1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Парите ги обединија партиите

ДТЗ /ДВ
7 декември 2020

Викендов експресно беше изгласана распределбата на 3,5 милиони евра за финансирање на политичките партии, без полемики, смешни амандмани и обвинувања. Јавноста прашува: дали државата треба да ги финансира партиите?

https://p.dw.com/p/3mLsb
Mazedonien Parlament in Skopje | Namensstreit mit Griechenland
Фотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/B. Ademi

Политичките партии од власта и опозицијата кои изминатиов период се чини за ништо не можеа да постигнат согласност и да ја одблокираат работата на парламентот, викендов сепак се обединија за експресно да изгласаат распределба на 3,5 милиони евра за сопствено финансирање. И покрај критиките на јавноста, тие не се откажуваат од средствата, ниту имаат намера да ги донираат. Напротив, се жалат дека останале со помалку финасии - со новото законско решение, наводно, предвидено е намалување на финансиските средства во однос на 2019 година за 30%.
„За парите што ги добивте не ви текнуваат смешни амандмани?"", се дел од критиките кои се појавија во јавноста, по веста дека лутуте партиски ривали, станаа најголеми сојузници кога е во прашање поделбата на буџетскиот колач.

Важни одлуки на стенд бај

Додека неколку важни одлуки, како онаа за онлајн работа на парламентот поради пандемијата на Ковид-19, се уште чекаат да дојдат на дневен ред пред пратениците, народните избраници речиси едногласно ја поддржаа одлуката со која ќе добијат над три милиони евра од буџетската каса кои законски им припаѓаат откако во јули 2018 година едногласно го изгласаа Законот за финансирање на партиите. Левица е единствената партија чии пратеници не гласаа „за“., Но, тие не беа ниту против оваа одлука. Поранешниот член Бранимир Јовановиќ јавно ги прозва и запраша кај се сега Апасиев и Крмов да прават „филибастеринг“?

„Нешто не им текнуваат „смешни“ амандмани кога треба и тие да лапнат стотици илјади евра…Ама добро, нека паднат маските…Нека видат сите убаво дека не им е гајле ниту за сиромашните, ниту за државата, него само за еврата на нивните сметки…“, вели Јовановиќ. 

-повеќе на темата: Буџетски пари за партиите: потреба или товар во време на криза?

Левица, која изминатиов период го затрупа парламентот со амандмани, тврди дека „државното финансирање е оправдано како механизам за политичка независност“. Токму државното финансирање, според нив, има многу поголема важност за опстојувањето на оние партии кои намерно избегнуваат финансирање од крупен капитал и приватни донатори заради обезбедување политичка независност.

Намалување на средствата

Партиите се правдаат дека со законот за финансирање на политичките партии тие повеќе нема да бидат зависни од донации и дека ќе имаат поголема контрола на трошењето пари. Тие тврдат дека донесениот Законот за финансирање на политички партии предвидува намалување на средствата што се предвидени за политички партии и тоа по 30 отсто за оваа и следната година.
СДСМ, според пратеничката Фаница Николоска, истакна дека ако се спореди со 2019 година токму поради економската криза предизвикана од коронавирусот има намалување со 30 отсто.

„Тоа е со консензус на сите политички партии освен од една која што беше против тоа намалување предложено од другите политички партии“, рече Николоска.

Никола Мицески, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ вели дека средствата за политичките партии се намалени и оти опозициските пратеници, онака како што најавиле, учествувале при носењето на законите поврзани со ковид – кризата.

„Практично со новото законско решение го намаливме финансирањето на политичките партии, кое што законски е уредено на 70 проценти, за оваа и наредната година или во суштина за 60 проценти намалување на финансирањето на политичките партии во наредните две години, имајќи ја во предвид економската, здравстената криза и она што значи работа на државата во наредниот период“, рече Мицески. 

-повеќе на темата: Финансирање на партиите: Кротко јагне од две мајки цица!

Законот претходно им дозволуваше на партиите да добиваат 0.15 отсто од буџетот, но во јуни годинава, поради пандемијата со коронавирусот, ова беше изменето и со уредба со сила на закон беше предвидено финансирање од само 0.4 отсто, односно 1.1 милиони евра наместо 5.2 милиони евра.

Павле Трајанов од Демократскиот сојуз вели дека е против тоа државата да ги финансира политичките партии.
„Не може државата да ја финансира медиумската кампања, имаме партиски институции кои ги финансира државата. Ни требаат помали партии, не треба државата да финансира, системот е така направен само големите партии да земаат од големиот колач. ДС доби 6.000 евра за 2019 година за активност на партијата. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ добија многу пари. Не ни требаат партии од 200.000 членови, нека се финансираат самите, штом имаат толкаво членство. Двапати расправаме за Буџетот, главната активност на пратениците е контрола на трошењето на парите. Треба кога се креира Буџетот, да се дадат идеи“, вели Трајанов.