1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орбан по трет пат?

Кено Верзек
6 април 2018

Виктор Орбан и неговата партија Фидес најверојатно ќе победат на парламентарните избори в недела. Не се знае само колкава поддршка ќе освојат. Унгарија и Европа мора да се подготват за нови конфронтации.

https://p.dw.com/p/2vaSy
Ungarn - Premierminister Viktor Orban spricht während der ungarischen Nationalfeiertage
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Виктор Орбан  и неговата партија Фидес веројатно ќе победат на парламентарните избори в недела (08.04).

Изборите во Унгарија уште од пресвртот во 1989 година секогаш се одржуваат во вжештена атмосфера. Но овојпат, пред парламентарните избори во недела, јавноста е наелектризирана како никогаш досега. Националконзервативниот премиер Виктор Орбан и неговата партија Фидес зборуваат за „најважниот избор за Унгарија”, при што во игра ниту повеќе ниту помалку е опстојувањето на унгарската нација која е под закана од „мигрантите” и „меѓународните сили”. За левите и десните опозициски партии пак се работи за спасувањето на правната држава и демократија. Дури и ако се земе во предвид дека во Унгарија тоа е вообичаена предизборна реторика, сепак на овие избори многу нешта се на коцка, како за Унгарија така и за Европа. Виктор Орбан за многу работи е пионер во Европа. Тој пред сѐ е прв премиер на земја членка на ЕУ кој има воспоставена таканаречена нелиберална држава во која голем број принципи и механзми на правната и демократска држава имаат само формална важност. Затоа, колку и да изгледа мала Унгарија со 10 милиони жители, изборите имаат големо значење за Европа и ЕУ.

Ungarn - Premierminister Viktor Orban spricht während der ungarischen Nationalfeiertage
Премиерот во повластена позиција во изборната тркаФотографија: Reuters/M. Djurica

Изборите се „слободни ама нефер”

Промената во Унгарија се гледа и по изборниот систем. Се бираат 199 пратеници од кои 106 во поединечни изборни единици во прв круг, според правилото на мнозинство, како и 93 преку партиски листи според комплексен пропорционален модел. Изборните единици уште пред минатите избори беа формирани во најголем дел според потребите на Фидес, единствената голема унгарска партија. Припадници на унгарско малцинство од соседните држави кои имаат унгарско државјанство смеат да гласаат за партиските листи дури и по пошта, додека унгарски државјани кои работат во странство мора да се појават лично во амбасадите или конзулатите. Поради овие и други услови независните изборни набљудувачи велат дека изборите во Унгарија се „слободни, ама не се фер”, бидејќи на Орбан веќе во старт му обезбедуваат подобра стартна позиција. На последните избори 44 проценти од гласовите беа доволни за обезбедување двотретинско мнозинство.

Прашање е дали партијата на Орбан ќе може да го повтори изборниот успех од 2014. година. Ретко кој изборен набљудувач се осмелува да даде сигурна прогноза, а и анкетите често имаат спротиставени резултати. Најверојатно сценарио е Фидес да постигне апсолутно мнозинство, но да го промаши двотретинското. Тоа најмногу ќе зависи од прашањето во коку изборни единици опозициските партии ќе договорат заеднички кандидат. Ако не го сторат тоа, тогаш практично е веќе извесно дека Фидес ќе победи. Партијата на Орбан е силна речиси колку сите опозициски партии заедно. Таа не располага само со најголемо, туку и со најдисциплинирано избирачко тело.

Ungarn Wahlplakat an einer Bushaltestelle in Budapest
Агресивна изборна кампања пред парламентарните избориФотографија: DW/T. Gosling

Тамаш: Унгарскиот парламент само „параван”

Ново двотретинско мнозинство за Орбан би било само прашање на престиж и од големо симболично значење дома, како и во странство. Практично не му е ни потребно. Тој во изминатите 8 години од неговото владеење ја смени Унгарија практично од корен и за тоа го искористи двотретинското мнозинство. Јавниот сервис, како и приватните медиуми претежно се под контрола на владата или на сопственици блиски до Фидес. Во државната администрација дојде до комплетна промена на елитите, на повеќе клучни места во правосудството се извршители верни на Орбан. Дури и унгарскиот парламент е само „параван” бидејќи речиси и да не заседава, вели левичарскиот филозоф и некогашниот антикомунистички опозиционер Тамаш. Покрај тоа Орбан ја укина локалната самоуправа, така што меѓу градоначалниците и премиерот веќе не постојат други инстанци.

Моќта на Орбан е толку голема и долгорочно зацементирана што теориски дури и во опозиција би останал најсилниот човек во Унгарија. Сепак одржувањето на власта за него е есенцијално прашање бидејќи се работи за, како што вели опозицијата, преживувањето на неговата „мафијашка држава”. Тоа е сликовит израз за тоа дека во изминатите години бизнисмени од семејниот или кругот на пријатели или сопартијци на Орбан дојдоа до делумно несфатливо богатство, често пати преку валкани и нетранспарентни методи.

Повеќе: 

Опозицијата во Унгарија добива шанса против Орбан

Виктор Орбан и пропаста на Европа

„Стоп Сорос“ - почна дебатата за пакетот закони против невладините организации во Унгарија

Голема поларизација

Независни експерти сметаат дека називот „мафијашка држава” е неточен или претеран. Конзервативниот економист Ласло Шчаба од Централниот Универзитет од Будимпешта вели дека Орбан владее преку пренагласена контрола и дека навлегува и длабоко во економските текови на средната класа. Тоа што олигарсите на Орбан на тој начин доаѓаат до богатство е феномен кој на сличен начин може да се види секаде во регионот. Либералниот економист Андраш Инотаи пак зборува за држава на „вазали” во која Орбан претприемништвото во голем дел го прави да зависи од него лично. За бројните наводни или докажани корупциски афери во Унгарија во јавноста сѐ повеќе се шири незадоволство. И за опозицијата тоа е една од главните теми во предизборната кампања. Орбан пак се обидува на незадоволството да одговори со уште поголема поларизација. Вели дека ако не остане на власт Унгарија ќе пропадне. Таквата реторика може да ја сфатиме и како најава за тоа што може да се очекува од Орбан и неговата влада во случај на победа, а тоа секако не значи намалување на тензиите. Тој уште во 2014 година по изборната победа ја отфрли идејата за попрагматична политика којашто во Фидес интерно беше дискутирана. Унгарците а и Европа треба да бидат подготвени на можни нови тензии.