1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Падот на Груевски ги спречи руските планови за Македонија

22 март 2018

Не очекувам Русија да преземе радикални чекори за да ја спречи Македонија да стане членка на НАТО. Но по влезот односите меѓу двете земји постепено ќе се деградираат, вели Максим Саморуков од Карнеги центарот во Москва

https://p.dw.com/p/2ukWb
Russland Maksim Samorukov Carnegie Zentrum Moskau
Македонија беше интересна за Русија најмногу поради „Турски поток“: Максим СаморуковФотографија: Denis Borisov-Ris

Македонија најмногу го привлече интересот на Москва како можна алтернатива за Бугарија при изградба на балканскиот огранок на гасоводот „Турски поток“. За Кремљ се чинеше дека Груевски со неговото нелиберално однесување и влошувањето на односите со Западот, е добар кандидат за тимот на руските европски сојузници, заедно со Орбан, Земан или Додик. Падот на власта на Груевски ги спречи овие планови, вели во интервју за Дојче веле, Максим Саморуков, заменик главен уредник на Carengie.ru при Карнеги центарот во Москва. Саморуков е експерт за руската надворешна политика и ги проучува односите на Русија со Источна Европа и Балканот. Саморуков нагласува: „Москва смета дека Зоран Заев и неговата влада се пиони на Запад и затоа не вреди да се обиде да ги поправа врските со новото македонско раководство".

Дојче веле: Господине Саморуков, што навистина сака Русија во Западен Балкан и каде се наоѓа овој регион на листата на нејзините надворешни приоритети?

Саморуков: Западниот Балкан е од маргинално значење за руската економија или за нејзините безбедносни интереси. Во однос на Кина, постсоветскиот простор или Блискиот Исток, Западен Балкан не е меѓу приоритетите на надворешната политика на Русија - особено сега, кога Москва се обидува да ги пренасочи своите меѓународни врски од Европа кон Азија. Сепак, Москва сé уште е заинтересирана за регионот како транзитен простор за своите енергетски проекти и исто така е желна да ја искористи популарноста на Русија во одредени делови на балканските општества за да го прошири своето меѓународно влијание, да го попречува понатамошното ширење на НАТО и на Европа да и покаже дека може да предизвика проблеми во дворот на ЕУ како одговор на активностите на ЕУ во пост-советските држави.

Тогаш, како би ја дефинирале политиката на Москва кога нејзиното економско присуство сега е маргинализирано, а политичката понуда е поврзана само со критиката на западните вредности и либерализмот?

Главната порака што Москва сака да ја упати со својата балканска политика е насочена кон Европа и гласи: ако сакате да се однесуваме конструктивно во вашето соседство, треба да бидете многу повнимателни во нашето соседство. Поентата на Кремљ е дека додека ЕУ одбива да ги признае специјалните интереси на Русија во земјите како Украина, Белорусија или Молдавија, Русија ќе реагира на тој начин и ќе му ја даде својата поддршка на Милорад Додик, на македонските националисти, на црногорските Срби и на другите политички сили кои ја попречуваат реализацијата на визијата на ЕУ за конечно решавање на балканските конфликти. Таквиот пристап навистина нема многу корист за Западен Балкан, но руската заблуда на регионот не треба да се базира врз рационални калкулации. Тоа има повеќе врска со заедничкото чувство на неправедно третирање од страна на Запад, кое сѐ уште ги поврзува огромните делови на руските и балканските политички елити.

äsident Wladimir Putin und mazedonischer Ministerpräsident Nikola Gruevski Russland Mazedonien Sankt Petersburg
Никола Груевски и Владимир Путин во 2012 годинаФотографија: MIA

Мали директни трошоци

Дали Русија својата политика ја гради најмногу на локалните актери или нејзиното влијание е базирано врз други структури на општествата кои се разочарани од долгото чекање за влез во Европската Унија?

