Оценки за дуелот: Мицкоски се врами како копија на Груевски
24 мај 2018Зошто Мицкоски воопшто бараше тв-дуел, ако, не само што не понуди нова и автентична визија, туку се претстави како како копија на Никола Груевски. Ова се клучните оценки на соговорниците на ДВ по синоќешниот тв-дуел меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Иако времетраењето на соочувањето беше изразено долго, во содржината остана релативно ограничено“, вели Ненад Новковски, професор на УКИМ и поранешен министер за образованиe.
„Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за кратко време успеа да го потроши кредитот на опозицијата во целина, кредит што ќе треба уште долго време да се собира повторно, без видлив ефект. Несвојствено за добиената можност, од негова страна не беа понудени никакви нови елементи, а уште помалку изненадувања со кои можеа да бидат освоени значајни поени. Тоа му овозможи на лидерот на СДСМ да дејствува од изразено комотна положба, каде што во најголем дел ги повторуваше претходно веќе изнесените информации, ставови и позиции“, оценува Новковски.
Причина за тоа ја гледа во промовираниот „недостиг на дисконтинуитет на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ со претходното, застрането до невидени размери“.
„Наместо дефинитивно отфрлање на функционерите кои веќе имаат дела во напредна постапка или во завршница, со промовирање на нов лик на партијата, видовме обид да се одбрани нешто што никој повеќе не може да го одбрани. Континуитетот со претходното раководство се пројави и во настапот, којшто беше заснован на ароганцијата манифестирана од претходното раководство, како оние од типот на понуди за 'про боно' советник“, констатира Новковски.
Молк за клучното прашање
Голем број од коментарите на социјалните мрежи се однесуваат на молкот на Мицкоски на прашањето од Заев: „Кажете ми што не чини во 'Илинденска Македонија'? Зошто сте против Илинден? Треба да го знаеме тоа (...) Што ако спорот не се реши уште десет години? Што предлагате вие?“ Мицкоски не даде одговор на овие прашања, иако повод за дуелот беше неговото барање на јавна сцена да дебатираат со Заев за разговорите за решавање на спорот за името.
„На темата за името, наспроти повторената позиција на лидерот на СДСМ, не добивме никаква појасна слика за ставовите на ВМРО-ДПМНЕ. Наместо конкретни оценки за аспектите на предложеното решение, беа повторени флоскули соодветни за митинг на 'тврдокорни', од типот 'распродажба на државните и националните интереси', што најмалку одговара на партија која во последниот период на финализирање на договорот со Грција ги водеше активностите повеќе од десет години, во кои спаѓа и еден неуспешен обид за конечно решение. Ова и беше најголемото потфрлување во овој медиумско-политички настан, од кој очекувавме да се добие најширока слика за тоа прашање со врвен приоритет, која требаше да допре до најшироката јавност, а од која се очекува поддршка за конечното решение што набргу треба да биде поднесено“, потенцира Новковски.
Повеќе:
-Прва пресуда за Груевски, прва реконструкција, прв дуел
-И Заев и Мицкоски во Софија, на различни самити
Од слични причини, според него, се разводнила и полемиката околу економските прашања, особено што се работи за кус период во кој релевантните показатели не можат еднозначно да бидат толкувани.
„Најпосле, претставникот на опозцијата не успеа да собере сили да пофали ниту една правилна постапка или намера на на власта, како што е донесувањето на новиот закон за високо образование и планирањето на капитални инвестиции во инфраструрата во голем обем“, заклучува Новковски.
Многу ароганција, малку аргументација
Слични оценки дели и професорот Сефер Тахири. Тој нотира дека дуелот покажал дека во Македонија се враќа нормална политичка дебата која е основа за развојот на демократските процеси, дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ покажал поголема храброст од страна на својот претходник, и дека треба да се цени подготвеноста на премиерот за директно соочување. Но, има неколку клучни забелешки.
