Македонија полноправна членка на НАТО до средината на 2020
5 декември 2018Договорот во спорот за името меѓу Македонија и Грција отстрани голема пречка за членството на Македонија во ЕУ и НАТО, и овој чекор ќе го намали руското влијание во регионот, вели во интервју за агенцијата Ројтес, американскиот помошник-заменик државен секретар Метју Палмер.
„Нема ниту една причина да не веруваме дека Северна Македонија ќе стане 30 членка на НАТО веќе за 18 месеци од денес“.
„Тоа е целосно реалистичен датум“, вели Палмер дополнувајќи дека јунскиот договор меѓу Македонија и Грција е „најзначајниот позитивен настан“ во обидите да се приближи Западниот Балкан кон ЕУ и НАТО.
Во разговорот Палмер изразува загриженост поради „малигното влијание“ на Русија како во Македонија, така и во останатите земји од Западниот Балкан.
Тој ја обвини Русија дека се обидува да ги поткопа владите и институциите со цел да го запре напредокот на регионот кон евроатлантската интеграција. Москва ги отфрла таквите обвинувања со контраобвинување дека Западот се меша во внатрешните работи на земјите од Западниот Балкан.
Палмер ги коментираше и руските критики кон македонската влада поради желбата да се стане член на НАТО.
„Не е Русија таа која решава што ќе прави Македонија во однос на нејзините врски со европските и евроатлантските институции“, рече Палмер.
„Обидите да се поткопа изразената волја на јавноста во Македонија се дестабилизирачки и штетни за регионалниот мир и безбедност“.