Руската балканска политика има многу мали директни трошоци за Москва. Најголем дел од работата ја извршуваат локалните актери, кои работат за сопствените интереси, кои често се компатибилни со руските. Москва нема некоја голема стратегија за Западен Балкан и нема намера да влече ниту една земја од регионот надвор од европската орбита. Русија ќе биде задоволна само со забавување на интеграцијата на Западен Балкан во НАТО покажувајќи дека нејзиното влијание се протега далеку од границите на поранешниот Советски Сојуз. Имајќи ги предвид бројните внатрешни проблеми на Балканот, нискиот квалитет на локалните политички елити и долгогодишната негрижа на регионот од страна на Запад, на Русија не ѝ требаше многу напор за остварување на оваа задача. Сепак, ситуацијата сега може да се промени, кога ЕУ и НАТО станаа поактивни во нивното проширување во регионот.

Какви безбедносни гаранции може Русија да им понуди на земјите од Западен Балкан, (каде има толку многу нерешени проблеми) и кои би биле поефикасни од европскиот проект?

Руските воени капацитети веќе се преоптоварени со бројните обврски во постсоветските држави, на Блискиот Исток и општата модернизација на вооружените сили. Значи, Москва има многу мал интерес за преземање на безбедносните проблеми на Западен Балкан. Покрај тоа, Русија смета дека актуелните балкански конфликти се директен резултат на лошото справување на Западот со распадот на Југославија. Според Москва, Западен Балкан лежи во сферата на влијание на ЕУ, конфликтите се резултат на грешките на ЕУ, па затоа е потребно ЕУ да ги исчисти.

Ако има мал интерес за решавање на безбедносните проблеми тогаш што значи зголемената продажба на оружје на Србија, како и на борбени авиони: дали е тоа чекор кон пацификација на регионот или почеток на локална трка во вооружување?

Трансферот на руски борбени авиони и друга воена опрема за Србија нема многу врска со регионалната воена рамнотежа или бизнис интересите на Русија. Тоа е повеќе симболичен гест од чисто политичка вредност за двете страни. Србија ќе мора да потроши милиони евра за модернизација на добиената опрема, да ја направи способна за борба и да ја интегрира во српските вооружени сили. Но, трошоците не се важни, бидејќи главната цел на договорот за српското раководство беше да покаже дека се вистински српски националисти, патриоти и спроведуваат разновидна надворешна политика. Русија нема да направи богатство од тоа, бидејќи поголемиот дел од опремата е донирана или продадена со огромен попуст. Интересот на Москва е да покаже дека сѐ уште има голема побарувачка за нејзиниот воен хардвер во различни делови на светот, вклучувајќи ја и Европа, и дека меѓународното влијание на Русија не е ограничено само на постсоветскиот простор.

Во Македонија и Србија трговијата со Русија е маргинална. Зошто Русија не сака да се вклучи со инвестиции во инфраструктурата, заеми, образовна размена или научни проекти. Нема што да понуди или нема интерес за вложувања?

Москва никогаш не била добра за ваков вид хуманитарни проекти. Дури и во поблиските земји, како Белорусија или Украина, каде што имаше огромни можности за руски образовни, културни и други слични активности, Москва секогаш преферираше пристап од врвот надолу. Тоа е делумно резултат на недостатокот на соодветна експертиза во рускиот државен апарат, а делумно на општата недоверба на Кремљ кон какви било иницијативи и опседнатост со контрола. Руската идеја за меѓународна соработка е кога двајца лидери редовно одржуваат состаноци и објавуваат некои големи аранжмани, како отпишување на милијарди долг или продажба на воен хардвер или природен гас со огромен попуст, или некој заеднички енергетски проект вреден неколку милијарди долари. Додека прецизната работа со низок профил во општествената или хуманитарната сфера се смета премногу ситна за да биде  вредна за внимание.

Mazedonien Proteste in Skopje VMRO DPMNE Nikola Gruevski
За Русија, режимот на Груевски изгледаше стабиленФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Македонија и „Турскиот поток“

Во изминативе две години руското вмешување во македонската политика порасна на ниво какво што не било никогаш во историјата. Оваа интервенција беше еднонасочна – поддршка за поранешната авторитарна влада и постојана осуда на барањата на Албанците за поголема рамноправност во Македонија. Кои се мотивите за ваквото еднострано вмешување?

