1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партијата и кандидатот на партијата

Гордан Георгиев
9 април 2019

Релативната пристојност со која досега се води претседателската кампања од страна на самите кандидати може да овозможи добар преседан и стандард за во иднина. Колумна на Гордан Георгиев

https://p.dw.com/p/3GW3l
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Следејќи ја периферно претседателската кампања, како и секој „обичен“ граѓанин (да ја употребам таа грда формулација наменета за потенцирање на „необичноста“ на политичарите и јавните личности наспроти сите оние кои никогаш не се појавиле на ТВ), не отстапувам од заклучокот заклучен пред два месеци дека оваа кампања во суштина ќе биде досадна и нема да предизвика поголеми турбуленции во македонското општество. Политиката да биде сместена во рубриката „досадна“ не е нужно лоша работа во една демократија. Тогаш или се’ ви е таман па немате потреба да се заморувате со политика (нашиот замислен идеал претседателот да оди на работа со автобус на ЈСП и пола од граѓаните да не му го знаат името) или пак политичките процеси да се паралелна пруга за вас и за нив станувате заинтересирани само за време на предизборни кампањи и на денот на изборите. Во вториов случај од вас се очекува да донесете рационален избор за кого ќе гласате, врз основа на програмата која сте ја прочитале, или дебатата која сте ја одгледале или пак врз основа на вашата лична идеолошка преференца. 


Оваа „досадност“, проектирана во период од наредните неколку години, пак, може да ја обесмисли и целокупната приказна за потребата од вакви претседателски избори во Република Северна Македонија. Бидејќи целава игра околу македонско-албански кандидат може да ја претвори политичката битка во едноставна првооделенска математика за лесна и редовна победа на мултиетничкиот табор плус неколку скриени непознати во равенката кои обично по изборите добиваат материјализација во форма на политички концесии кон партнерот, бизнис зделки, вработувања итн.
После овие избори ќе се покаже и излишноста на ваквиот начин на избор на претседател, немоќен според Уставот а комплициран за избор и „должен“ на сите страни. Замислете уште на државата да и’ тргне на добро и политичката сцена и општеството да почне да се смирува постепено, со помош на шините наречени ЕУ преговори. Замислете ги следните избори за претседател после пет години. Па тие можат да бидат сосема непотребни, или со никакви шанси за постигнување на цензус или пак со две големи македонско-албански коалиции кои ќе се борат за...ништо! 

Nord-Mazedonien Präsidentschaftskandidat Stevo Pendarovski
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski


Овие избори се помалку и комични од аспект на позицијата на опозицијата. Со гарантирано отсуство на албански гласови, однапред орочено за двата круга, вмровскиот гласач и поддржувач се наоѓа во ситуација да се бори за победа која не може да ја освои и за принципи кои знае дека не може да ги добие. Професорката Силјановска веројатно ќе освои доволен број на гласови за да може Мицковски потоа да се накити со нејзините перја, но веќе денот потоа во десницата ќе почнат да си го поставуваат прашањето: „добро, еве, тоа е резултатот, добар е, не е доволен очигледно, обеливме образ, се боревме за Македонија до крај, ама што правиме сега...а на следните избори, а на тие по нив...како ќе тераме понатаму?!?“
Сепак, актуелните партиски кандидати и особено среќниот добитник од тројцата можеби ќе има една необична задача во текот на својот мандат. Професорската глазура што ја нудат овие кандидати, гарнирана со солидно количество на суета, и речиси неподносливиот притисок кој им го создава јавноста и самите себеси да ја „гарантираат“ сопствената натпартијност, нуди можност за свеж почеток за новиот претседател. Па во однос на бајатиот крај на сегашниов претседател, секој почеток е свеж, би рекол некој. Релативната пристојност со која досега се води претседателската кампања од страна на самите кандидати исто така може да овозможи добар преседан и стандард за во иднина. 

Други колумни од авторот:

-Македонската репрезентација

-Со мала помош на Петар Богојески

-„Македонското сценарио“ и спасителите-месии


Претседателот е потребен да делува натпартиски кога ќе стапи на функција, а секако не е спорно да биде партиски (или член на партија секако) кога се кандидира. Без сомнение, колку и несмасно да се трудат да го докажат спротивното, сегашниве тројца кандидати се партиски. Не затоа што се изнедрени од партијата, туку затоа што кога не би биле поддржани од одредена (голема) партија или коалиција, тие не би можеле да претендираат на добар резултат, не би имале пари за кампања, не би имале никаква логистика од типот на штабови, возила, бини за митинзи и слично. Дури и со обилна поддршка на големите партии, битката за добар резултат ќе биде проблематизирана до самиот крај, до крајот на вториот круг. Самата партиска центрифуга во која беа намерно или неизбежно ставени судените и несудените кандидати кажува многу. Четири еднакво добри кандидати, според квалификациите на Зоран Заев, беа предмет на внатрепартиска одлука во СДСМ. А Влатко Ѓорчев (македонскиот Меси или Роналдо во политиката според Мицковски) и Силјановска беа во другата партиска центрифуга. Искрено, ме чуди зошто толку жестоко се трудат да докажат дека не се тоа што се, иако можам да го разберам, но не и оправдам, нивното автохтоно гнушање од партиската етикета, која е голема, видлива, тешко одлеплива и тешко перлива.  И тука се појавуваат вистинските причини за ова нивно поведение и советите што им ги даваат нивните ПР тимови.

Mazedonien Gordana Siljanovska-Davkova Uni Professorin
Фотографија: DW/P. Stojanovski


Јасно е дека натпартизмот на кандидатите им е потребен за привлекување на непартиските гласови. Некои проценки укажуваат на тоа дека двете главни политички партии во државата на секои парламентарни избори всушност се борат за не повеќе од педесет илјади таканаречени волатилни или летечки гласови. Тоа се оние кои преминуват од еден политички табор во друг, најчесто само преку еднократно давање на својот глас на избори. Останатите две групи на граѓани се или дел од тнр. сигурни партиски гласачи и треба само да се соберат на купче или пак се оние кои остануваат дома од било која причина и не гласаат. Овие педесет илјади летечки гласачи не се секогаш истите луѓе, но квантумот е отприлика ист и целава оваа изборна шарада се прави токму за нив. Овие педесет илјади гласачи се ретките билки за кои партиите и кандидатите се подготвени се’ да направат, од делење на предизборни вниманија (читај: зејтин и брашно) до неподносливи додворувања и цели букети празни зборови за важноста на нивниот глас. 
Како и да завршат овие избори, на оваа тема сум оптимист. Идниот претседател ќе има само-зададена обврска и интелектуалистички порив да ја негува сопствената мета-партиска визура. Неговиот претходник остава цело неизорано поле во оваа смисла, а идните прераспределби и нови шпилови на карти на македонската политичка сцена безмалку ќе го принудат новиот претседател да се однесува повеќе претседателски т.е. да претседава водејќи се од  сопствените принципи но имајќи слух и за принципите и потребите на сите граѓани. Да не биде само резултат од изборната волја, туку екстракт на народната волја.