1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патот до Париз оди и преку Мадрид

8 јуни 2019

Македонската дипломатија во битката за датумот мора да побара сојузници онаму каде што можеби не ги гледа. Шпанскиот премиер, социјалистот Педро Санчез, е новата моќна сила во ЕУ. И е важен сојузник на Макрон

https://p.dw.com/p/3K3ko
Bulgarien EU-Balkan-Gipfel in Sofia | Macron und Zoran Zaev
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Marin

Шекспир го имортализираше свирепиот макијавелистички англиски крал Ричард Трети со една реченица, која, всушност го означуваше неговиот крај. „Коњ! коњ! моето кралство за коњ!“ извикува Ричард Трети во битката во Босворот кога неговиот коњ беше убиен а неговите соборци почнаа да ја менуваат страната. Ричард Трети доби коњ, битката продолжи, но за кратко беше убиен и со него заврши кралската лоза на Плантагенетите.

Зоран Заев за белгискиот весник „Ле соар“ со слична драматургија вели дека би дал две Нобелови награди за датум за преговори на Европскиот совет. Би дал нешто за кое никој не знае дали би го добил. Без оглед дали ова било кажано повеќе како шега или не, оваа изјава на Заев на свој начин ја отсликува неговата ситуација – дека работите изгледаат полошо отколку што можеби навистина се.

Заборавете на катастрофичната реторика на опозицијата дека владата на Заев ја упропастила Македонија и затоа нема да добие датум (секоја опозиција е како своевиден мршојадец, сака да се нахрани од жртвите); заборавете на одите што доаѓаат од владините ешалони дека тие направиле сѐ што Европа барала од нив, дури повеќе од тоа. Заборавете на вревата по социјалните мрежи, таа неснослива викотница на лажни проповедници и обидете се да ги ставите работите во еден поширок и покомплициран контекст отколку што се барањата од ЕУ за целосни реформи во Македонија. Ако би сакале да бидеме прозаични, па дури и злонамерни, тогаш на лидерите на ЕУ би можеле да им го поставиме прашањето – дали Унгарија (членка на Унијата) сега би можела да добие препорака за преговори по ужасните злоупотреби на демократијата и подјармување на судството и медиумите. Или Чешка, каде нејзиниот популистички премиер се бори против истрагите на ЕУ дека злоупотребил милиони европски фондови за лични цели. Изгледа неправедно – така и е, но тоа не ги решава проблемите.

Bildkombo Flagge EU Albanien Mazedonien
Северна Македонија и Албанија - во „пакет“ во ЕУ или одделно?Фотографија: Imago

Како што денешниве маки со датумот не можат да се решат со повикување на минатогодишните заклучоци на ЕУ дека преговорите ќе се отворат откако ќе почнат да се спроведуваат итните реформски приоритети, договорот за името, позитивниот извештај на Европската комисија и одлука на Советот на ЕУ. Ако се сеќавате, германскиот министер за Европа, Михаил Рот, лани во јуни гневен го напушти министерскиот состанок во Луксембург, оценувајќи ги дискусиите за Македонија „разочарувачки“. Тој тогаш изјави дека Германија е подготвена да ги поддржи Македонија и Албанија на патот кон ЕУ: „Подготвени сме да дадеме зелено светло и би сакал да ги охрабрам и нашите пријатели во Холандија и Франција да ни се придружат“, рече тогаш Рот пред почетокот на состанокот. Тоа не се случи.

Раздвојување на двоецот

Десетина месеци подоцна, на само неколку дена пред европските избори, тогашната француска министерка за Европа, Натали Лоазо, обидувајќи се да им се додвори на гласачите, бидејќи беше носител на листата на партијата на претседателот Емануел Макрон, со нескриена гордост во едно телевизиско интервју изјави, а тоа веднаш го објави и на Твитер: „Кога бев министер за европски прашања го блокирав проширувањето кон Албанија и Северна Македонија“. Тоа додворување не ѝ помогна на поранешната екстремна десничарка од нејзините студентски денови – листата што ја предводеше загуби од екстремистите на Марин Ле Пен. Таа изјава предизвика огромни реакции во кои се наведуваше дека Лоазо, всушност, не ја разбира политиката. Познатиот познавач на ситуацијата во регионот, професорот Џејмс Кер-Линдзи од Лондонската школа за економија, го напиша ова: „Дали вие сфативте дека само што ги засиливте оние гласови во Западен Балкан кои велат дека на ЕУ не треба да ѝ се верува и дека региониот треба да се сврти кон други како Русија и Кина. Ова е изненадувачка изјава. Вие немате со што да се гордеете“.