Македонија најмногу го привлече интересот на Москва како можна алтернатива за Бугарија при изградба на балканскиот огранок на гасоводот „Турски поток“. Колебливите бугарски влади уништија неколку руски енергетски проекти во регионот, вклучувајќи го и „Јужниот тек“, додека режимот на Груевски во Македонија изгледаше стабилен, способен да застане на своите зборови и генерално разбирлив за Москва.

Не е чудно што Русија беше иритирана кога неколкуте години додворувањето кон Груевски беа уништени од она што Москва го гледаше како друга антируска обоена револуција инспирирана од Западот. Со оглед на тоа што Зоран Заев и неговата влада во Москва се сметаат за пиони на Запад, Кремљ смета дека не вреди да се обиде да ги поправа врските со новото македонско раководство. По падот на владата на Груевски беа обновени контактите меѓу „Гаспром“ и бугарското Министерство за енергија, а беше објавена и нова мапа за развојот на бугарската гасоводна мрежа. Тоа сигнализира дека Москва се враќа во Бугарија како основна опција за рутата на „Турскиот поток“.

Во моментов, целите на Русија во Македонија се ограничени на попречување на пристапот на земјата во НАТО. Антиалбанското расположение и перцепцијата на западните институции како пристрасни во корист на Албанците традиционално се шират ширум одредени делови од македонското општество, што ѝ олеснува на Русија да ги искористи овие наративи и да го комплицира врзувањето на Македонија со Западот по ниска цена.

Повеќе: 

Русија повторно против влезот на Македонија во НАТО

Лавров: проширувањето на НАТО со Македонија е грешка

Што сака Русија на Балкан?

Во рамките на новата руска политика забележлива е и промената на ставот околу преговорите за името со Грција. Порано Русија јасно тврдеше дека уставното име на Македонија за неа е непроменлив став, но сега министерот за надворешни работи Сергеј Лавров изјави ако македонските власти, под притисок на Атина, направат промена на уставот тие ќе го прифатат тоа. Оваа позиција изгледа рационална, но тоа е промена на руската позиција за правото на нациите да одлучуваат независно. Зошто? 

По промената на власта во Македонија, спорот за името со Грција за Москва стана само уште еден чекор во пристапувањето на Македонија во НАТО. Официјално Москва, најверојатно, ќе се држи до немешање во билатералниот спор помеѓу двете земји. Сепак, Русија може да го користи наративот за неоправдани отстапки во спорот за името за пропагандни цели за да ги поттикне антизападното расположение во Македонија. Но, повторно, како што е вообичаено во Западен Балкан, тоа најверојатно ќе биде комбинација од вистинската огорченост на македонските националисти и неофицијалната поддршка од Русија.

-прочитајте уште: 

Дугин и Савин: не го советуваат Путин, ниту го претставуваат Кремљ

Неодамна во Скопје свое предавање одржаа двајца познати професори од Русија, Александар Дугин и Леонид Савин, пред преполна сала и во организација на една проруска партија. Организаторите го претставија Дугин како главен политички советник на Путин. Дали Дугин игра важна улога во креирањето на политиките на Кремљ и дали властите се согласуваат со неговите тврдења дека либерализмот е тоталитарна идеологија?

Дугин со неговата појавност како Достоевски и длабоко конзервативниот став кон светот стана многу популарен кај руските набљудувачи на Западот, а многумина сметаат дека тој е главен идеолог, па дури и сива еминенција во Кремљ. Сепак, постојат многу малку аргументи за поддршка на таквата перцепција. Многу членови на руската политичка елита, особено во безбедносниот сектор, може да ја делат ненаклонетоста на Дугин кон западниот либерализам, но тоа во никој случај не значи дека и самиот Дугин има некакво влијание врз донесувањето одлуки во Кремљ. Напротив, за многу прашања руските власти заземаат став спротивен на ставовите што ги проповеда Дугин. Посетата на Дугин во Македонија означува само дека во Русија и во Македонија има луѓе кои сметаат дека теориите за словенското/православното братство треба да бидат предност што треба да се култивира во односите меѓу двете земји. Но, би било огромно претерување тоа да се протолкува како знак на големи промени во политиката на Москва кон Македонија.