„Лидерот на ВМРО- ДПМНЕ, Мицкоски се претстави како копија на Никола Груевски, користејќи на моменти и негови формулации. Целата аргументација и реторика околу политичките случувања и реформите немаше автентична визија на новото раководство, туку се насетува дека и Мицкоски оди по истата траекторија по која одеше и Груевски. И покрај обидот да покаже нов имиџ на ВМРО-ДПМНЕ кој се базира на интелектуални капцитети и перформанси, користењето на истите фрази околу СЈО, судството, реформите во медиумите, и прашањето на името, покажа дека ВМРО-ДПМНЕ има претседател на кој му треба уште време да се носи со новата функција во смисла на ораторство и аргументација. Мицкоски како политички лидер не треба да покажува тенденција на арогантност, како што беше обидот за омаловажување на противникот со дијалектот. Од друга страна, не најде сили доблесно да признае дека е нечесно и неетички да биде асистент на својот татко, макар и за еден семестар“, вели Тахири.
И за настапот на премиерот има одредени забелешки.
„Заев делуваше смирено, го прифаќаше предизвикот да дебатира на теми кои Мицкоски се обидуваше да ги стави во прв план, иако на моменти се чувствуваше дека Заев и покрај енергичноста што ја манифестира, сепак покажува знаци на замор и дефокусирање. И покрај големата функција што ја има, премиерот и во овој дуел покажа дека останува човечен и народен лидер. Во исто време треба да изгради потемелна аргументациска стратегија околу реформите, нивното задоцнување, но и околу критиките за партизација во администрацијата, бидејќи ако има такви случаи, макар и да се десет или дваесет, тие се показател дека државата не успева да се издвои јасно од партијата или партиите на власт. Манифестираше и храброст околу името и иднината. Признавањето дека една година не е доволна за да се решат проблемите кои беа натрупани 11 години, не е доволно за да се амнестира власта за нереализирање на ветувањата и реформските зафати, кои во некои сфери се на почетна фаза“, укажува Тахири.
Матен Вардар
Мицкоски вчера обвини за партиски вработувања и непотизам, посочувајќи дел реализирани преку Агенцијата за вработување. Директорката на АВРМ, Билјана Јовановска ги демантираше неговите искази како невистинити и тенденциозни.
„Во изминатите 10 месеци во АВРМ се вработуваат потребни стручни кадри, кои аплицирале на јавен оглас и ниту еден од нив не е во никаква роднинска врска со мене. Невистините пласирани од лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ ги поврзувам со неговата партиска советничка Слободанка Алексовска која беше разрешена по моето доаѓање на директорската позиција во АВРМ. Тогаш беше утврдено дека Алексовска ја злоупотребила својата службена должост и купувала од државна сметка приватни намирници, како јајца од потполошка, машки чорапи и млеко за тело. Советничката на Мицкоски сепак ќе мора да одговара за злоделата и штетата кои и ги нанесе на АВРМ за време на своето работење“, се наведува во реакцијата.
На социјалните мрежи голем дел од забелешките се однесуваат на личната „култура“ на комуникација за време на дебатата. Најголем број критики собра репликата на Мицкоски до Заев - „Не само што лажеш, сушиш!“, но и ароганцијата. „Јас сум надојден како Вардар“, одговори Мицкоски на забелешката на Заев, дека во обид да избегне одговор „врти како киша око Крагујевца“.
„Вардар е најматен кога е надојден“, коментира професорот Ѓорги Спасов на Фејсбук.
„Мицкоски нема какви било забелешки во однос на политиката на Груевски во областа на: економијата, надворешната политика, судството, администрацијата и во областа на медиумите. Тоа значи дека ако добие шанса некогаш да стане премиер ќе го прави истото што го правеше Груевски во сите тие области во изминатите 11 години. Всушност ќе го прави истото за се што му се суди на целото раководство на ДПМНЕ: криминал во економијата, партизирање на медиумите, администрацијата, судството и продавање квазипатриотизам во сферата на надворешната политика. Тие нема да прифателе 'капитулација' ниту во преговорите со Бугарија, ниту во преговорите со Грција, а и натаму ќе ветувале членство на Македонија во НАТО и во ЕУ. И се е тоа јасно. Само не е јасно зошто го менуваа Груевски. Тој сето ова би го правел и натаму подобро од својот советник Мицковски. И би бил повоспитан од него“, искоментира Спасов.