И Михаил Рот сега нема со што да се гордее. Последните настани во Берлин покажаа дека она за што се залагаше Германија пред една година не е исто со она за што размислува сега. Расправата во Бундестагот околу ратификацијата на Протоколот за НАТО го покажа тоа и соголи дел од политичките актери. Партијата на Ангела Меркел, а веројатно и самата канцеларка, наеднаш стана повоздржана околу Македонија, како да заборавија сѐ што претходно кажаа. Во Холандија, пак, се случува обратно. Откако на политички „елегантен“ начин парламентот го раздвои двоецот Скопје-Тирана барајќи повторно воведување на визите за Албанија поради растечкиот извоз на криминал, холандската влада навести дека ја остава отворена вратата за Македонија на министерскиот состанок на 18 јуни, наведувајќи дека реформите почнале да се спроведуваат. Тоа е важен сигнал, но дали е доволен одлуката на 18 јуни да не биде иста со онаа од лани – продолжување за месец или два, ако не и подолго?

Deutschland Westbalkan-Gipfel Merkel und Macron
Емануел Макрон и Ангела Меркел - што ќе произлезе за Северна Македонија од нивните договориФотографија: Reuters/M. Sohn

Станува сосема јасно дека јадрото на целиот отпор е во Франција. Поради европските избори Париз изврши притисок врз Европската комисија да не го објавува извештајот за напредокот во април, како што требаше да биде, туку некоку дена по гласањето за да спречи проширувањето да биде дел од кампањата. Тоа одложување го стави во временски теснец германскиот Бундестаг без чија одлука владата има заврзани раце. Еден европски дипломат вклучен во процесот на проширување изјави за „Политико“ дека многумина во Брисел мислеле дека Франција ќе го омекне својот став по изборите. „Но по тој твит на Лоазо мислиме дека работите нема да се променат. Ако го повторувате тоа сега, вие нема да го промените ставот за неколку недели“. Кога во април во Париз се одржа телевизиска дебата на 12-те носители на листите за европските избори (поголемиот дел од нив левичари) на прашањето за проширувањето на ЕУ кон Србија само двајца беа „за“, другите целосно против. Се разбира, прашањето не се однесуваше само на Србија, туку за целиот процес на проширување.

Француската стратегија

Париз и Берлин не се на истата страница околу проширувањето, но европските дипломати не веруваат дека тие ќе застанат еден против друг во отворена битка. Тоа се виде и по самитот за Западен Балкан во Берлин во април и претставеното заедништво на Макрон и Меркел. Во Берлин беше најавено дека ист таков самит со балканските лидери ќе се одржи на почетокот на јули во Париз, што ќе биде претходница на собирот на Берлинскиот процес, што овој пат ќе се одржи во полскиот град Познањ, исто така во јули. На него ќе треба да се најде некакво решение за почетокот на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Ден по самитот во Берлин официјален Париз ја објави својата стратегија за Западен Балкан. „Франција сака повторно да се ангажира во регионот од кој на некој начин се повлече на почетокот на 2000“, изјави Макрон. Таа стратегија на Франција се темели на четири области: економски развој, правда, одбрана и безбедност. Но не се споменува проширувањето. Таа всушност не ги претставува чекорите што треба да ги направат земјите од регионот за да стигнат до членството во ЕУ, туку на некој начин спротивно – тоа се чекорите што треба да ги направат земјите за да можат да се развиваат надвор од рамката на проширувањето.

На денот кога во Нормандија се одбележуваа 75-те години од истоварувањето на сојузничките сили со кое се отвори поразот на нацистичкиот режим, во Париз Бујар Османи и Никола Димитров беа во мисија на убедување кај наследничката на Лоазо, Амели де Моншален. Нема доволно податоци каков бил успехот на таа мисија. Ако е точна информацијата на „Зидојче цајтунг“ дека Меркел рекла „не“ за датумот за Македонија во јуни (и дека тоа треба да се остави до октомври) тогаш македонските дипломати треба брзо да разботат промена на стратегијата и повеќе да разберат што се случува во европската битка за поделба на функциите во ЕУ по изборите кои донесоа раздробен Европски парламент. Сосем очигледно е дека проширувањето е ставено на спореден колосек и дека во овој момент тоа не зависи само од индивидуалните постигнувања на земјите, ниту од Преспанскиот договор за нас, ниту од реформите, туку повеќе како да се најде начин да се раздвои двоецот Македонија-Албанија (настаните во Тирана се голем проблем за македонските аспирации), и она поважното – поделбата на власта во ЕУ за наредните пет години. Во таа борба за функции Париз и Берлин имаат сосема различни интереси. Затоа можеби за македонската дипломатија е важно да замине во друга престолнина од каде што е можно да добие повеќе отколку во Париз. Во Мадрид.