111. mazedonische Sendung "Evropanorama".
Фотографија: DW

Нема простор за зближување

Јасно е дека Србија е главното протеже на Русија на Балканот. Каква е перцепцијата во Москва за Македонија и за нејзините цврсти аспирации за членство во ЕУ и НАТО?

Македонија го имаше моментот на славата во руската балканска политика во 2015-2016 по откажувањето на „Јужен поток“, кога Москва сакаше да ја казни Бугарија за промената што ја направи и да ја премости со „Турскиот поток“. Освен тоа, Груевски со зголемувањето на неговото нелиберално однесување и влошувањето на односите со Западот, се чинеше дека е добар кандидат за тимот на руските европски сојузници, да стои до Орбан, Земан или Додик. Падот на власта на Груевски ги спречи овие планови. Русија ги обнови разговорите за гас со Бугарите и сега разгледува два можни правци за европскиот дел од „Турскиот поток“: еден преку Бугарија, Србија и Унгарија во Австрија, а другиот - преку Грција во Италија. Опцијата за Македонија повеќе не е на дневен ред.

Новата македонска влада, која постојано ја обвинува Русија за мешање во македонската домашна политика, во Москва е перцепирана како непријателска и жестоко антируска. Значи, зближувањето меѓу Москва и Скопје е неверојатно. Сепак, Кремљ најверојатно ќе обезбеди одредена мерка за поддршка на македонските националисти како политичка сила што е најспособна за забавување на пристапот на земјата во НАТО.

Како го толкувате разговорот на рускиот заменик-министер за надворешни работи со македонскиот амбасадор и предупредувањето на Москва дека членството на Македонија во НАТО ќе има последици за билатералните односи и за регионалната безбедност. Дали е тоа само предупредување или преминува во закана?

Верувам дека Македонија ќе биде следната земја која ќе влезе во НАТО, а процесот на пристапување ќе биде проследен со груби изјави од Москва, со кои ќе се осудува одлуката на Скопје. Сепак, не очекувам какви било радикални чекори што Русија би ги презела за да ја спречи Македонија да стане членка на НАТО. Треба да имаме на ум дека Москва првенствено ја осудува општата идеја за проширување на НАТО. Дали Македонија е внатре или надвор од Алијансата, всушност, не ги засега безбедносните интереси на Русија. Москва го гледа како главен безбедносен ризик самата идеја дека НАТО треба да се прошири, бидејќи нема гаранции дека таквото проширување ќе престане на Балканот и дека нема да има прелевање на постсоветскиот простор.

Ако влезот на Македонија во НАТО не претставува директна закана за безбедноста на Русија, односите меѓу двете земји веројатно постепено ќе се деградираат. Скопје ќе се приклучи на анти-руските санкции и ќе го заостри својот став за руските инвестиции, додека Москва ќе ја вклучи Македонија во ембаргото за храна и ќе прогласи бројни македонски политичари за персона нон грата. За да го демонстрира своето меѓународно влијание, Русија можеби ќе преземе мерки за поддршка на анти-НАТО групи на македонски националисти. Исто така, можно е некои македонски националисти да излезат со анти-НАТО слогани со надеж дека ќе добијат руски пари. Скопје ќе се жали и ќе го преувеличува руското мешање со цел да ги забрза своите преговори со НАТО и ЕУ. На крајот, Македонија најверојатно ќе ја оствари својата долгорочна цел да стане полноправен член на евроатланските институции, но Русија веројатно ќе има одреден степен на влијание во македонскиот енергетски сектор. Примерите на другите балкански земји покажаа дека тоа е сосема компатибилно со членството во НАТО и во ЕУ.

 

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар