1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Парадоксот на овој 27-ми април

27 април 2020

Во парламентот, каде пред три години имаше насилен и масовен упад, денеска не можат да „влезат“ ни пратениците. Не во формална смисла, туку заради суштинска потреба.

https://p.dw.com/p/3bSNr
Mazedonien - Das Parlament
Фотографија: MAKFAX

Според метеоролозите, тој четврток, на 27-ми април 2017 година, нѐ чекаше убав, топол и сончев ден. Тоа што денот заврши со тешка и крвава бура, не се должеше на изменетите временски услови, туку на политичко насилство, кое со денови го опструираше уставното право на парламентарното мнозинство да избере претседател на Собранието. Се’ започна откако тоа попладне мнозинството конечно избра претседател на парламентот. Изборот се одвиваше во драматична и крајно нестандардна атмосфера. Додека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со жив ѕид го чуваа спикерското столче, пратениците на СДСМ, ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците гласаа за избор на Талат Џафери, собрани на купче меѓу пратеничките клупи, каде и тој ја даде свечената изјава.

Тоа што следеше потоа, е кошмар чии слики експресно го обиколија светот – упад во парламентот, насилство, луѓе во фантомки кои спроведуваат „ред“ во законодавниот дом, крвави глави, амбулантни возила, евакуација...

Да не се случеше тоа, овој ден во колективната меморија најмногу ќе беше запомнет како ден во кој загинал големиот македонскиот револуционер и претседател на Крушевската Република, Никола Карев. Ќе го памтевме како ден кога е роден големиот македонски војвода на пишаниот збор, Горан Стефановски. Но, дојде време поради корона-кризата да не можеме ни спомен обележје да поставиме во негова чест, па тоа е одложено за некои подобри времиња.

Дојде време, на денот кога Талат Џафери одбележува три години од неговиот драматичен избор за претседател на парламентот, да е неизвесно дали ќе се состане распуштениот парламент - и тоа во време на вонредна состојба! Стигнавме до еден парадокс: во парламентот, каде пред три години имаше насилен и масовен упад, денеска да не можат да „влезат“ ни пратениците. Не во формална смисла, туку заради суштинска потреба.

Пратениците кои собраа потписи за свикување на парламентот уште чекаат одговор. Од Џафери, кој веројатно не заборавил како се одвиваше неговиот легитимен избор во крајно тешки услови, се очекуваше да има поизострен усет кога станува збор за потребата од заседавање на парламентот во вонредна состојба. Се разбира, не заради нечија желба или хир, и не спротивно од регултативата. Впрочем, токму Џафери има „пуслуче" во џебот, кога по, од него поднесена Иницијатива, Уставниот суд ја донесе Одлуката број 104 од 2016 година, во која е утврдено дека пратениците не можат повторно да заседаваат по одлуката за самораспуштање, освен во услови на воена или вонредна состојба (63 став 4 од Уставот).

Значи, има чист законски терен да го свика парламентот. Тој досега го бранеше единствено ставот дека во постојано заседание е само Собрание кое има мандат, а не она кое нема, кое е распуштено. Поради тоа побара да не се мешаат статусните и административните права. Но, во таков случај, ако Џафери сега само административно е претседател на парламентот, зошто по неговото распуштање на 16-ти февруари остварувал официјални средби со европратеници (21-ви февруари) и со двајца претседатели на парламенти (5-ти март), небаре неговиот мандат е статусен, политички?

Кога нешто се брани, мора да се биде доследен до крај. Корона-кризата еден ден ќе заврши, но ќе остане забележано дека не сме се заразиле само од вирусот на доследност, принципиелност и неселективно читање на законите. Заради премногу анти-тела или...?