Парите и неокомунизмот
1 октомври 2016Во средата, СЈО за првпат објави истрага за предмет што директно вклучува економски криминал на поранешни владини моќници, со обвинение дека го оштетиле буџетот на земјава за 860,000 евра. Истиот ден, пак, беше емитувана истражувачка сторија дека Партијата на Груевски, според имотот, е најбогатата партија во Европа. На овие обвинувања, Центарот за комуникации на ДПМНЕ до јавноста испрати кусо соопштение до кое изјави дека: „На 11 декември СДСМ ќе биде казнет уште еднаш за сета штета и сиот криминал кој го сторил на штета на граѓаните“.
Комунистичкиот парадокс на ДПМНЕ
Во психоанализата, ова поведение на негирање, го нарекуваме уште и процес на „укинување на темпоралноста“. ДПМНЕ на Груевски не само што не го признава евентуалниот криминал од големи размери, туку се чини во него и не гледа сериозен проблем, затоа што има востановен систем да се смета себеси за носител на „новото“ кое е автоматски прогресивно, додека сето она што било некогаш автоматски е „регресивно“. Оваа пропаганда, по десет години, го даде својот резултат и сега зборуваме за Партија што временскиот хијатус го искористи за да се промовира себеси како носител на „новото" и на „преродбата". И додека во реалноста, успешните посткомунистички земји сепак испаднаа оние што ги задржаа добрите практики од стариот систем, а ги модификуваа оние сегменти од своите општества, што требаше да се усогласат со парламентарното уредување (како, на пример, во Република Словенија), дотогаш најлошите транзициски приказни испаднаа токму оние што ја укинаа темпоралноста и прогласија дека „Се’ започнува од ново“! Како кај нас.
Еве постар советски виц на оваа тема. Еден клиент оди во банка со намера да депонира 100 рубљи, но прашува дали парите ќе му бидат безбедни. Банкарскиот службеник му вели дека банката ги гарантира сите депозити. „Но, што ако банката пропадне?“, прашува клиентот. „Тогаш, Централната банка ќе ви ги гарантира локалните депозити“. „Да, но што ако самата Централна банка пропадне?“. „Во тој случај“, вели банкарот, „Советскиот Сојуз ги гарантира банкарските депозити“. Се’ уште во сомнежи, клиентот конечно се осмелува да праша: „Но, што ако пропадне самиот Советски Сојуз!?“. Изнервиран, службеникот му возвраќа: „Па дали сакате да ми кажете дека не сте подготвени да ги изгубите овие мизерни сто рубљи, ако цена за тоа е да се распадне самиот Советски Сојуз?“
Со други зборови, желбата за уништување на целата постоечка инфраструктура преку постојаното анегдотско менување на законите, преку нови и нови пакети и проекти и програми, конечно, кај нас, доведоа до ситуацијата во која навистина, Партијата на Груевски успеа во јавниот дискурс да ги украде повеќето симпатии, како и повеќето фактички ресурси во земјава, и тоа - токму во име на пропаѓањето на „стариот свет“ и воспоставувањето на нов полис, на нови правила. Со тоа македонското општество се најде во многу слична ситуација на таа од некогашната комунистичка Македонија. Во моментов големи се структурните сличности помеѓу некогашната желба на комунизмот да го исчисти светот од „нечистотијата на буржоаската корупција“ и сегашната желба на ДПМНЕ да раскрсти со „светот на комунизмот“, одошто се големи разликите.
А токму тоа го создаде и најтраорниот парадокс на ДПМНЕ на Груевски. Неговата Партија е нај(ретро)комунистичката партија во 25-години независност на Република Македонија и е Партија носител на најнеуспешната посткомунистичка транзиција во овој дел од светот.
Најбогатата партија во Европа
Во средата, СЈО објави истрага за предмет кој за првпат ја сомничи владејачката елита за економски криминал. Три лица од УБК и едно лице од МВР се осомничени за прибавување имотна корист од 862,000 евра при набавка на софистициран софтвер за следење на граѓаните. Синоќа, судот го одби барањето за притвор за поранешниот началник на Петтата управа, а во наредните три дена ќе се знае дали е одбиена мерката за одземање пасош на три осомничени лица, меѓу нив и на Сашо Мијалков. Истиот ден, беше објавен 10-минутниот документарен филм на Центарот за истражувачко новинарство Скуп, финансиран од данската асоцијација за истражувачко новинарство во кој се вели дека Партијата на Груевски во периодот 2006-2016 станала една од најбогатите партии во Европа.
