Онлајн наставата како летен распуст
26 јуни 2021Кога на почетокот на пандемијата на коронавирусот во 2020 низ целиот свет беа затворени училиштата и учениците мораше да останат дома, всушност никој не очекуваше дека тоа нема да биде само двонеделна пауза во наставата. Многу бргу стана јасно дека учениците нема така брзо да се вратат во школските клупи.
Наместо регуларна настава во училиштата се воведе онлајн настава во виртуелни училници. Тим истражувачи од Универзитетот Гете во Франкфурт откри дека децата и младинците за време на виртуелната настава на почетокот од пандемијата и не се стекнале со многу знаења – и покрај сите обиди на самите училишта да гарантираат функционална онлајн настава.
Истражувачите анализирале студии од разни делови на светот кои го истражувале напредокот на учениците во првата фаза од наставата на далечина, пролетта 2020.
Резултатите се поразителни – степенот на стекнато знаење кај многу од нив кои морале да учат од дома стагнира. Дел од студиите дури покажале дека има случаи кај кои и стекнатото знаење и способности се намалило. Тоа е речиси ист ефект кој се појавува по летниот распуст, велат аналитичарите.
Тимот од Франкфурт детално анализираше резултати од 11 студии од Германија, Холандија, Белгија, Австрија, Кина, Австралија и САД. „Пролетта 2020 сите учесници во овој процес се најдоа во сосем нова, досега невидена ситуација," вели за ДВ, др.Свенја Хамерштајн, научен соработник на Институтот за психологија на Гете Универзитетот.
Повеќе:
-УНИЦЕФ алармира: 168 милиони деца не одат на училиште поради короната
-Отворање на германските училишта: избрзано и неподготвено?
-Училиштата не се епидемиолошки безбедни места
Таа потенцира дека се уште нема многу веродостојни податоци за училишните достигања за време на првиот локдаун, односно дека студиите на кои работела и сама даваат само општ приказ на реалната ситуација. Допрва треба да се истражи какви ефекти имаат подоцнежните рестрикции, со оглед на тоа дека училиштата беа затворени цела есен и зима.
„Огромен пад на перформансите“ особено кај најмладите
Мици од Ајдахо, сојузна држава на северозападот на САД, може од прва рака да ги потврди резултатите од студијата. Таа е учителка во претшколска возраст и вели дека по првата фаза од онлајн наставата минатата пролет ги забележала дефицитите кај „нејзините деца“ – и покрај фактот дека и таа самата, но и нејзините колеги со сите сили се трудеа да осигураат квалитетна настава.
„Забележавме огромен пад во перформансите на нашите ученици“, вели учителката. „Имавме низа ученици кои на крајот од школската година 2020 не беа на ниво на кое би требало да бидат, на пример во однос на читањето. И кога по летниот распуст тргнаа во прво одделение, наставниците мораа многу да надоместат."
„Многу работи зависат од родителите“
Падот на знаењето во текот на првиот локдаун минатата пролет беше најзабележителен кај најмладите ученици, велат научниците од Франкфурт. Според Хамерштајн тоа се должи на фактот што „кај помалите деца се уште се развиваат когнитивните способности."
Роберт, наставник по математика и информатика во училиште во руралните предели на Долна Саксонија, во пролетта 2020 им предавал на учениците од петто до единаесетто одделение. Според него, особено важен фактор за успех, односно неуспех на онлајн наставата се родителите. „Многу работи зависат од родителите. Не само дали ги контролираат децата и дали навреме ги предале домашните задачи, туку и дали тие работат заедно со децата," вели тој.
Токму поради тоа научниците не беа изненадени од сознанието дека особено лоши резултати има кај децата и младите од социјално послаби семејства. Важна улога во образовниот процес во овие месеци имаше и техничката опрема која им била на располагање на учениците, тврди овој наставник по математика.
Во подобра ситуација биле децата чии родители работеле од дома, па покрај своите работни обврски можеле да го надгледуваат и процесот на „учење од дома“. Но тоа се претежно родители кои работат во канцеларија. „За касиерката од супермаркет тоа не беше возможно“, заклучува Роберт.
„Многу помалку научив“
Но и постарите ученици кои можеа самостојно да учат од дома зборуваат за проблемите со кои се соочиле при преминот кон онлајн настава.
„На почетокот онлајн наставата воопшто не беше ефикасна," вели Меди. Таа има 18 години и живее во американската сојузна држава Мериленд. Пролетта 2020 година одела во 11 одделение. „Моето училиште немаше стандардизиран план, сите наставници не користеа иста платформа за часовите, а некои наставници и воопшто не ни држеа настава," раскажува Меди.
18-годишната Ема, во март 2020 година исто така одеше во 11 одделение во приватно меѓународно училиште во Прага. „Дефинитивно стекнав многу помалку знаење, а со она што го научив сум многу понесигурна отколку да си одев нормално на училиште“, вели Ема. „Кога сите ќе ги исклучат микрофоните на компјутерите (додека зборува наставникот) речиси никој не ги вклучува повторно, па макар и да е за да постави прашање. Мислам дека на многумина им беше дури и срам да ги замолат наставниците да им помогнат кога им требаше помош за нешто. Така на крај добиваа помала поддршка," вели Ема.