Падот на Франц Бекенбауер
16 септември 2016Сето изгледа како „војна“ на бивши сопружници по распадот на бракот. Никој не се смета за виновен, секогаш е виновен другиот. Најдоцна по објавувањето на извештајот на адвокатската канцеларија „Фрешфилдс“ во март, на сите им стана јасно дека околу организацијата на Светското првенство во фудбал во 2006 се „матело“ и во Фудбалскиот сојуз на Германија и во Организацискиот одбор на првенството.
Адвокатите кои ги ангажираше Сојузот се занимаваа и со хонорарите во висина од 5,5 милиони евра кои Франц Бекенбауер ги добил за своите рекламни настапи, како и за задоцнетата даночна пријава. Наводно, не пронашле ништо сомнително.
Зошто доцнела даночната пријава?
Правнички гледано, можеби целата работа е во ред, иако мора да се постави прашањето зошто Сојузот го уплатил данокот за хонорарите на Бекенбауер дури по ревизијата во 2010, со неколку години задоцнување.
Бекенбауер уредно ги пријавил своите приходи во Австрија, каде што живее. И тоа не време, како што тврдеа неговите адвокати и со тоа го префрлија „жешкиот компир“ кај Фудбалскиот сојуз. Неговиот претседател Рајнхард Гриндел претходно ги обвини Бекенбауер и Организацискиот одбор дека ја лажеле јавноста.
Угледот на Бекенбауер како „светла точка на германскиот фудбал“, и онака нарушен поради аферата околу организацијата на Светското првенство во 2006, сега е дополнително оштетен. Тој очигледно не бил ангажиран околу првенството само волонтерски, како што тврдеше. А Сојузот? Оттаму ветуваа сеопфатно и итно разјаснување на аферата околу Мундијалот пред десет години. Зарем Сојузот не требаше веднаш да стави на маса сѐ што знаеше за рекламните милиони на Бекенбауер, а не дури откако магазинот „Шпигел“ побара коментар за аферата? Тоа не е транспарентност.
Не мора да се биде пророк за да се почуствува дека меѓусебните приговори меѓу Сојузот од една и свитата на Бекенбауер од друга страна, беше само почеток на перење на валканите алишта. На крајот, и едните и другите би можеле од тоа да излезат како губитници - токму како што обично бива по развод.