Според истражувањето, по десет години владеење, ДПМНЕ поседува имот поголем од шведската центристичка партија, од партијата на Ангела Меркел во Германија и од партијата на лабористите на Корбин и на конзервативците на Тереза Меј заедно! Или во бројки, според истражувањето, Партијата на Груевски за една деценија се стекнала со: 1) 93 имотни листови на партиски седишта низ земјава; 2) ДПМНЕ има над 33.000 квадратни метри објекти, земјоделско земјиште и пасишта; 3) Пазарната вредност на имотот на ДПМНЕ се проценува на 60 милиони евра; 4) Новоизградената Палата во центарот на Скопје се проценува на 40 милиони евра; 5) Иако имотот на ДПМНЕ е проценет на 60 милиони евра, во 2015 година во Партијата имало само две вработени лица.
Во моментов е јасно дека СЈО ги отвора внимателно само оние истраги за кои може да донесе доволно докази на суд. И дека тие се само делчиња од големата шема за богатење на Партијата. СЈО во моментов зборува за злоупотреба на државни пари кои се под еден милион евра, иако проценките на разни економски експерти се дека Партијата на Груевски освен што е една од најимотните во Европа, за десет години од земјава има испумпано неверојатни 4 до 5 милијарди евра.
Одговорот на прашањето како ДПМНЕ на Груевски во една деценија успеа од најзадолжена партија да стана финансиски магнат, а воедно и една од најбогатите партии во Европа, лежи токму во објаснувањето погоре. Дел од успехот на Груевски е комбинацијата од криминал во спрега со идеологијата на делумно следење на некогашниот комунистички стил на владеење (кај него помогнат и со капиталистичката и со постсоветската пропаганда, чии услуги ги користи со години, а најново, според најавите, ќе ги користи и оваа недела). Тоа од неговата Партија направи убиствена машинерија за завладејување со повеќето материјални, човечки и кадровски ресурси во земјава.
Сонот за номенклатурата
За таквото завладејување, клучни беа следниве три чекори. 1) Четирите „Преродби" на ДПМНЕ (2006, 2008, 2011 и 2014) се пандан на т.н. „Петолетки" од ерата на комунизмот и го кријат кодот на асимилацијата на државата од Партијата. 2) Тајните служби на Мијалков, со упадите во приватноста на граѓаните (иако такви имаше и во ерата од 1991-1999), според степенот и опсегот на следените лица, се еквивалент само на УДБА од времето Тито и Ранковиќ. 3) Белата палата на ДПМНЕ, проценета на 40 милиони евра, во последниве две години прерасна во централа на Партијата, од која се изведуваат сите најважни операции на Партијата. Тоа е и причината зошто оваа зграда е најчуваниот објект во Република Македонија, стратешки поважен за Груевски и од Владата и од Собранието на Република Македонија (факт што беше евидентен и во текот на т.н. Шарена Револуција).
Палатата на ДПМНЕ во 2014 мистериозно порасна од 400 до неверојатни 4,000 квадратни метри, а зградата од стотина квадратни метри се претвори во партиски посед од преку 1,200 квадратни метри. Истиот објект повторно стана предмет на интерес пролетта 2016, кога се појавија првите тајни фотографии од наводни 50 нарачани украински слики со мотиви од историјата на Партијата, вклучувајќи ја и најголемата слика: семејниот портрет на Груевски. Како и во комунизмот, така и денес, јавноста нема речиси никаков увид во внатрешноста на зградата, како што немаше ниту во резиденција на Дедиње во која 35-години работеше и живееше вечниот Маршал на Југословенската федерација.
Иако Груевски веќе осум месеци не е премиер, во земјава е невозможно да сретнете државен службеник кој на експремиерот не му се обраќа со зборовите „претседателе“, затоа што стратегијата на Партијата е: само оној жител што е член на ДПМНЕ е доволно добар жител. Слично, впрочем, на премолченото или на отвореното членство во КПМ во комунизмот. Ниедна политичка партија во 25-те години независност во Република Македонија не негувала таков култ кон лидерот, како што е тоа во ерата на Груевизмот.