Улогата на Педро Санчез

Еве ја поголемата слика. По националните избори во април и европските во мај, шпанскиот премиер, социјалистот Педро Санчез, се појави како една од клучните проевропски фигури на континентот. Со освоените 20 пратеници Социјалистичката партија на Санчез е најсилната во групата на социјалистите каде што е член и СДСМ. Во исто време, голем успех постигнаа и владејачките социјалисти во Португалија на премиерот Антонио Коста. Макрон и Санчез ги делат истите ставови за иднината на ЕУ, за нејзино продлабочување и интегрирање на институциите и веќе создадоа оска за заедничко дејствување (иако партијата на францускиот претседател е во групата на либералите). Ден по европските избори Санчез замина во Париз на вечера со Макрон на координација за следните чекори за да се намали моќта на Европската народна партија и ако може да се спречи именувањето на Манфред Вебер за претседател на Европската комисија. Утредента, во Брисел, Санчез, Португалецот Коста, премиерите на Холандија и Белгија, Марк Руте и Шарл Мишел (двајцата либерали) и Макрон имаа заеднички ручек. Подоцна Санчез замина во Берлин на покана на Меркел. Санчез зборуваше за „извонредна поврзаност“ со Макрон, а Антонио Коста јасно изјави: „Манфред Вебер не смее да стане претседател на ЕК“. За вчеравечер (петок) беше закажана координација на шест европски лидери околу поделбата на функциите и кандидатите за нив. Санчез и Коста се координатори на социјалистите.

Други колумни од авторот:

Вмровско искушение

Дебели балкански лаги

Црвени и други потерници за бегалецот

Британска метла... а и естонска

Има логика во она тврдење дека Меркел сака да го одложи датумот за Македонија до октомври за да има помалку работи за пазарење (особено поради германскиот интерес Албанија да не испадне од датумот). Европската народна партија има само една цел – Германецот Манфред Вебер да стане претседател на Комисијата. Другите функции може да ги подели на оние со кои ќе формира мнозинство во Европскиот парламент. Последниве денови е нагласено умилкувањето на Вебер кон зелените, кој постојано зборува за прашањата на климатските промени. ЕПП би сакала заедно со социјалистите и зелените да го формира новото мнозинство во парламентот и да ги остават настрана либералите на Макрон. Во таа битка има многу понуди: зелените да го добијат местото на претседател на Европскиот парламент; потоа, Ги Верховштат (лидерот на либералите во ЕП) да биде избран на тоа место, со што би била елиминирана еврокомесарката Маргрет Вестагер од Данска, која исто така е од групата на либералите, како конкуренција на Вебер. Социјалистите би го добиле местото на високиот претставник за надворешна политика, а можеби и претседателот на Европскиот совет, а во ЕПП мислат на Макрон да му остане позицијата претседател на Европската банка. Многу зделки на масата – а на неа во оваа трговија има малку место за проширувањето и датумот на Македонија. Тоа е реалната ситуација. Груб пазар. Социјалистите сега имаат намера да ја изолираат ЕПП, како што таа им го правеше тоа ним во претходните години и како најсилна политичка група ги заземаше речиси сите места во ЕУ.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Проблемот за ЕПП, а и за Меркел, е што во Европскиот совет петнаесетина лидери се од либералната група. Во оваа година Шведска и Финска добија социјалдемократски премиери, а минатата среда на изборите во Данска победија социјалдемократите, заедно со левичарскиот блок и за одредено време ќе ја формираат владата. Досегашниот премиер либералот Ларс Локе Расмусен (кој заедно со Франција и Холандија имаше најмногу забелешки за датумот за Македонија), оди во опозиција. За изборот на Вебер е потребна едногласна одлука на лидерите во Европскиот совет, а ЕПП сега таму е во малцинство. Логиката на Меркел за октомври како датум за преговори со Македонија е дел од оваа игра кога треба да се пресмета дали може да изгуби повеќе во ЕУ или да се наруши германскиот углед на Балканот, кој подоцна ќе се крпи со слаткоречиви изјави.

Драматичните изјави на Зоран Заев за тоа дека ЕУ може да ја собори неговата влада доколку замижи пред жртвите што ги направи со Преспанскиот договор, се повеќе сместени во графата меѓу надежта и гневот. Може да помогнат, но нивниот дострел е ограничен. Македонската дипломатија во ова кусо време мора да побара сојузници онаму каде што можеби не ги гледа, затоа што е окупирана да оди само по две-три магистрали. На конгресот на европските социјалисти пролетоска во Лисабон многу македонски социјалдемократи се сликаа со Санчез, сега е потребно да се искористи неговата нова европска моќ за да се дојде до него и да се убеди да го претстави македонското прашање на масата во големата битка за функциите во ЕУ. 

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар