УНЕСКО: Загрозено светско наследство
Комитетот за светско наследство постојано преиспитува дали она што се наоѓа на листата на Светско наследство сѐ уште ја заслужува таа титула. Годинава на црвената листа се најдоа познати места, меѓу нив и Охрид.
Охридско Езеро: Туризам или Светско наследство?
Охридското Езеро е најстарото езеро во Европа и едно од најстарите езера во светот. Научниците пресметале дека е старо над 1,36 милиони години. Во 1979 година Унеско го стави на листата на Светско наследство. Поради туристички проекти и недоволна грижа за природното богатство, сега се исполнети условите Охридскиот регион да се впише на Листата на Светско природно и културно наследство во опасност.
Венеција: Премногу туристи, преголеми бродови
Пред две години градоначалникот на Венеција го повика УНЕСКО да го стави неговиот град на Црвената листа на загрозено светско наследство. Тоа беше повик за помош поради огромните маси туристи во градот. Сега оваа „желба“ би можела и да се оствари: На седницата во Фужоу, Кина (од 16 до 30 јули) Светскиот комитет ќе одлучува за тоа дали Венеција навистина ќе биде деградирана.
Стоунхенџ: Историски камења наспроти автопат
Формацијата од камења Стоунхенџ, во јужна Англија, која е стара повеќе од 4000 години, од 1986 година е дел од Светското наследство. Секоја година таа привлекува речиси еден милион туристи. Поради еден проект за автопат кој води покрај Стоунхенџ и ги поврзува градовите Бервик и Ејмсбери, Стоунхенџ би можел да се најде на Црвената листа на УНЕСКО.
Спомен обележје Аушвиц-Биркенау
Од 1979 година дел од Светското наследство е и Спомен обележјето Аушвиц-Биркенау. Тоа потсетува на концентрациониот логор на нацистите во кој биле убиени повеќе од 1,1 милион луѓе. Комитетот за светско наследство критикува дека големи сообраќајни проекти би можеле да влијаат негативно врз карактерот на спомен обележјето и се жали на недоволната кооперативност на локалните власти.
Камчатка: Експлоатација на природни богатства
По 25 години на листата на Светското наследство, вулканскиот регион на полуостровот Камчатка, на истокот на Русија, е соочен со преместување на Црвената листа на УНЕСКО. Дел од многуте причини за тоа: илегален риболов, незаконска експлоатација на земни богатства, како злато и гас, намалување на бројот на диви животни поради уништување на нивниот животен простор, како и политичко лошо менаџирање.
Кенија: Старото градско јадро на Ламу Таун
Најстариот постојано населен град во Кенија постои околу 750 години, а прекрасното старо градско јадро е на листата на Светско наследство од пред 20 години. Но, сега е соочен со префрлање на Црвената листа, поради тоа што неговиот карактер е многу загрозен од начинот на којшто се гради, како и поради проблемот со отпадот и планираните големи проекти како нафтовод и меѓународен аеродром.
Австралија: Големиот корален гребен
Големиот корален гребен стана дел од Светското наследство во 1981 година. Тој се состои од речиси 3000 поединечни корални гребени и се протега во должина од околу 2300 км. Но, поради промените на климата и растечките температури на водата, тој ги загуби речиси половината од своите корали. Бури, дупчење гас и хаварисани бродови претставуваат исто така закана за неговиот статус на Светско наследство
Бангладеш: Мангровите шуми Сундарбан
Најголемите мангрови шуми на Земјата имаат површина од над 10.000 квадратни километри, од кои две третини припаѓаат на Бангладеш, а една третина на Индија. Мангровите шуми се дом на многу загрозени видови и се дел од Светското наследство од 1997 година. Поради нелегален лов, загадување на водата, незаконска сеча на шумите и зголеменото ниво на морето, шумите се соочени со ставање на Црвената листа
Танзанија: Резерватот Селус
Само што доби статус на Светско наследство во 1982 година, а УНЕСКО веќе се жалеше на „илегални активности“ во најголемиот резерват за диви животни во Африка. Селус се најде на Црвената листа во 2014 година поради повеќе работи: премногу туристи, експлоатација на земни богатства, проект за брана и големо намалување на популацијата поради незаконски лов на диви животни.
Ливерпул: Пристаништето пред исклучување
Со конечно исклучување од листата на Светско наследство е соочен и квартот околу пристаништето во Ливерпул. Тој се најде на Црвената листа само осум години по добивањето на титулата (2004), поради тоа што објектите не се одржуваат како што треба, а градежни објекти во околината негативно влијаат врз карактерот на тој дел од градот.