Пуштена платформата за дигиталните пасоши за вакцинација
2 јуни 2021Европската комисија ја пушти во употреба електронската платформа за проверка на сертификатите кои налето би требало да го олеснат патувањето. Портпарол на Европската комисија изјави дека со тоа се завршени техничките подготовки за дигиталните потврди за вакцинација на ниво на ЕУ.
Седум земји од Унијата веќе почнаа со издавање на дигитални сертификати - Бугарија, Чешка, Данска, Грција Хрватска, Полска и Германија. „Ова е голем успех постигнат многу пред предвидениот рок, кој ни дава уверување дека системот до 1 јули ќе биде целосно во употреба“, изјави портпаролот на Комисијата.
Во Германија од минатата недела во тек се тестирања со дигиталниот пасош за вакцинација во одредени центри за вакцинирање. Притоа се тестира дали граѓаните по вакцинирањето можат да го скенираат сертификатот со помош на апликација. Потоа таквиот доказ за вакцинирање може да се контролира при патување. До крајот на овој квартал, значи до крајот на јуни, се очекува дигиталниот пасош со име „КовПас“ да стартува на ниво на цела држава.
Повеќе:
Со Ковид-пасош до големата слобода, но како?
Пасош за вакцинации на ЕУ: што ќе содржи и кои се предностите?
Шведска и Данска планираат пасоши за вакцинираните
Со сертификат - без обврска за карантин
Еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес од сите земји членки на Европската унија побара во текот на неделите што доаѓаат „да ги подготват целосно националните системи за издавање, меморирање и проверка на сертификатите, за системот да може да профункционира целосно на почетокот на сезоната на одмори“.
Сертификатот би требало да создаде предуслови за граѓаните на ЕУ да можат повторно да патуваат безбедно. ЕУ-државите и Европскиот парламент пред околу две недели постигнаа согласност за сертификат со QR-код. Тој треба да содржи податоци за вакцинации, но и за тестови и за прележан Ковид-19, со што би се олеснило патувањето во земји кои не се членки на ЕУ. Во моментов земјите членки на Унијата работат на решенија за сертификат, кои потоа ќе се бидат заеднички вклучени во ЕУ-платформата. Во членките на ЕУ за сопствениците на сертификат не би требало да важат обврските за карантин и тестирање доколку тоа го дозволува епидемиолошката состојба. Притоа, земјите на ЕУ би можеле да признаваат и вакцини кои сѐ уште немаат добиено дозвола во Унијата.
Голем интерес за дигитален сертификат во Германија
Според истражување на Сојузот за информатичка економија, телекомуникации и нови медиуми - Битком, речиси половината од германските граѓани би користеле дигитален сертификат за вакцинација. Наспроти тоа, околу 15% од граѓаните сметаат дека сертификат на смартфон или таблет не е потребен и не би го користеле. Околу 21% од испитаниците одговориле дека немаат смартфон или таблет, а 15%, пак, сосема отфрлаат вакцинирање.
При анализа на одговорите само на испитаниците кои поседуваат смартфон, се покажува дека 75% од нив сакаат да користат дигитален сертификат. За повеќето од испитаниците дигиталниот сертификат доаѓа предоцна. Додека во Франција и Данска, на пример, веќе има дигитално собирање и прикажување на податоците за вакцинирање, во Германија сѐ уште се чека на дигитализација на пасошите за вакцинација.