кон ова прашање: „Ако ја погледнете праксата во ЕУ ќе видите дека финансиски зони има во Балтичките земји, но не и во Германија и други западноевропски земји. Така што и во самата ЕУ нема единствена политика околу ова прашање. Сепак сметам дека треба да се биде внимателен околу ова прашање“, коментира за Дојче веле дипломатски претставник во земјава.

Бенефити од зоните

Во вакви услови според Марковски, предностите генерално треба да се бараат во бенефитите што ги постигнале земјите кои веќе имаат искуства со вакви зони:

Zoran Stavreski Vize Ministerpräsident Mazedonien
Зоран СтаврескиФотографија: MIA

„На пример во Луксембург, што претпоставувам дека ќе биде еден од моделите за поставување на финансиска зона во Македонија, земја со 400.000 население ефектите од ваквите зони се импозантни. Од земја ориентирана претежно кон земјоделството и рударството, таа во 60-те години го прифаќа овој модел силно промовирајќи се како место за отворање на инвестициски фондови. Со соодветна даночна политика, ефикасни процедури на формирање на инвестициски фондови и развиена финансиска инфраструктура Луксембург станува втора по големина земја после САД во однос на инвестициските фондови. Предноста од оваа зона е уште поголема доколку се знае дека ултимативно пазарните ризици првенствено ги преземаат инвеститорите во фондовите и затоа е многу помал ефектот од економските рецесии што би ги почувствувала зоната. Денес во Луксембург има 3.841 инвестициски фонд, финансиската зона учествува со 25% во бруто домашниот производ на земјата, има 44.000 вработени во овој сектор и во инвестициските фондови регистрирани во Луксембург се управуваат 2,4 трилиони евра“, коментира Марковски.

Според министерот за финансии Зоран Ставрески, финансиската зона во Македонија ќе привлекува банки, инвестициски фондови и корпорации по примерот на Луксембург. Според него, не станува збор за никаква офшор зона, туку за зона со високи меѓународни стандарди со концепт во насока на искористување на трендот во меѓународните финансии, каде што банките и инвестициски фондови бараат дестинации, каде што ќе ги минимизираат трошокот и ризикот.