Понатаму, во ниедна деценија немало олку масовно задолжување, како во време на Груевски, идентично на последната деценија од некогашната југословенска федерација, во која централно планирање, позајмувања и микроменаџирање ја пропаднаа економијата. Потоа, ниедна партија во независноста на Република Македонија нема работено олку ефикасно на пропагандата како ДПМНЕ на Груевски и тоа со идентични програми: од „работните акции" до униформирањето на населението и до секојдневната пропаганда за прогрес - додека во реалноста, сите светски ранг листи покажуваат дека земјата е во сериозен регрес. Ниедна партија не ја беше суспендирала дебата како Партијата на Груевски, чии најблиски соработници (Протуѓер, Мијалков), пред т.н. бомби на опозицијата беа речиси митски личности, чии гласови јавноста никогаш не ги беше слушнала. И како ниедна епоха во овие 25 години независност, ДПМНЕ на Груевски се фиксираше на некогашниот комунистички бастион, Водно, делумно заради опсесијата со утопискиот посакуван топос и сонот за номенклатурата што се буди со кавијар, а златната младина е под заштита на лидерот. Не само што станот на експремиерот се наоѓа на падините на Водно, туку и становите на повеќето апаратчици на ДПМНЕ се во зградата (нагалено наречена: зграда на ДПМНЕ), што исто така е во подножјето на Водно. ДПМНЕ на Груевски е најблиската апроксимација на комунистичка Македонија од независноста на земјава до денес.
Шоу „Во чекор со претседателот“
Откако го испрати партиското соопштение за кражбите на опозицијата, експремиерот (кој на 21 ноември треба да се појави во Основниот суд Скопје 1 на главна расправа како првообвинет за поттикнување насилство, во предмет што го покрена СЈО), оваа недела се врати кон своите омилените „теренски" активности. Тие исто така необично наликуваат на сегледачкото око на комунистичкиот лидер, присутен секаде, а менаџира се’.
Па така неделава, гледачите повторно имаа прилика да го гледаат експремиерот, овојпат во шест епизоди од неговото омилено реално шоу „Во чекор со претседателот“. Во првата епизода, иако не е премиер, ниту министер за финансии, Груевски најави дека ќе ја зголеми ноемвриската пензија за пет отсто. Во втората епизода, иако не е издавач или историчар, се појави како статист при промовирањето на томовите од македонската историја. Во третата епизода, стаса до ликовниот салон во Велес, каде во салата „што беше претесна за заинтересираните млади“, промовираше 40 проекти. Во следната епизода, иако не е министер за образование и наука, свечено пушти во употреба училишна зграда од 134 квадратни метри, со три училници, во Радовишко. Во петтата епизода, иако не е министер за транспорт и врски, во Светиниколско најави асфалтирање на улиците и чистење на каналите, а потоа изврши и итен увид во патот Велес-Штип.
Особено впечатливи беа омилените јавувања од мобилниот. Во шестата епизода, откако ги чу проблемите со именувањето матичен лекар на жителите од Ерџелија, пред медиумите веднаш телефонски му заврте на директорот на Фондот за здравствено осигурување кој го увери дека се’ ќе биде во ред со матичниот лекар. А седмата епизода се одвиваше во Црнилиште. Кога разбра дека жителите имаат проблем со откупот на млекото, веднаш се јави кај министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и на лице место разбравме дека проблемот со откупот е речиси решен. „Претседателот“ им соопшти на млекарите дека пред крај е изработката на софтверот што млекарите ќе ги поврзе со откупувачите, па млекарите можеа среќни да ги напуштат шталите со верба дека набрзо ќе пристапуваат кон мрежно поврзување со откупувачите.
Сепак, бидејќи и „претседателот“ е само човек, тој не стаса да промовира се’ оваа недела, па четири епизоди им довери на своите соработници – тоа се епизодите со урологот, цевката, универзитетот и ЕБР. Задоволството да соопшти дека од 5 октомври пациентите со проблеми на простатата наместо двапати ќе одат на уролог само еднаш му припадна на министерот за здравство. На министерот за транспорт, пак, му падна задоволството на својот фејсбук профил да објави сина цевка, дел од водоснабдителниот систем за Маврово и Ростуша во изградба. Министерот за образование и наука го најави новиот универзитет „Мајка Тереза“ со веќе 80 пријавени студенти. А директорот на БРБ на својот фејсбук профил, пак, (по неуспешната вежба околу американската амбасада), објави дел од видео вежбите на ЕБР во планински услови. Видеото започна со реченицата: „Господине директоре, дозволете вежбата да отпочне“. По што тој дозволи.
Јасна Котеска е теоретичарка и универзитетска професорка