1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партизански борци во Украина

Катрин Ајгендорф / Жана Ацеска8 јуни 2014

Привремената влада во Киев врбува доброволци за новата Национална гарда. Жените и мажите треба да се подготвуваат во професионални центри за обука и легално да добијат оружје. Целта е одбрана на татковината од Русија.

https://p.dw.com/p/1C0Rn
Фотографија: Reuters

Алесија, Ања и Јулија тренираат за војна во воен логор за обука во шумите кај Киев - три дена обука за ракување со оружје, три дена подготовка за партизанска борба.

„По последните настани во нашата земја, ова може бргу да стане актуелно. Мислам дека треба да знам да ракувам со оружје и да пукам“, вели студентката Алесија

„Мора да имаш воена обука. Разговарав со мајка ми околу тоа. Таа во училиште имала воена обука. Неа треба секој да ја помине. Посебно кога ќе се земе во предвид актуелната ситуација во нашата земја - за нашата генерација е неопходна воена обука“, дополнува Ања.

Инженерот Насан исто така учествува во обуката: „Сакам да научам да ја бранам мојата татковина“.

Секоја да може да ја брани Украина

Генадиј Друзенко всушност е правник. Тој го изнајмил кампот со еден пријател и ни покажува една од просториите за спиење. Секој викенд тие овде носат по 50 луѓе. Кампот е финансиран од донации и такса од учесниците од околу 25 евра.

„Не сме сите млади и не сме сите Рамбо, но ако обучиме еден милион луѓе, дури ни кинеската армија не може да не‘ победи, а да не зборувам за трупите на Путин“, вели Друзенко.

Девојките овој викенд тренираат и борба внатре во објекти. В понеделник повторно ќе бидат на универзитет, некаде во Харков или Киев. Ќе учат јазици или право. Но, подготовки за војна нема само овде.

Grenze zwischen Russland und der Ukraine
Проблематичен е истокот на земјата и посебно границата со Русија, низ која минуваат руски борци и оружјеФотографија: picture-alliance/Photoagency Interpress

Во Киев поранешната премиерка Јулија Тимошенко ги повика своите сограѓани на борба против Русија. Таа за советници има воени ветерани, кои треба да предводат движење на отпорот.

„Постои голем ризик Путин да ја окупира цела Украина, а кога гледаме како денес работат Министерството за одбрана и безбедносната служба, тогаш на секој граѓанин на Украина треба да му се даде можност да ја брани својата земја“, бара Тимошенко.

Симулација на спасување ранети

„Доста е. Носете го брзо, може веднаш да ви умре“, повикува инструкторката Тања. Луѓето трчаат за да го спасат својот ранет другар. Ваква ситуација на многумина им е позната. Тие беа присутни на киевскиот Мајдан кога во февруари се пукаше. Тогаш биле беспомошни, но сега имаат оружје и научија да се бранат.

„Многу би сакала моите знаења никогаш да не бидат потребни, но тоа веројатно останува само мој сон, со оглед на тоа како се однесува Русија. Украина сака мир, а сепак мора да се подготвува за војна“, истакнува Тања.

Доброволците не се радикали, како насилниците од Десен сектор. Студенти, професори, правници, сосем обични граѓани овде лежат на земја и вежбаат да пукаат. Инструкторите го имаат изнајмено оружјето, сосем легално - во соседството има приватен клуб, еден вид стрелачко здружение.

Евгениј Ахматов е татко - има три деца, а четвртото е на пат. Некогашниот војник ги пренесува своите знаења како воен инструктор: „Тие се подготвени и воопшто немаат страв. Најголем дел од нив се верници кои не се плашат од смрт“.

Долга листа на чекање

На крајот на обуката се пука со вистинска муниција. Секој добива шест куршуми, шест истрели за да се вежба ако вистински затреба. Најголемиот дел првпат држат оружје в рака. Инструкторите веќе обучиле над 300 луѓе. Листата на чекање за следната обука во логорот е долга.

Доброволците се убедени дека овде ги бранат европските вредности, и се надеваат дека тоа го разбираат и луѓето во Берлин и Брисел. Соседите од Полска разбраа, веруваат тие.

„Еден пријател од Полска ми го напиша следното: вие сте единствената европска нација која потсетува на тоа што е достоинство и слобода, и која е подготвена да страда и да умре за нив, додека ние во Брисел дискутираме за формата на доматите“, раскажува Генадиј Рдузенко.

Тие се решени да се борат за Украина. Прво ќе си заминат дома и ќе чекаат. Но, во секое време се подготвени на акција.