Падна едно од последните урбани упоришта на ИД
3 ноември 2017Станува збор за победа од големо симболично значење во борбата за протерување на ИД од последните урбани упоришта. Сириските сили презеле целосна контрола над источниот град Деир ал-Зур од Исламска држава, јавија денеска сириски воен извор и државната телевизија. „Вооружените сили, во соработка со сојузничките сили, го ослободија градот Деир ал-Зур во целост од остатокот од терористичката организација Даеш“, изјави воен извор, користејќи го арапскиот акроним за џихадистичката милиција.
Исламска држава со години ја држеше опколена енклавата во градот под контрола на владините сили додека војската не ја проби блокадата на почетокот на септември, започнувајќи борби во делови од градот под власт на џихадистите.
Војската ги освои населбите ал-Хамидија, Шеик Јасин, ал-Арди и ал-Рашидиа во последните борби, а населбата ал-Хавига остана последна под контрола на џихадистите, јави воената медиумска единица, со која управува сојузникот на сириската војска Хезболах.
Деир ал-Зур на западниот брег на Еуфрат, е најголем и најважен град во источна Сирија. Тој е центар на сириското производство на нафта. Со офанзивата на сириската војска, поддржана од Русија, Иран и шиитските милиции, како и со паралелна посебна офанзива на сириските милиции кои имаат американска поддршка, ИД е потисната во тесни џебови на територијата околу Деир ал-Зур во близина на ирачката граница.
Преземањето на контролата над градот е важно поради тоа што го поткопува самопроглаениот „калифат“ на ИД која ги губи своите урбани упоришта во Сирија.
.